Институт Данте Алигиери, Скопје

Бевме будни цела ноќ – јас и моите пријатели под ламбите од џамијата со куполи од перфориран месинг, ѕвездени како нашите души, бидејќи и тие, како и ламбите, се осветлени од затворената секавица на електричното срце. Врз теписите набиени со ориентални мотиви, долго ја газевме нашата атавистичка душевна млакост, разговарајќи на самите крајни граници на логиката, исцрнувајќи многу листови со френетичен ракопис. Неизмерна гордост растеше во нашите гради, бидејќи чувствувавме дека сме единствените кои во тој час беа будни и исправени, како надмени светилници или како смели стражари во очите на војската од непријателски ѕвезди кои мижуркаа од нивните небесни утврдувања. Сами, со ложачите на оган раздвижени пред пеколните печки на големите бродови, сами со тие црни призраци кои ги гребат усвитените стомаци на локомотивите во јуриш, сами со збрканите пијаници, со несигурниот замав на крилјата долж градските ѕидини.

3-1

Во еден миг срипавме, кога го слушнавме громогласниот звук на огромните двокатни трамваи, кои минуваа подрипнувајќи, блескајќи со шарени светилки, небаре села во ек на слава, кои реката По излезена од коритата одеднаш ги растресува и ги искоренува за да ги одвлечка по каскадите и низ вртлозите на потопот сe до морето. Потоа тишината стана потмурна. Но, додека го слушавме истоштеното мрморење на молитвите низ стариот канал и крцкањето на коските под брадите од влага и зеленило на палатите во претсмртен час, веднаш под прозорците го слушнавме ‘ржењето на полакомените автомобили.

– Да одиме, реков јас, да одиме, пријатели! Да заминеме! Митологијата и мистичниот идеал се конечно надминати. Ние сме на прагот да сведочиме за раѓањето на Кентаурот и наскоро ќе видиме како летаат првите Ангели!… Потребно е да се занишаат портите на животот за да се проверат нивните рамови и резиња!… Да заминеме! Еве, на Земјата- првата зора! Нема ништо рамно на сјајот од црвениот меч на сонцето, кое за прв пат се мечува со нашите милениумски темнини!…

Се доближивме до трите зазбревтани ѕверки, за да минеме љубовно по нивните вжештени гради. Јас се испружив на мојот автомобил како мртовец во ковчег, но веднаш воскреснав под воланот – сечило од гилјотина што му се закануваше на мојот стомак.

Бесниот замав на лудилото нe откина од себеси и нe фрли низ улиците, стрмни и длабоки како коритата на брзаците. Овде-онде, по некоја разболена ламба зад некаков прозорец нe учеше да ја презираме дволичната математика во нашите смртни очи.

Јас викнав: Мирисот, само мирисот им е доволен на ѕверовите!

А ние, како млади лавови ја следевме Смртта, космата и прошарана со бледи крстови, која брзаше низ пространото модро небо, живо и пулсирачко.

Сепак, немавме идеален Љубовник, кој ќе ја издигне неговата возвишена силуета до небото, ниту пак сурова Кралица на која ќе $ ги оддадеме нашите трупови, згрчени налик на византиски јагниња. Ништо за да ја посакаме смртта, освен желбата конечно да се ослободиме од нашата претешка храброст!

А ние брзавме, смачкувајќи ги крај праговите од куќите кучињата- чувари, кои се замотуваа околу нашите усвитени гуми како јаки од кошула притиснати под пегла. Смртта, припитомена, ме преминуваше на секоја кривина за да ми ја подаде грациозно шепата и од време на време се истегнуваше на земја со звук на вилици што чкрипат, праќајќи ми кај секој вир кадифени и милни погледи.

– Да излеземе од мудроста како од ужасна корупка, и да се фрлиме, како овошки зачинети со гордост, во бескрајната и искривена уста на ветрот!… Да станеме залак на Непознатото, не од очај, туку единствено за да ги пополниме длабоките бунари на Апсурдното! Штотуку ги изговорив овие зборови нагло свртев во полн круг, со замелушеност на куче кое се обидува да си ја гризне опашката, кога еве, одеднаш ми наидоа двајца велосипедисти кои ми направија белја, колебајќи се пред мене како две мисли, и двете убедливи и не помалку контрадикторни. Нивната глупава дилема дискутираше на мојата територија… Каква досада! Ах!… нагло пресеков и за невојла, се превртев во еден ендек со тркалата во воздух…

Ох, мајчински ендеку, речиси преполн со каллива вода! Убав ендеку налик на работилница! Јас лакомо ја вкусив твојата окрепувачка тиња, којашто ме потсети на светата црна дојка на мојата суданска доилка… Кога станав – распартален, гнасен и смрдлив- од под превртениот автомобил, почувствував како низ срцето слатко ми мина вжештената преса на радоста!

Една толпа рибари наоружани со јадици и натуралисти со потечени зглобови веќе вревеше околу чудото. Со трпелива и внимателна грижа, луѓето извадија огромни механизми и железни мрежи за да го уловат мојот автомобил, сличен на големо зариено морско куче. Автомобилот полека излезе од ендекот, оставајќи ги на дното небаре крлушки, својата тешка каросерија на разумот и меките, удобни тапацири.

Мислеа дека е мртво, моето убаво морско куче, но моето нежно милување беше доволно да го поврати во живот, и еве го воскреснато, еве го одново во трк со неговите моќни перки!

Тогаш, со лицето замастено со работилничка тиња – смеса од метални остатоци, непотребна пот, небесни саѓи

– ние, со скршеници и преврзани раце, но бестрашни, ги соопштивме нашите први барања до сите живи луѓе на земјава:

Манифест на Футуризмот

  1. Ние сакаме да ја опејуваме љубовта кон опасноста, навиката за енергично и непромислено дејствување.
  2. Храброста, смелоста, бунтовништвото ќе бидат суштинските елементи на нашата поезија.
  3. Литературата досега ја воздигнуваше задуманата неподвижност, екстазата и сонот. Ние сакаме да го воздигнеме агресивното дејство, трескавичната несоница, движењето во трк, скоковите во височина, шлаканицата и тупаницата.
  4. Ние тврдиме дека величественоста на светот се збогати со уште една нова убавина: убавината на брзината. Тркачки автомобил со хауба накитена со големи цевки, слични на змии со експлодирачки здив…автомобил што ’ржи, кој се чини дека се движи врз истрели од митралез и поубав од самотрачката Нике.
  5. Ние сакаме да го воспеваме човекот кој го држи воланот, чие идеално копје минува низ Земјата, исфрлена за да кружи брзум во својата орбита.
  6. Поетот треба да запне со жар, раскош и дарежливост за да ја зголеми ентузијастичката треска на примордијалните елементи.
  7. Веќе не постои убавина, освен во борбата. Ниту едно дело што нема агресивен карактер не може да биде врвно дело. Поезијата треба да се замисли како силен напад против непознатите сили, за да ги спречи да се протегнат пред човекот.
  8. Ние се наоѓаме на крајниот изданок на вековите!…
    Зошто мора да гледаме зад нас, ако сакаме да ги срушиме мистериозните порти на Невозможното? Времето и просторот умреле вчера. Ние веќе живееме во апсолутот, бидејќи веќе ја создадовме крајната сеприсутна брзина.
  9. Ние сакаме да ја славиме војната – единствената хигиеничарка на светот- милитаризмот, патриотизмот, уништувачкиот гест на борците за слобода, убавите идеи за кои вреди да се умре и презирањето на жената.
  10. Ние сакаме да ги уништиме музеите, библиотеките, академиите од секаков вид и да се бориме против морализмот, феминизмот и против секаква опортунистичка и користољубива понизност.
  11. Ние ќе ги опеваме големите толпи раздвижени од работа, од задоволство или од буна: ќе ги опеваме разнобојните и полифонични револуционерни бранови во модерните главни градови; ќе го опеваме вибрирачкиот вечерен трепет на градилиштата и бродоградилиштата запалени од нападните електрични месечини; станиците- лакоми гнетачи на змии кои чадат; работилниците закачени за облаците со свиените нишки на нивниот чад; мостовите налик на гигантски гимнастичари што ги прескокнуваат реките, кои со отсјај на ножеви светкаат на сонцето; авантуристичките бродови кои го душкаат хоризонтот, широкоградите локомотиви кои ги гмечат шините како огромни челични коњи зауздани со цевки и летот на авионите што чиниш се лизгаат по воздухот, чија перка како знаме се виори на ветрот и изгледа дека аплаудира како толпа полна со ентузијазам.

Овој манифест на разнебитувачкото и разгорувачко насилство го праќаме од Италија. Со него денес го основаме Футуризмот, бидејќи сакаме оваа земја да ја ослободиме од смрдливата гангрена на професори, археолози, цицерони и антиквари. (…)

Ф. Т. Маринети

(Превод од италијански: Ирина Талевска)