Институт Данте Алигиери, Скопје

2-1Секојдневно си играме со минатото.  Во различно време, навечер, чекајќи го сонот да нè собере, наутро чекајќи истиот да изветрее, или во текот на денот обидувајќи се да заборавиме на еднобразието. Сакаме да мислиме дека работите кои нè одминале сè уште не се избајатени и покрај свесноста дека детски се самозалажуваме, сè повеќе продолжуваме да ги оживуваме. Во тие светови, постојано обновливи, каде се однесуваме како себични собирачи на спомени, боите не избледуваат, ниту, пак, формите се губат. Па, се навраќаме и ги оживуваме како претстава што секој пат е сè подобра.     

За ова и за многу повеќе ни раскажува Стефано Бени во своето најново дело Di tutte le ricchezze каде што мотивот за фантазијата и неминовното оплакување на одминатите денови го заробуваат вниманието на сите оние кои барем малку си дозволуваат наивно да сонуваат.

    Приказната е искусена и прераскажана од професорот Мартин, чија прониклива природа се забележува уште со првите зборови. Лик, кој, или веднаш ќе го засакаме или ќе го гледаме со дистанца низ целата книга. Неговиот карактер осцилира меѓу скромност и умерена ароганција кои се должат на еден живот исполнет со академски титули, свесност дека тоа не е доволно и непрекинат јад. Неговите денови се поделени. Едната половина припаѓа на вообичаените навики на еден старец, а другата е таа што го прави симпатичен за секоја носталгична душа, за сите ретки читатели кои, по завршувањето на книгата, имаат волја барем за уште еден час да останат во неа.

    Ниту најмалку не би сакала да раскажам што се случува позади црвените корици, затоа што чинам дека пру рекламата на било што од ваков вид повеќе е значајно да се пренесе енергијата на приказната макар од строго лично видување, па, ако имам среќа, ќе убедам барем неколкумина да ми се придружат во илјадниците интерпретации.

    Ова се записи за кои би можела многу да зборувам, да си го збогатам и личниот впечаток и да дадам уште поголема густина на моето уверување дека се работи за нешто кое и по неговото завршување ќе продолжи да трае.

    Ова е роман за сите убавини. Напишан за тие кои веруваат во митови и легенди, за кои фантазијата е подеднакво прифатлива колку и реалноста . За оние кои не очекуваат среќен крај и се радуваат и ги разбираат старечките занеси, понекогаш посакувајќи ги и за себе истите невообичаени лудости. За тие кои разбираат дека не секогаш е нужно да се бара само една вистина.

Катарина Величковска