На 31 мај 2025 година (сабота), во просториите на Студентскиот Културен Центар во Скопје се одржа средба на групата читатели од Институтот „Данте Алигиери“ – Скопје, составена од 12 членови кои активно учествуваа во изборот за престижната италијанска книжевна награда за роман на годината – „Стрега“. Настанот започна со поздравно обраќање од претседателот на Институтот, проф.д-р Ладислав Цветковски и заменик-претседателот, проф.д-р Руска Ивановска-Наскова , кои им посакаа добредојде на присутните и им посакаа успешна работа.
Во текот на средбата, преку конструктивна и ангажирана дискусија, учесниците ги споделија своите впечатоци и читателски доживувања од 12-те романи кои влегоа во финалниот избор на наградата, сите објавени во Италија во изминатата година. По дискусијата, секој член на групата имаше можност да гласа за своите три омилени романи. Гласовите беа евидентирани и ќе бидат внесени во заедничкиот глас на сите седишта на Институтот „Данте Алигиери“ ширум светот.
Модератор на групата беше Јована Караниккиќ Јосимовска, а учество земаа изучувачи и ентузијасти за италијанскиот јазик од Македонија: Анастасија Ѓурчинова, Ана Ристова, Андријана Русеска, Весна Коцева, Владимир Андоновски, Ива Анастасова, Марија Муратовска, Сандра Ангеловска, Сара Златановска,, Теодора Јосифовска и Цветанка Стоилова.
Институтот „Данте Алигиери“ – Скопје, веќе неколку години по ред е дел од овој значаен меѓународен настан, со што македонските читатели добиваат уникатна можност да се запознаат со најновите книжевни достигнувања од Италија. Истовремено, нивното мислење и читателско искуство добиваат пошироко значење, оставајќи трага и во локалниот културен простор, преку контактот со образовните институции, издавачите и читателската публика во земјава.