Во 2009 година Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја прослави педесет годишнината од студиите по италијански јазик. Со цел да се обележи овој настан од особена важност за нашиот Универзитет, Катедрата по италијански јазик и книжевност, во рамките на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, беше домаќин на меѓународниот собир посветен на италијанскиот јазик, култура и книжевност. Оваа иницијатива, која првенствено имаше за задача да го прослави јубилејот од студиите по италијански јазик, претставуваше, меѓу другото, и одлична можност за доделување на признанија и почести на сите професори, домашни и италијански, кои имаат дадено огромен придонес за развојот и напредокот на студиите по италијански јазик и книжевност. Токму затоа, на денот на отворањето на Собирот, по пригодните поздрави од Ректорот на Универзитетот и Деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и по кратката пленарна сесија на која земаа збор проф. д-р Александра Саржоска (Скопје) (Италијанскиот лекторат од своите почетоци до денес) и проф. д-р Нуло Миниси (Неапол) (Катедрата по италијански јазик и формирањето во духот на критичкиот метод), му беше доделена титулата doctor honoris causa на професорот Аугусто Фонсека, како врвно признание за академската улога на професорот и на неговите соработници во периодот кога студиите по италијански јазик се наоѓаа во својот зародиш. Иницијативите и заложбите на професорот Фонсека ѝ овозможија на Катедрата по италијански јазик да прерасне во значајна и почитувана дидактичка структура во рамките на Универзитетот, задолжена за изучувањето и промоцијата на италијанскиот јазик и книжевност.
Собирот беше поделен на четири паралелни сесии:
- Две лингвистички сесии, насловени: Граматичките структури, употребите и наставата на јазикот и Лексички, фразеолошки и паремиолошки структури:
Саша Модерц (Белград): Опозицијата определеност/неопределеност во италијанскиот и во српскиот јазик;
Мира Трајкова и Александра Саржоска (Скопје): За некои кратенки во италијанскиот и во францускиот јазик и нивнaта примена во наставата по странски јазик;
Лучана Гвидо Шремпф (Скопје): Реторичките фигури ви рекламната комуникација;
Франческо Манџапане Буат: Јас сум Ганди јас сум Телеком: семиотичка анализа на еден институционален спот на Телеком Италија
Мила Самарџиќ (Белград): Двоименските сложенки меѓу лексичкото збогатување и синтаксичката економија;
Мирела Конена (Бари): Методи на повеќејазично класифицирање и споредување на пословиците;
Звонко Никодиновски (Скопје): Животот и смртта во италијанските поговорки;
Изабела Кјари (Рим): Полирематските единици во италијанската музичка лексика;
Радица Никодиновска (Скопје): Глаголот fare во италијанската фразеологија;
Радмила Лазаревиќ (Никшиќ): Реферат во сите бои: фразеолошки изрази и колокации кои содржат хроматски термини во италијанскиот и српскиот јазик;
Пол Данлер (Виена): Судбината на колокациите;
Руска Ивановска – Наскова (Скопје): Планирање и креирање на паралелен италијански-македонски корпус.
- Две книжевни сесии со сугестивни наслови: Размисли и Средби:
Луан Старова (Скопје): За едно европско пријателство: Нуло Миниси и Блаже Конески;
Џакомо Скоти (Ријека): Моите средби со Македонија. Нејзината книжевност, нејзините поети и писатели;
Рикардо Кампа (Сиена): Книжевните магии;
Мариа Паљара (Бари): Џузепе Томази ди Лампедуза, Европски Сицилијанец; Анастасија Ѓурчинова (Скопје): Деколонизација и интеркултура: Италијански проучувања на споредбената книжевност и нивното влијание во Македонија; Вана Ѕакаро (Бари): Канонот и женското писмо. Ексцентричните;
Зоси Зографиду (Солун); Ликот на Дон Абондио во „Свршеници“ од Манцони, Ирена Лама (Тирана): Рецепција на делото на Дино Буцати во Албанија,
Константина Бубара (Солун): Енигмата на романтичното „јас“ на Џовани Пасколи;
Александра Жабјек (Неапол): Секому своето: судбината на некои нации;
Татјана Филиповска (Скопје): Еволуцијата на празничната претстава во венецијанското сликарство. Средбата заврши со сесијата посветена на младите италијанисти, која во себе содржеше и книжевен и лингвистички дел:
Ирина Талевска (Скопје): Потонатите и неизбавените (во потрага по аксиологијата на (не)постоечката вистина;
Катерина Сотирова (Скопје): Симулакрум и симулација во делата „Така е (ако ви се чини)“ и “Хенрих IV“ од Луиџи Пирандело;
Катерина Миленова (Скопје): Марко Поло низ вековите, интертекстуалноста во делото „Невидливите градови“ на Итало Калвино;
Бранка Николовска (Скопје): Комуникативните стратегии и јазикот;
Бранка Гривчевска (Скопје): Употребата на конјунктивот во италијанскиот и македонскиот јазик;
Елена Филиповска (Скопје): Како да се научи да се предава;
Дијана Никодиновска (Штип): Поговорките како говорни единици;
Весна Петрова (Штип): Јазикот на денешните млади Италијанци;
Сања Апостолска (Европски Универзитет): Глобалното влијание на италијанскиот јазик.
Меѓународниот собир, благодарение на кратката но особено интензивна програма, овозможи вистинска компарација на најразлични теми, размисли и искуства. Тие неколку дена, Филолошкиот факултет од Скопје успеа да создаде интеркултурен амбиент, благодарејќи на лингвистичките компетенции по италијански јазик на сите учесници. Освен тоа, самата замисла на Собирот, да понуди пет сесии: две лингвистички, две книжевни и една посветена на младите италијанисти, претставуваше вистинска средба на знаења, со широка палета на дискурси и одлична корелација меѓу најразличните академски искуства.
Средбата, именувана како 50 години од студиите по италијански јазик, освен што го покажа интелектуалниот раст на Катедрата, ја претставуваше и нејзината силна ин-ституционална и функционална поддршка во остварување на целите за подобрување и вреднување на сопствениот потенцијал, од една страна, и вреднување на италијанскиот јазик и култура, во целокупната своја слоевитост, од друга.
Катерина Миленова