На страниците посветени на литературата го претставуваме авторот Тицијано Скарпа, добитник на книжевната награда „Стрега“ за 2009 година. Во оваа пригода предложуваме куса одломка од неговиот добитен роман Stabat Mater, како и имагинарен дијалог на авторот со зборовите.
Госпоѓа Мајко, длабока ноќ е, станав и дојдов овде да ви пишувам. Колку за промена, и оваа ноќ немирот ме нападна. Тој е веќе ѕвер што добро го познавам, знам како треба да постапам за да не му потклекнам. Станав експерт за мојот очај.
Јас сум мојата болест и мојот лек.
Плима од горки мисли надоаѓа и ми го стега грлото. Важно е веднаш да ја препознаам и да реагирам, без да и’ оставам време целосно да завладее со мојот ум. Бранот брзо се издигнува и покрива сe. Тој е црна течност, отровна. Рибите во претсмртен час испливуваат на површината со разинати усти, се препелкаат. Еве уште една, испливува во агонија, умира. Таа риба сум јас.
Се гледам како умирам, се гледам од брегот, нозете веќе ми се натопени со таа црна и отровна течност.
На површина доаѓа уште една риба во агонија, тоа е мислата за мојата пропаст, повторно сум јас таа мисла, умирам по вторпат.
Зошто да излезам на површина? Подобро е да умрам под вода. Повлечена сум надолу. Чувстувам како тонам. Сe е темно. Потоа, одново сум на брегот, стојам, сe уште сум јас, сe уште жива, го гледам отровното море, црно сe до хоризонтот, мртвите риби пловат, со отворени усти. Јас сум, ние сме јас, илјадапати, илјада риби во агонија, илјада мисли за унишување, мртва сум илјадапати, продолжувам да умирам, не престанувајќи да агонизирам. Морето се дуе, надоаѓа, отровно е, црно. Јас сум рибата со замаглени очи, излезена на површината за да умре. Гледам нагоре, над мојата глава. Хоризонтот е модар, облаците се темни, како превртено море, облачното небо е сочинето од неподвижни бранови, заматени.
Го гледам брегот на еден многу мал остров, онаму на крајот има девојка која гледа наоколу. Ме гледа додека умирам, не може да стори ништо за мене, таа девојка сум јас.
Направи нешто за мене, девојко на брегот, направи нешто за себеси. Не дозволувај да се огорчуваш заради она што го чувствуваш во себе. Каде и да се свртиш го гледаш твоето разложување. Црната плима надоаѓа, сета е со мртви риби. Регирај, не потклекувај.
Треба набрзина да делувам, пред да бидам целосно поразена, сe додека постои агол во мојот ум кој успева да види што му се случува. Треба да се одвлечкам во тој агол, со сите сили да се повлечам кон тоа поприште, сe уште способно да донесува одлуки и да каже: јас.
Јас не сум овој гнилеж, јас сe уште можам да успеам, јас сум силна, јас не сакам да дозволам да се стопам во овој црн отров, јас не сум сета оваа смрт што ја гледам, јас не сакам да го проголтам ова море, нема да дозволам сета оваа темнина да влезе во мене и да ме избрише.
Сe уште постојам, некаде, овде сум, одвоена од ова уништување, немирот сe уште ме нема обземено сета, сe уште постои агол каде можам да се засолнам и да кажам: јас. Доколку сепак успеам да го сторам тоа, ноќва сум спасена, тогаш сум во состојба да станам и да го оставам зад себе мојот кревет полн вознемиреност и да дојдам овде за да ви пишувам.
Госпоѓа Мајко, колку за промена, и оваа ноќ се најдов со ширум отворени очи, зјапната во таванот. За волја на вистината, тоа не е вистински таван, бидејќи над мене се наоѓа креветот на Мадалена. Овде внатре спиеме во редица кревети зацврстени за ѕидот како полици. Оние што спијат на долните кревети, над главата имаат еден вид личен таван, направен од летвите на горните кревети.
Па така, мојот таван го претставуваат летвите од креветот на Мадалена. Доста е низок, ако ја кренам раката можам да го допрам. Се разбира, не го правам тоа, бидејќи веќе се познавам себеси, премногу сум занесена. Веќе ми се има случено да ја кренам раката мислејќи на друго. Ги допрев летвите со врвот на прстите, несвесно, откинав една шпица од аголот, а потоа, и понатаму задлабочена во мислите почнав да го гребам дрвото со ноктите.
– Што сакаш?- одеднаш ме праша Мадалена, надавајќи се на работ од својот кревет, над мене, со целата глава. Ме штрекна. Во темнината ја препознавав контурата на нејзината разбушавена коса, се чинеше опколена со црни змии.
-Сакаше да ми кажеш нешто? – ме праша. Јас молчев, воопшто немав што да и’ кажам.
Јас немам ништо да кажам никому. Не сум ничија пријателка, овде внатре.
Извинете ме, ви раскажувам безвредни нешта. Шпиците од дрвото на летвите од креветот! Се срамам, Госпоѓа Мајко, ви барам прошка. Но, сепак, од некаде морав да почнам, вие не знаете ништо за мене, не знаете воопшто ништо.
Превод: Ирина Талевска