Колку манифести во сто години футуризам?
“Футуризмот не можеше да се роди никаде на друго место, освен во Италија”, изјави во една пригода еден од најталентираните учесници во движењето, поетот Алдо Палацески. Се разбира, Палацески своето тврдење го засновува на фактот дека Италија како земја отсекогаш била премногу свртена кон минатото, имајќи ја зад себе славната римска традиција и огромната концентрација на историски и уметнички артефакти од разни епохи на својата територија. Токму таа опсесија со минатото, во мигот кога се раѓаат авангардите во Европа, ќе предизвика желба за радикален раскин со истото тоа минато и нагло, остро и безмилосно свртување кон иднината. Така ќе се случи италијанските футуристи наеднаш и сосема беспоштедно да прекинат со обожавање на антиквитетите и музеите, а да ги одберат новите техники и технологии за предмет на својот восхит и поклонение.
Уметноста од почетокот на 20 век, да го парафразираме Хајдегер, имаше задача да ја раскаже смислата за едно време “без смисла”. Но, уметноста на авангардата, според Зигмунт Бауман, не се задоволуваше само со тоа да го претстави светот онаков каков што беше; таа сакаше него и да го измени, да го подобри, да го издигне и да го облагороди.
Каде, во овој контекст, би се нашла поетиката на футуризмот?
Денес, точно 100 години од неговото раѓање, футуризмот парадоксално и самиот станал минато, историја, само дел од непрекинатиот историски континуитет на човековиот гениј. На многумина им се гледа како некој метеор, кој се појавил наеднаш и ненајавено на небото на авангардата. Оставил ли футуризмот трага на тоа небо? Во секој случај, сите се согласни дека е тоа првото италијанско книжевно, уметничко, интелектуално и културно движење кое доживеало широк одглас во Европа. Поточно, првото движење, можеби по ренесансата, кое излегло од тесните граници на Италија и станало европски, ако не и светски феномен.
Еден од основните облици на пројава на футуристичките идеи се манифестите. Затоа, футуризмот е, главно, колективна уметност. Пишувањето манифести веќе било воспоставена мода меѓу застапниците на модерната уметност. Но, во футуризмот манифестите не се само теориска поддршка на уметноста, туку непосреден облик на акција, еден вид конкретно авторско дејствување. Во мигот кога е објавен првиот манифест на футуризмот во парискиот весник Фигаро, сe уште немало ниту една книга, ниту една песна, ниту една слика од футуристички карактер. Манифестот самиот по себе е формата низ која се изразува футуризмот. Тоа е еден нов книжевен жанр, нов рекламен медиум, отворен и спектакуларен, повеќе наменет за рецитирање отколку за читање. Производството на манифести во футуризмот е интензивно и постојано, сеопфатно, проткаено со истата доза на енергија и на динамизам како и создавањето на уметничките дела.
Во првите десет години од футуризмот Маринети успеал да собере огромен број манифести и од нив да состави дури три одделни антологии. Науката утврдила дека до крајот на неговиот живот, до 1944 година, која многумина ја сметаат и за гранична година на футуризмот воопшто, биле напишани и објавени вкупно тристотини дваесет и три манифести. Тие вообичаено имаат едноставни наслови, кои објаснуваат на која уметност или појава £ се посветени: Манифест за основање на футуризмот (1909), Манифест на футуристичкото сликарство (1910), на футуристичката музика (1911), на футуристичката литература (1912), на футуристичката скулптура (1912), на футуристичката архитектура (1913), на футуристичкиот филм (1916), на футуристичката наука (1916), на футуристичката жена, кујна, мода и сл. Понекогаш, манифестите имаат многу посмели и поиндикативни наслови: Против љубовта и парламентаризмот!, Да ја убиеме светлината на месечината!, Против старовремската Венеција!, Уживаме да бидеме исвиркани!, Футуристички манифест на разблудноста, Манифест за футуристичка реконструкција на универзумот и т.н. и т.н.
Футуристичките манифести биле објавувани на страниците на списанијата, рецитирани на провокативните футуристички вечери, лепени како плакати, раздавани по улиците. Понекогаш, манифестите биле растурани по плоштадите во вид на вистински хепенинг, како на пример тогаш кога 100 000 летоци со антивенециска содржина биле исфрлени од страна на Маринети и неговите пријатели од Саат кулата на плоштадот Свети Марко, врз разлутената толпа граѓани на Венеција. А токму овој град, како симбол на минатото, како град-музеј и замрзната атмосфера од некои стари, одминати времиња, особено често бил предмет на потсмев и презир од страна на футуристите. Во летокот Маринети им се потсмевал на најпрепознатливите симболи на Венеција, нарекувајќи ги, на пример, гондолите “големи фотелји-нишалки за идиоти” и предлагал “малите смрдливи канали да се затрупаат со урнатините од околните стари, лепрозни палати”, за да се подготви “раѓањето на една нова Венеција, индустриска и воена сила, која ќе доминира над Јадранот, тоа големо езеро на Италијанците!” Сето ова, се разбира, во согласност со нагласениот патриотизам и национализам на футуристите, што наскоро неизбежно ќе ги доближи и до настапувачкиот фашизам во Италија.
Комплексен е односот помеѓу футуризмот и фашизмот. По Првата светска војна Маринети ги формира првите групи наречени “футуристички фаши”, а од 1918 г. датира и “Политичката партија на футуристите”. Уште во својот прв Политички манифест на футуризмот, (објавен во 1913 година), Маринети пропагирал националистички идеи, извикувајќи: “Зборот Италија треба да доминира над зборот Слобода. (…) Потребна ни е цинична, итра и агресивна надворешна политика. Колонијален експанзионизам. Иредентизам. Панитализам….” Во годините што следат футуризмот повеќе пати се доближува и се оддалечува од позицијата на Мусолини. Тоа се должи, главно, на несогласувањето со авторитарноста и апсолутизмот на политичкиот водач, на строгата хиерархија внатре во партијата и духот на тоталитаризмот кој го задушува анархичниот карактер на футуризмот. Сепак, откако фашистичкиот режим ќе стапи на власт во Италија (во 1922 г. ) и ќе се зацврсти на таа позиција, останувајќи да владее цели дваесет години, Маринети повторно ќе се приклони кон него. Со својата активна националистичка реторика ќе стане еден од најверните поддржувачи на Мусолини, обезбедувајќи си за себе статус на државен интелектуалец, а во 1929 година и членство во националната Академија на Италија. За жал, приклонувањето кон владејачкиот режим неповратно ќе го уништи бунтовниот и револуционерен дух на футуризмот како движење, кое, според најголем број историчари, згаснува токму во 1920 година. Во годините што следат добива церемонијален карактер, се претвора во книжевна школа, околу која се собирале неговите епигони, без нови идеи и без познатата инвентивност и провокативност во настапите.
Футуризмот е интересен додека претставува екстремна варијанта на авангардата, иако е тој во основата сепак еден вид “програмиран екстремизам”. Движењето, енергијата, забрзувањето и динамизмот се неговите основни концепти, а посакувани ефекти се шокот и шлаканицата, упатени, главно, до граѓанскиот вкус и морал. “Оригиналност без граници и по секоја цена”, тоа е основно мото на футуристите. Нивната енергија, сепак, е деструктивна енергија, енергија на силните насочена против немоќта на слабите. Затоа, футуризмот е и славење на војната во националистички клуч, како прилика за радикална обнова на светот, т.е. како негова единствена “хигиена”.
Футуристите бараат целосна и апсолутна интеграција на уметноста и животот. Уметноста треба да се прилагоди на брзината на машините, а зборовите, односно текстовите да блескаат и да звучат како огномет. Тие секогаш £ даваат примат на имагинацијата за сметка на интелигенцијата и го фалат лудилото наспроти рационалноста на граѓанското општество. Една од највисоките точки на футуризмот е теоријата на симултаноста: во еден миг да се соберат сите аспекти на стварноста во движење. Затоа, единственото време што тие го признаваат е инфинитивот: неопределено, несвршено, недефинирано време. Футуристите ги бришат границите помеѓу уметностите, постигнувајќи го тоа спреку серија од нови технички пронајдоци. Но најдобри резултати, сепак, не дале во литературата, туку во сликарството, скулптурата и архитектурата, т.е. во фигуративните уметности. Прокламираната желба за провокација, скандал и директен контакт со публиката особено му одговара на развојот на футуристичкиот театар. Театарот бездруго претставува идеален инструмент на пропагандата.
Преку овој медиум футуристите знаеле дека можат да го постигнат најзначајниот удар врз кутрата, неподготвена граѓанска публика. Футуристите составиле повеќе манифести посветени на театарот: Манифест на драматурзите футуристи, Театар на вариете’, Театар на изненадувањето, Манифест за синтетскиот театар и сл. Во нив се залагаат за неколку основни нешта: за трансформација на ликот, кој наеднаш е сведен само на марионета, амблем или алузија, за активно учество на сценографијата и светлото, за нова, нехронолошка концепција за времето, за слободна употреба на деловите од човековото тело и особено за активно соучество на гледачите. На футуристите им е најважно да предизвикаат презир од страна на публиката; таа никако не смее да биде задоволна во своите очекувања. А само неуспехот на претставата го гарантира успехот на провокацијата.
Оттаму “уживањето да се биде исвиркан”, оти ако ве исвиркаат, тоа значи дека сте понудиле нешто ново и убаво, а ако ви ракоплескаат, тогаш сте на нивото на медиокритетот и она што сте го понудиле било нешто сосема просечно и банално. Всушност, футуристичките претстави често претставувале комплексни вечерни настани; се состоеле од читање на поетски текстови, рецитирање на футуристички манифести, изведување на музички партитури (во духот на бучавата од футуристичката музика – т.н. руморизам), изложување на нивните уметнички дела, малку танц, скечеви и сл. А сето тоа со активно соучество на публиката, кое најчесто завршувало со директен физички судир, т.е. со тепачка. Некои хроники тврдат дека публиката љубопитно и со задоволство доаѓала на овие претстави, затоа што тие редовно завршувале со фрлање скапан зеленчук по актерите, а мошне често и со интервенција на полицијата.
Особено е интересен и сe уште недоволно проучен, односот помеѓу футуризмот и жената. На почетокот футуристите како да ја игнорираат и запоставуваат втората половина од човештвото. Сиот нивни ерос е насочен единствено кон машината. Основачкиот манифест на футуризмот дури и отворено говори за “презир кон жената”. Маринети всушност го критикува вековниот статус на жената како муза, како femme fatale, ја осудува нејзината традиционална покорност, инертност и сентименталност. Нему мошне отворено, храбро и енергично му одговара Валентина де Сен-Поен, во својот Манифест на футуристичката жена, каде што сосема во духот на новото движење ја глорифицира примордијалната сензуалност и силната, “мажествена”, херојска природа на жената. Подоцна и Маринети, во манифестот Како се заведуваат жените излегува од претходната ограничена концепција, станува многу поангажиран и категорично бара: право на глас за жените, укинувањена авторитетот на мажот, право на развод, обезвреднување и постепено укинување на бракот, обезвреднување на концептот на невиноста, потсмевање со љубомората, право на слободна љубов и сл. Сепак, футуризмот не оди рака под рака со феминизмот, кого футурист(к)ите го сметаат за “политичка грешка”, бидејќи, според нив, на жената не и’ е потр7ебна политичка еманципација, туку нејзино директно и активно вклучување во револуцијата! Доказ за раширеноста на футуризмот во сите домени на човековиот живот и делување се и манифестите посветени на музиката, филмот, модата и кујната. Особено интересни резултати дало поврзувањето на футуризмот и гастрономијата. Некои автори сметаат дека е природно во својата сеопфатност футуризмот да ги вклучи и вкусовите и исхраната, бидејќи јадењето, кое ги обединува мирисот, вкусот, видот и допирот, е вистински израз на синестезијата т.е. симултаноста на сензациите. Футуристите во еден манифест се искажале и против тестенините, како основна исхрана на Италијанците, сметајќи ги за храна на сиромашните, која на човекот не му ја обезбедува доволната сила и енергија за херојско делување. Провокативноста, пак, на една футуристичка вечера, која навистина се одржала во Трст во 1930 година, е пресвртувањето на вообичаениот редослед во служењето на храната: вечерата започнува со кафето и десертот, за потоа да продолжи со главното јадење и да заврши со предјадењето и аперитивот!
Како да се сумира многустраноста на футуристичките авантури и како денес да се гледа на футуризмот, движење кое настанало со поглед завртен кон иднината, а кое наеднаш и самото се престорило во минато? Да се бараат денес влијанија од футуризмот во современата уметност, веројатно би било концепциски погрешно. Но, онаа нивна слобода во творештвото и во комуницирањето на повеќе планови, онаа смелост и дрскост во барањето на новите изразни средства, сепак си го нашла своето место во уметноста долж 20 век. Таа нишка несомнено може и денес да се препознае, во сите современи тенденции кои ја отфрлаат традицијата и храбро и бескомпромисно чекорат кон барањето на бескрајните можности на уметноста и креативниот дух.
Анастасија Ѓурчинова