Италијанскиот поет Џерардо Мазучо е добитник на наградата „Мостови на Струга“ 2022, објави Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Наградата се доделува во соработка со УНЕСКО за најдобра дебитантска книга на млад поет до 35 годишна возраст.
Џерардо Мазучо е роден 1991 година во Батипаља, близу Неапол. Завршил класична гимназија во Еболи, а дипломирал издаваштво и авторски права на Универзитетот Бокони во Милано. Работел како уредник кај реномираниот издавач „Бомпијани“, а во 2020 година ја основал издавачката куќа „Утопија“.
Објавува стихови во списанија и на веб сајтови, а застапуван е и во антологии. Дотука живеел човек е негова прва книга поезија, која наишла на одличен прием во Италија; ги добила наградите „Камајоре“ и „Сан Доменикино“, а наскоро ќе излезе и на шпански јазик.
Првата книга на Џерардо Мазучо е меланхолична химна за тајната на постоењето, помеѓу минливоста на животот и очуденоста на светот. Во прилог една негова песна, во македонски превод на Анастасија Ѓурчинова.
Судбина на поетот е
да биде посеан – како во една –
во сите доби од животот,
да расцути со детски плач
и со старечко офкање
низ една латица само.
Ги обесив на моите години
брчките на маслиновите дрвја, заврзани
за липотот на јагнињата;
судбина на поетот
е да потроши сто години во еден единствен ден.
Aнастасија Ѓурчинова