Институт Данте Алигиери, Скопје

1912

8-1

Во авион, седнат над резервоарот за бензин, откако утробата ми зовре од хаотичниот авиjатичарски ум, јас почувствував глупава бесполезност од старата синтакса наследена од Хомер. Бесна потреба да се ослободат зборовите, извлекувајќи ги надвор од затворот на латинската фраза! Се разбира, таа, како и секој имбецил, има една глава што мисли надалеку, една утроба, две нозе и две рамни стапала но никогаш нема да има две крилја, туку само она што е потребно за да чекори, да потрча за миг и речиси веднаш да застане, бревтајќи!

Еве што ми кажа перката што вртеше, додека јас шишав на двеста метри над моќните милански оџаци.

Перката додаде:

  1. Треба да се уништи синтaксата, нафрлајќи ги именките по случајност, како што се раѓаат.
  2. Глаголот треба да се користи во инфинитив, за еластично да се приспособи на именката, а не да се подложи на писателовото јас, кое набљудува или замислува. Глаголот во инфинитив може само да даде смисол за континуитетот на животот и еластичност на интуицијата што го перцепира.
  3. Треба да се укине придавката, за голата именка да си ја сочува нејзината суштествена боја. Придавката, бидејќи ја содржи во себе нијансата, е незамислива за нашата динамична визија, бидејќи предвидува некакво запирање, размислување.
  4. Треба да се укне прилогот, стара копча што зборовите ги одржува соединети еден со друг. Прилогот во реченицата го задржува здодевното единство на тонот.
  5. Секоја именка треба да има свој двојник, односно на именката, без да се употреби сврзник треба да и’ следи друга именка со која е блиска по аналогија. Пример: човек-торпедо, жена-залив, наплив-осека, плоштад-инка, врата- славина. Бидејќи воздушната брзина ги умножи нашите познавања на светот, перцепцијата по пат на аналогија на човекот му станува сe поприродна. Значи, треба да се потиснат како, кој, така, слично на. И уште подобро, треба директно да се слее предметот со сликата што тој ја евоцира, создавајќи ја смалена во умот, само преку еден суштествен збор.
  6. Да се укине и интерпункцијата. Бидејќи се истиснати придавките, прилозите и сврзниците, при разнородниот континуитет на живиот стил што се создава самиот од себе, интерпункцијата, нормално, се брише; ги нема веќе бесмислените запирања кај запирките и кај точките. За да се нагласат одредени движења и да се посочат нивните правци, ќе се употребуваат математичките знаци: + – X : = > <, како и знаците од музиката..
  7. Досега, писателите беа препуштени на лесната аналогија. Го споредуваа, на пример животното со човекот или пак, со друго животно, што горе- долу соодветствува на еден вид фотографија. (на пример го споредуваа фокс- териерот со малечко чистокрвно куче. Други, понапредни, истиот тој немирен фокс-териер го споредуваа со мал морзеов апарат.
    Јас пак, го споредувам со вода што врие. Овде постои градација на најопсежни аналогии, се создаваат сe подлабоки и поцврсти односи, независно од тоа колку се далечни концептите меѓу себе.
    Аналогијата не е ништо друго туку длабока љубов што ги поврзува далечните нешта, навидум различни и непријателски настроени. Само преку многу опсежни аналогии разнородниот стил, едновремено полихроматски, полифониски и полиморфен, може да го опфати животот на материјата.(…)
  8. Нема категории на слики, благородни или непрефинети или вулгарни, ексцентрични или природни. Интуицијата што нив ги перцепира нема ниту преференци ниту предрасуди. Стилот сочинет од аналогии е апсолутен господар на сета материја и на нејзиниот интензивен живот.
  9. За да се овозможат последователните движења на одреден предмет, треба да се даде синџирот на аналогии што тој ги поттикнува, секоја од нив кондензирана, збрана во еден потребен збор (…) Во одредени случаи сликите треба да се соединат две по две, како сврзани ѓулиња, кои во својот лет смачкуваат цела група на дрвја. За да се обвие и собере сето она што најмногу се измолкнува и е најнедостижно во материјата, треба да се создаде цврста мрежа од слики или аналогии, кои ќе бидат фрлени во мистериозното море на феномените Освен традиционалната декоративна форма, во овој период Футуристот Мафарка1 е пример за слична густа мрежа на слики:
    Сета кисела сладост на изгубената младост му се издигнуваше во грлото, како што од школските дворови веселиот џагор на децата се издигнува кон наставниците потпрени на оградата од терасите од каде што се гледаат толпите што се разбегуваат… (…)
  10. Бидејќи секој востановен ред е производ на внимателната и претпазлива интелигенција, треба да ги устроиме сликите местејќи ги според најголем не ред.
  11. Да се уништи „јас“ во книжевноста, односно сета психологија. Човекот, кој е сосем расипан од библиотеката и од музејот, подведен на ужасно логично размислување и мудрост не е воопшто интересен. Значи, „јас“ во книжевноста мора да го укинеме и конечно да го замениме со материјата, чија суштина треба да се зграпчи со налети на интуиција, а тоа не можат да го сторат ниту физичарите ниту хемичарите.

8-2

Да предизвикаме изненадување преку слободните предмети и необичните мотори, дишењето, сензибилитетот и инстинктите на металите, на камењата, на дрвото итн. Заменете ја психологијата на човекот, речиси исцрпена со лирската опсесија со материјата.

Внимавајте да не и’ припишете на материјата човечки чувства, туку насетете ги нејзините поинакви управувачки импулси, нејзините сили на собирање, ширење, соединување и разединување, нејзините купишта збрани молекули или хаотичните електрони. Не се работи за тоа да се прикажат драмите на хуманизираната материја. Цврстината на челичната плоча е таа што нe интересира заради самата себе, односно неразбирливиот сојуз меѓу молекулите и нејзините електрони, кои, на пример се спротивставуваат на пенетрацијата на топот. Топлината на парчето железо или дрво во нас предизвикува поголема страст од насмевката или солзите на жената. (…) Во книжевноста треба да се воведат трите елементи, кои досега беа запоставувани:

  1. звукот ( приказ на динамиката на предметите)
  2. тежината (способност за летање на предметите)
  3. мирисот (способност на предметите да се расејуваат)

(…)

8-3

Ни’ забележуваат: „Вашата литература нема да биде убава! Повеќе нема да ја имаме вербалната симфонија со хармонични нишања и со смирувачки каденци!“ Тоа е јасно! И каква среќа! Ние, пак, ги користиме сите брутални звуци, сите изразни крици на насилниот живот што нè опкружува. Храбро го твориме „грдото“ во литературата и насекаде ја убиваме свеченоста.

Ајде, ајде! Немојте да се правите големи свештеници кога ме слушате! Секој ден треба да се плука на Олтарот на Уметноста! Ние влегуваме во безграничните владетелства на слободната интуиција. По слободниот стих, еве ги најпосле и зборовите на слобода! (…)

1 Роман на Ф.Т. Маринети објавен во 1909 на француски јазик (заб.прев.)

(Превод од италијански: Ирина Талевска)