(…)
Со нашето синтетичко движење во театарот, ние сакаме да ја уништиме Техниката, која од античка Грција до денес, наместо да се поедностави станува сe подогматска, глупаво логична, перфекционистичка, педантна, задушувачка.
Значи:
- Глупаво е да се напишат сто страници за нешто за кое е доволна и една страница, само затоа што публиката поради навика и поради инфантилна инстинктивност сака да види како карактерот на ликот се создава од низа настани и има потреба да се залажува дека самиот лик навистина постои за да може да ја цени неговата уметничка вредност, а не сака да ја признае вредноста доколку авторот се ограничи да го престави ликот само со неколку црти.
- Глупаво е да не се побуниме против предрасудата на театралноста кога самиот живот (кој е составен од бескрајно позаплеткани, порегулирани и понепредвидливи дејствија од оние што се одвиваат во полето на уметноста) е најголемиот антитеатрален лик и дури и во таа негова улога нуди бесконечни сценски можности. Сe е театрално кога има вредност.
- Глупаво е да се задоволи примитивноста на толпите, кои на крајот сакаат да го видат триумфот на симпатичниот лик и поразот на антипатичниот.
- Глупаво е да се посветува внимание на веродостојноста (која претставува чиста апсурдност затоа што вредноста и генијалноста воопшто не се согласуваат со неа).
- Глупаво е да сакате да го објасните со детална логика она што имате намера да го претставите, затоа што и во животот никогаш не ни се случува целосно да опфатиме еден настан, со сите негови причини и последици, затоа што реалноста ни вибрира наоколу, нe напаѓа со шибања на фрагменти на факти искомбинирани меѓу себе, заглавени едни во други, збркани, вплеткани, хаотизирани. На пример, глупаво е да се претстави на сцената расправија меѓу две личности, секогаш подредено, логично и јасно, кога во нашето животно искуство ние гледаме само парчиња од караница, на кои нашата активност на модерни луѓе ни дозволила да присуствуваме за миг во трамвај, во кафуле, на станица, и кои останале снимени во нашиот дух како динамички фрагментирани синфонии од гестови, зборови, бучава и светлина.
- Глупаво е да се потчиниме на наредбите на крешендото, на подготвувањето и на максималниот ефект на крајот.
- Глупаво е да дозволиме да ја натоварат нашата генијалност со бремето на техниката која сите (дури и идиотите) можат да ја научат со постојано учење, работа и трпение.
- Глупаво е да се откажеме од динамичниот скок во празнината на тоталната креација надвор од сите истражени полиња.
Динамично, истовремено, т.е. родено од импровизацијата, од молскавичната интуиција, од сугестивната и откривачка актуелност. Ние веруваме дека секое нешто има вредност доколку е импровизирано (часови, минути, секунди) и не е подготувано долго (месеци, години, векови).
(Превод од италијански: Катерина Сотирова)