Институт Данте Алигиери, Скопје

Филипо Томазо Маринети, Франческо Канџуло, Милано,

11 октомври 1921

Го издигнавме и обновивме Театарот на Вариетe. Во Синтетичкиот театар ја уништивме преокупираноста со техника, веродостојност, непрекината логика и постепена подготовка.

6-1

Во Синтетичкиот театар создадовме нова мешавина на сериозно и комично, на реални и нереални ликови, на преплетување и истовременост на време и простор, драмата на предмети и дисонанците, симулирани прикази, витрини на идеи и на гестови. Ако денес постои некој млад италијански театар со сериозно-комични-гротескни мешавини, нереални ликови во реални средини, истовременост и преплетување на времето и просторот, тогаш своето постоење му го должи на нашиот Синтетички театар. Ние денес му предлагаме на театарот скок понапред. Нашиот Театар на Изненадувањето си поставува за цел да создава забава преку изненадувањето, користејќи ги притоа сите средства, факти идеи контрасти кои ние сe уште не сме ги изнеле на сцената, забавни измешани купишта кои ние сe уште не сме ги искористиле, а можат весело да го разбрануваат човековиот сензибилитет. Повеќе пати изјавивме дека суштински елемент на уметноста е изнадувањето, дека уметничкото дело е автономно, си сличи единствено само на себе и затоа остава впечаток на чудо. На пример, Пролетта на Ботичели, како и многу други ремек-дела, покрај различните вредности на композицијата, ритамот, формите и боите, ја имаше и суштинската вредност на изненадувачката оригиналност. Нашата свест за ова дело, незаконската употреба и имитацијата на оваа слика, ја уништија нејзината вредност да изненадува. Тоа докажува дека култот кон делата од минатото (кои се предмет на восхит, имитирање и плагијаторство), покрај тоа што им нанесува штета на новите креативни гении, исто така е празен и апсурден затоа што денес може да им се восхитуваме, да имитираме и злоупотребуваме само одредени делови од овие уметнички дела. Рафаел, откако реши една своја фреска да ја наслика на еден од ѕидовите на салата на Ватикан која веќе претходно била насликана од Содома, ја изгреба чудесната фреска на овој сликар и го наслика ѕидот во чест на сопствената творечка гордост и уверен дека основната вредност на едно уметничко дело се состои во неговиот изненадувачки приказ. Поради тоа на изненадувањето му даваме апсолутна вредност. Како причина повеќе го наведуваме фактот дека по толку векови полни со генијални дела, кои секое на свој начин умееја да изненадат, денес е навистина многу тешко да изненадиш.

6-2

Во Театарот на изненадувањето каменот кој авторот треба да го фрли мора:

  1. Во целост да го погоди со весело изненадување сензибилитетот на публиката.
  2. Да сугерира континуитет на други многу комични идеи како вода испрскана далеку од концентричните кругови на водата или како повторувачко ехо.
  3. Да предизвика кај публиката апсолутно непредвидени зборови и гестови, затоа што секое изненадување раѓа нови изненадувања на сцената, во публиката во градот истата вечер, следниот ден, до бескрај.

Вежбајќи го италијанскиот дух на максимална еластичност, со сите свои вонлогични спиритуални гимнастики, Театарот на изненадувањето сака да ја оттргне италијанската младина од монотоната погребна деградирачка политичка опсесија.

Да заклучиме: Театарот на изненадувањето покрај сите физиолудости на еден футуристички кафе-концерт со учество на гимнастичари, атлети, ексцентрици, илузионисти, шарлатани, покрај Синтетичкиот театар содржи и Театар-весник на футуристичкото движење и Театар-пластична галерија и динамичко-синоптички декламации на зборови пуштени на слобода преплетени со танцови; поеми зборослободи симулации, музички дискусии импровизирани меѓу пијано, пијано и глас, слободни импровизации на оркестарот итн.

Синтетичкиот театар (формиран од Маринети, Сетимели, Канџуло, Буци, Марио Карли, Фолгоре, Пратела, Џанели, Нанети, Ремо Кити, Марио Деси, Бала, Волт, Деперо, Роњони, Соџети, Масната, Вазати, Алфонсо Долче) победнички беше наложен во Италија од страна на театарските групи: Берти, Нинки, Ѕонкада, Тумијати, Мателди, Петролини, Лучано Молинари; во Париз и во Женева таа улога ја презеде Авангардното здружение Art e Libertè; во Прага истата задача ја изврши чехословачкото здружение на Театарот Свандово.

Нашиот Театар на изненадувањето беше прикажан и наложен од страна на футуристичкото здружение Де Анџелис на публиката во Неапол, Палермо, Рим, Фиренца, Џенова, Торино, Милано, која според негативниот коментар на еден дневен весник беше “застрашувачки весела”. Во Рим приврзаниците на минатото беа навистина дрски и беа натепани од Маринети, од Канџуло и од браќата Форнари. Легендарна е клоцата што сликарот Тото Форнари му ја удри во малиот мозок на еден таков приврзаник на традицијата кој се имаше качено на сцената. Со таа изненадувачка клоца сликарот Форнари го изеде традиционалистот на сцената. Театарот на изненадувањето во Неапол изложи слики од футуристичкиот сликар Пасквалино Канџуло; во Рим беа изложени сликите на Тото Форнари веднаш по успехот на сликарот Бала; во Фиренца беа изложени сликите на футуристичкиот сликар Мараско; во Милано беа изложени сликите на футуристичкиот сликар Бернини. Театарот на изненадувањето наложи дискусии меѓу импровизирачки пијана и пијано и виолончело, измислени од музичарите-футуристи Алдо Мантиа, Марио Бартончини, Виторио Мортари и Франко Балди.

(Превод од италијански: Катерина Сотирова)