Институт Данте Алигиери, Скопје

По повод 50 години од филмот Акатоне

Пјер Паоло Пазолини, писател, поет, новинар и режисер, еден од најголемите италијански интелектуалци и уметници на 20 век, е роден во 1922 година во Болоња. Детството и младоста ги поминува во патување и живеење во касарни низ Италија, следејќи го татко му, воен офицер, за во 1943 год. да се пресели во селото Казарса во регионот Фриули, од каде што потекнува неговата мајка. Таму, на локален дијалект, ги пишува првите стихови и таму се раѓа интересот за некнижевниот и неофицијален јазик. Завршува книжевност во Болоња и во 1949 се сели во Рим, каде што пишува стихови, проза и сценарија. Животот му е неуреден, живот на интелектуалец-боем. Всушност, за него велат дека речиси и не постоела ноќна расправа во Рим, во која тој не бил вмешан. Сe до ноќта помеѓу први и втори ноември 1975 година, кога неговото обезличено тело е најдено во близина на станицата во Остија. По неговата смрт се поставува прашањето: дали убиството е само за страниците на црната хроника или е и политички мотивирано?  Пред неколку години, најавторитетни луѓе побараа повторно разгледување на предметот за неговото убиство. Задаваат безброј прашања. Зошто има толку празнини во постапката?  Зошто е обвинет само еден малолетник, Џузепе Пелози, на кого се откриени малку траги од контузии и крв, а во истовреме, телото на Пазолини е буквално обезличено, прегазено неколку пати со автомобил? Зошто е допуштено објавувањето на одвратната снимка на тоа тело? Дополнителна тензија створи и повлекувањето на признанието на Пелози, триесет години по наводното убиство, кое, според него е дадено под закана по живот на неговото семејство. Истата година, 2005, полицијата го отвара досието Пазолини, но судот одлучува дека нема доволно докази за повторна постапка.

11-1

Во лицето на Пазолини има нешто тревожно, што се чувствува и во неговото држење, во гласот. Неспокоен и вечно незадоволен, тој е типичен интелектуалец, кој ја бара суштината на проблемите, одговорите на тешките прашања заради длабоката потреба од обновување на граѓанскиот живот, на моралот. Борец против “востановените вистини“, убеден прогонител на баналното, на “здравиот разум“- кога се плод на мисловна мрза и мувлосани традиции, тој се бори полемично против создавањето на нови митови и ритуали под маската на модерното, на цивилизацијата, на прогресот. Пазолини смета дека не е возможна никаква модернизација на капитализмот, и убеден е во неизлечивата корупција на капиталистичкото општество, кое во себе ги носи корените на разрушувањето.  Тој ги насочува своите критики како истомисленик, однатре, чувствувајќи се сраснат со работничкото движење и дури во својот последен говор изјавува: јас сум марксист, кој гласа за Комунистичката партија.

11-2

И покрај сe, долго време тој е најцитираниот, најчитаниот писател меѓу младите, На Пазолини му треба таа популарност, сака да биде разбран од масите. Тоа е неговиот одговор за тајните манипулатори на општественото мислење. Пазолини е меѓу оние автори кои прават најголеми напори да ја извадат книжевноста од слепата улица на непотребното и општествено неангажираната уметност. Уште во Фриули тој го поврзува творештвото со одредена географска и социјална средина, во која што решително преовладуваат елементи на еден примитивен свет, кон кои припаѓал авторот. Не е случаен и изборот на дијалектот и на митот поврзан со него. Во романите Ragazzi di vita и Una vita violenta, се представува со сите свои трајни белези. Јунаците таму зборуваат на римски дијалект и на жаргон, се движат во затворен свет на декласирани ликови кои ги населуваат бреговите на реката Тибар, предградијата.  Младите не поседуваат морални вредности и се вистински предатори во лов: бараат пари, жени и секаков друг вид љубов. Пазолини се стреми кон автентичност преку нетипични, исклучителни, но во истовреме обични ликови. Тој го бара патот кон чистото преку крајната расипаност. Основен елемент во неговата поетика е барањето на еден првичен свет, кој иако животински жесток и примитивен, му се чини сe уште незаразен од современата расипаност. Патиштата на човечката деградација се така пластично извајани, што можат да се почувствуваат непријатните мириси и да се доживеат тактилни чувства. Пазолини ги гледа сликовито и филмски нештата, оние толку горчливи, извалкани и жестоки сцени, за кои понекогаш сме склони да им го оспориме правото на книжевно постоење, иако свесни за неоспорниот реалистичен квалитет.

11-3

Токму овие два романи ќе бидат основа за неговиот прв филм Акатоне, а првичниот продуцент на филмот Федерико Фелини, се повлекува од проектот загрижен заради неискуството на Пазолини во техничките детали на правењето филм и инстистирањето на непрофесионална актерска екипа. Пазолини користи актери непрофесионалци затоа што се недопрени, неконтаминирани, чисти субјекти, ослободени од стегите наметнати од општеството. Односот на авторот и неговите ликови не се базира на набљудувањето на цела серија на човечки и социјални феномени, туку на директното учество на еден стил на живот, кој произлегува директно од волјата да се даде визуелна и литературна форма на едно реално искуство, сопственото искуство на живеење на периферијата на Рим, кога за првпат доаѓа таму кон крајот на четириесеттите години.

 11-4

Филмот ја раскажува приказната за Виторио, со прекар Акатоне, кој живее како подводаџија се додека неговата проститутката Мадалена, истепана од неговите ривали, не е испратена во затвор. Без пари, но и без желба за работа, се вљубува во наивната Стела, која исто така ја тера да се проституира за него. Но, за Акатоне е веќе предоцна, загинува по пад со мотор бегајќи од полицијата после една ситна кражба. Ги затвара очите мирен, ослободен од својата трагична судбина, во постојано бегство од секојдневната мизерија, во бегство за последен пат од сопствената реалност на исклучените и игнорираните од општеството.  Сите тие се сместени на периферијата на Рим, на фон од рушевини, заробени во „импресионистичката“ црно бела фотографија на Тонино дели Коли, во која околината е толку изгорена од сонцето што го напаѓа окото на гледачот од првата сцена и го тера да ги подзатвори очите. Во сцената со сонот, однесувањето на главниот лик е речиси лирично во барањето до гробарот да не биде погребан под сенка, туку под она топло сонце, кое што го гори цел живот. За да ја потенцира приказната за потполната мизерија, Пазолини користи музика од Бах, давајќи силни контрасти со сликата.  Пазолини тврдоглаво успева, со помош на Бернардо Бертолучи како асистент на режија, да го заврши филмот во јули 1961 и да се наметне во светот на филмот, кој во тоа време е вистинското средство за масовна комуникација. По излегувањето трпи огромен притисок од страна на јавното мислење, весниците повикуваат на бојкот на филмот заради речиси порнографското претставување на проститутките, макроа, крадци и ситни криминалци, а од министерството за култура, заради темите опфатени во филмот, животот во римските предградија и проституцијата, како и непристојниот јазик, филмот е забранет за малолетници.  За многумина, таа цензура претставувала ставање под тепих на нечистотијата на моралот на граѓанскиот слој, а што се однесува до “светот на нормалните“ неприфатлива е солидарноста на тој тип човечност што Пазолини се обидува да ја прикаже во филмот, солидарноста, која е непостоечка вредност за заспаната средна класа, чија уста се преполнува со „здравите вредности“ на нејзиниот лицемерен морален кодекс.

Жарко Иванов