Институт Данте Алигиери, Скопје

Дејности


Главните цели на Институтот ДА се промоција и ширење на италијанскиот јазик и култура во Македонија. Освен тоа има и улога на здружение кое промовира различни културни иницијативи како семинари, конференции, филмски и литературни вечери, уметнички изложби, работи на издавачки проекти итн., честопати организирани во тесна соработка со италијанската Амбасада и со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Институтот ДА ги извршува и следните активности:

  • На полето на дидактиката Институтот Данте Алигиери во Скопје организира јазични курсеви за своите членови, нудејќи курсеви по италијански јазик за Македонци како и курсеви по македонски јазик за Италијанци, организирани според заедничката европска рамка за јазици. Во рамките на заедничкиот проект на Институтот Данте Алигиери од Рим и Италијанскиот институт за надворешна трговија (ИЧЕ): Обука и техничка поддршка на јавната администрација на Балканот во секторот на интернационализација на мали и средни претпријатија, Институтот Данте Алигиери со успех го реализираше курсот по деловен италијански јазик за вработените во македонската јавна администрација.
  • Од јануари 2009 година Институтот Данте Алигиери во Скопје е акредитиран како центар за издавање на сертификат за испитите ПЛИДА, организирајќи 2 сесии годишно, за полагање во мај и во ноември.
  • Почнувајќи од 2011 година Институтот организира натпревар по италијански јазик за средношколците на територијата на Р.Македонија. Преку овој настан Институтот воспостави контакт и со професорите по италијански јазик од средните училишта на национално ниво. Победниците на натпреварот беа наградени со библиотека од италијански книги, како и со стипендии за летен курс во централното седиште на Институтот Данте Алигиери во Рим.
  • На полето на културните активности, Институтот Данте Алигиери заедно со италијанската Амбасада и со Катедрата за италијански јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје редовно учествува во организацијата на „Неделата на италијанскиот јазик“, која се одбележува секоја година низ целиот свет. Секој октомври Институтот дава свој придонес кон овој настан одбележувајќи годишнини на разни истакнати личности од италијанската култура, како Де Кирико, Паладио, Леонардо, Караваџо, Пасколи, Павезе, Сангвинети, Табуки, стогодишнината од футуристичкото движење итн. Исто така се организираат предавања, конференции, литературни вечери, уметнички изложби и филмски проекции. ДА активно учествува и на Саемот на книга, настан кој се одржува секоја година во Скопје, организирајќи многубројни промоции,книжевни разговори, поетски вечери во кои учествуваат почитувани личности од италијанската култура и книжевност.
  • Институтот врши и издавачки дејности, го објавува весникот Данте, двојазично издание кое ги следи културните настани поврзани со активностите и целите на Институтот и информира за културните новини кои се од посебно значење за неговите членови и соработници. Покрај тоа Институтот реализираше и проект за превод на антологијата од новата македонска литература на италијански јазик, која под наслов Македонија – литература од соништата е објавена во 2012 година од издавачката куќа „Беса-Салентобукс” (Лече, Италија).