Институт Данте Алигиери, Скопје

Анастасија Ѓурчинова

1-1

На 20 февруари 2009 година се навршија точно 100 години од раѓањето на футуризмот, едно од најреволуционерните движења на 20 век, кое го означи почетокот на авангардите во Европа. Стогодишнината се одбележа пред сe во татковината на футуризмот, Италија, но и во други земји, преку низа културни настани и манифестации: научни собири, симпозиуми, книжевни вечери, перформанси, пригодни публикации, изложби и сл. Меѓу нив, да ги споменеме само грандиозната изложба Футуризмот: експлозивна авангарда, поставена во парискиот центар Жорж Помпиду, изложбата Зборовите на слобода во Музејот на модерната уметност во Њујорк, футуристичката изложба во Тејт галеријата во Лондон, изложбите во десетина италијански градови: Рим, Милано, Роверето, Венеција… Институтот “Данте Алигиери” од Скопје стана дел од ова значајно одбележување преку подготовката на специјален прилог во списанието “Синтези”, каде што на македонски јазик беа објавени пригодни текстови и неколку футуристички манифести, како и преку организирањето на пригодна вечер посветена на футуризмот, чиишто материјали ги објавуваме во оваа пригода. Така, движењето кое се појави пред цел еден век токму како реакција на минатото, на традицијата и на дантеизмот, сега е чествувано од најофицијалните и најпрестижните институции, како што е впрочем и нашето “Данте”.