На 20 октомври, 2009, по повод деветтото издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот посветена на Италијанскиот јазик во уметноста, науката и технологијата, Комитетот на Данте Алигиери во Скопје организираше Вечер посветена на Леонардо Да Винчи. Настанот беше осмислен и реализиран од страна на здружението Данте Алигиери од Скопје со учество на професорот и писател Александар Прокопиев. Професорот Прокопиев, излегувајќи надвор од шемата на вообичаените академски излагања, даде интересен и необичен осврт на личноста и делото на Да Винчи, впрочем како и самиот гениј. Да Винчи бил навистина сестран човек, голем уметник, научник, инжинер, пронаоѓач и писател, вистински мост меѓу уметноста и науката во историјата на човештвото.
Неговиот специфичен професионален живот бил обележан од неговата исто толку специфична и интересна личност. Леонардо отсекогаш бил обвиткан со аура на таинственост, како поради неговиот необичен карактер, така и поради многубројните интереси кои се‘ уште предизвикуваат љубопитство. Неговата личност не е лишена од „мрачни“ страни, кои поттикнуваат сомнежи и збунетост, како што се на пример методите кои ги применувал при изучувањето на анатомијата, или пак неговиот директен и материјалистички пристап, речиси агностичен, пред своето време. Овде спаѓа барањето доставено до болниците во Фиренца, Милано и Рим, кои му одобруваат да ги секцира труповите и така да ја црта и учи анатомијата на телото, или пак посетите на воените полиња со војводите за коишто работел и цртежите на труповите на војниците. Пишувал кодирано, од десно на лево, т.е. го користел таканареченото огледално пишување кое може да се прочита само ако ги поставите листовите кон огледало. Имал навика, од забава, да си измислува шифрирани фрази, анаграми и ребуси. Овој жив човечки ум, овој љубопитен дух бил воден пред се‘ од желбата да ја набљудува природата, како и од голема почит спрема животот. Леонардо бил вегетаријанец и честопати купувал птици во кафез кои потоа ги ослободувал во полето. Ги проучувал механичките функции на скелетот и силата на мускулите, па затоа се смета за предвесник на биомеханиката. Правел цртежи на срцето, на васкуларниот систем, на внатрешните органи. Да Винчи е првиот што направил научни цртежи на фетус во утерус. Подеднакво важна е неговата активност на инженер. Во препораката што ја испратил до Лудовико Милански, Леонардо објаснува дека е способен да обмисли каква било машина за заштита и опсада на град. Изработувал и мапи. Оваа способност му обезбедила работа во служба на Чезаре Борџија. Бил фасциниран од феноменот на летањето, па така изработил многу нацрти за летањето на птиците и скици на летачки машини. Од неговите изуми ќе се потсетиме на концептот за индустриска употреба на сончевата енергија преку конкавни стакла за загревање на водата, концептот за хеликоптер, водоводни пумпи итн. Неговата визија на светот не била мистична, туку во голема мера логична. Неговиот пристап се базирал на набљудување и детален опис. Не навлегувал во теоретски објаснувања. Следел јасни научни методи кои потоа ги вклучувал во уметноста, а особено во сликарството.
За Леонардо уметноста е наука. Тој бил првиот во Европа кој ја проучувал можноста да се „улови“ реалноста на лист хартија, со таканаречената леонардова камера обскура. Леонардо бил меѓу првите уметници во Италија кои користеле маслена техника. Маслото претежно се користело во мешани техники, пред се‘ за финалните потези. Да Винчи се покажал и како пронаоѓач во пишувањето. Сметан за архетип на ренесансниот човек, Леонардо оставил огромно наследство кое денес претставува светско културно богатство. Покрај уметничките дела, ќе се потсетиме и на познатите ракописи. Денес постојат преку 8.000 листови забелешки, или повеќе од 16.000 страници со десетици илјади цртежи оставени од Леонардо. Се смета дека тоа е само мал дел од она што го напишал и нацртал.
Катерина Сотирова