Институт Данте Алигиери, Скопје

3-1Сместен на самиот југ на Медитеранот веднаш до северното афричко копно, овој италијански остров плени со својата уникатност. Магијата на Сицилија ве освојува уште при самото стапнување на нејзиното тло. Френетичниот дух на народот, локалниот италијански јазик, уличниот хаос можеби  на самиот почеток  ќе ве обесхрабрат но тука е неодоливиот шарм кој единствено го поседува кралицата на Медитеранот и кој дефинитивно ги побива сите коментари. Кога на ова ќе се придодаде сицилијанскиот „џелато“ и традиционалните „каноли“, прекрасните песочни плажи, тесните сокаци од каде наѕираат разгледници, сувенири и камени куќи со раскошни градини, тогаш знаете дека не сте ја згрешиле адресата. Несомнено, станува збор за место со свој идентитет и за сечиј вкус. 3-2За гурманите тука е богатата сицилијанска кујна, за младите, секогаш полните плоштади на кои журката е загарантирана а, пак, за уметничките души ова парче земја нуди архитектура пред која може само со часови да воздивнувате.

Почнувајќи од неповторливите градби на главниот град на Сицилија, Палермо (петти град по големина во Италија), неговите театри, палати, катедралната црква, кои ден денес се мета на милиони туристи од целиот свет, продолжувајќи кон исток до индустрискиот сицилијански центар Катанија, особено атрактивна поради близината на сè уште активниот вулкан Етна, патот ќе ве доведе до Сиракуза, старогрчката убавица покрај Јонското море обоена во бел мермер. За крај, Долината на храмовите во Агриџенто ќе ве врати векови наназад со цел да почувствувате еден далечен свет, полн со митови и антички зданија. Оваа мини обиколка треба да биде проширена со малите неописливи островчиња околу Сицилија како Лампедуза и Фавињана, и секако Месина и Таормина, како дестинации кои во ниту еден случај не би требало да бидат одминати. Оној што има намера да го посети, воопшто не треба да се помисли двапати. 3-3Потребни му се ентузијазам, добар апетит и празен багаж со цел подоцна да го преплави со безброј импресии и авантури од далечниот југ. Добро би му дошло и пакетче палома бидејќи солзите се неизоставен дел при заминувањето. И самите мештани велат дека кога се доаѓа на југ се плаче двапати, при самото пристигнување и во моментите кога се ближи крајот на престојот и кога конечно треба да се вратите во реалноста.

Дарио Тодоровски