Институт Данте Алигиери, Скопје

На 15 април, во рамките на конкурсот на Институтот Данте Алигиери за изработка на постер со ликот на Данте (по повод 700-годишнината од неговата смрт), проф. Анастасија Ѓурчинова од Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ одржа предавање посветено на животот и делото на Данте Алигиери, во кое беа опфатени следните теми:

Значењето на Данте: “Padre Dante“ – татко на италијанскиот јазик и литература, кој се јавува како сублимација на идеите на средниот век, со визионерски поглед кон новото доба. Данте е лирски и епски поет, кој низ вековите е интерпретиран во различни клучеви, пред сè во христијанско-теолошки, книжевно-естетски и културолошки.
Животниот пат на Данте: Роден е во Фиренца, помеѓу мај и јуни 1265, во благородничко семејство, стекнувајќи се со солидно образование. Склучил договорен брак со Џема Донати во 1285, со која потоа имал 3 деца. Средбата со Беатриче Портинари се совпаѓа со првите лирски обиди во духот на Dolce stil novo. Неговата политичката активност почнува од 1295 а веќе во 1300 бил еден од шесте приори на Фиренца. Учествувал во политичките борби помеѓу гвелфите и гибелините и во судирот помеѓу белите и црните гвелфи, при што се застапувал за белите. Од јануари 1302 е испратен во прогонство, кога престојува на различни италијански дворови во градовите Падова, Прато, Арецо, Верона и Равена. Во прогонство ги напишал своите најзрели и најзначајни дела. Починал во Равена во септември 1321.
Прогонството на Данте: Темата на егзилот и миграциите е денес особено актуелна, па Данте е и во оваа смисла за многу автори модел и учител. Тој одржал лекција и за космополитизам и отвореност кон другоста: Nos, autem, cui mundus est patria… Неговиот копнеж по Фиренца оди заедно со разочараноста од нејзиното постапно „гниење“. Кај Данте нема идолопоклонство кон потеклото, тој се потпишувал како „Фирентинец по раѓање, но не и по однесување“. Умеел извонредно да ги усогласи националното и универзалното, велејќи: „Пиејќи ја водата од реката Арно, јас научив силно да ја љубам Фиренца, но нашата татковина е светот, како морето за рибите“. Тешко е кога си „странец“ меѓу своите, како да вели Данте, додека „странец меѓу странците“ те прави брат со сите луѓе на светот.
Книжевен опус: Vita nova, 1291-95, De vulgari eloquentia, 1302-03, Convivio 1304-07, De Monarchia, 1313, La Divina Commedia, 1314-21, Epistolae, Rime.
Vita Nova: Тоа е книга на неговите спомени, со хибриден жанр, во која се алтернираат песни и коментари во проза, за средбите со Беатриче преку која го претставува концептот за „жена-ангел“. Во поезијата напишал возвишени сонети и канцони, како Donne che avete intelletto d’amore (програмска канцона: „Дами кои имате разбирање за љубовта“), или Tanto gentile e tanto onesta pare/ la donna mia quando altrui saluta (сонет на пофалба: „Толку нежна и чесна изгледа мојата дама кога некого го поздравува“).
Божествената Комедија: Ова дело е кулминација на средновековната поетика, кое има и буквална и алегориска смисла. Данте се јавува и како автор и како лик во Комедијата. Делото го базира на тројната архитектонска структура, видлива во трите големи песни: Пекол, Чистилиште и Рај, но и во 33-те пеења во секој од овие делови, а на метрички план и во строфата терцина, или во „тројната рима“. Во трите делови владеат три доминантни чувства соодветни на трите амбиенти: безнадежност (Пеколот), надеж (Чистилиште) и среќа (Рај).
Славата на Данте и значењето на комедијата:Јавните читања и толкувања (Lectura Dantis) започнуваат уште во времето на Бокачо, и траат сè до денес, кога најпознати се интерпретациите на Роберто Бенињи. Данте извршил огромно влијание врз италијанската, европската и светската литература и култура, а од него се инспирирале и сликарите Сандро Ботичели, Ежен Делакроа, Џорџо Де Кирико, Салвадор Дали, Умберто Бочони и др. Во областа на музиката композиторот Франц Лист напишал синфонија „Данте“, а во современата музика неговите стихови успешно ги искористил и кантавторот Франческо де Грегори.
Стиховите на Данте денес веќе станале фразеолошки изрази и сентенци во секојдневниот говор на Италијанците.

Онлајн предавањето поттикна огромен интерес кај публиката.