Во чест на Федерико Фелини
Институтот “Данте Алигиери“ од Скопје од декември 2010 започна со проекција на филмски серијал посветен на Фелини, со што ја одбележа 90-годишнината од раѓањето на овој голем филмски мајстор.
Федерико Фелини е роден 1920 год., во Римини. По заминувањето од родниот град, доаѓа во Рим каде што работи како цртач на мини карикатури во весникот Domenicа del corriere. Кариерата ја продолжува како анонимен филмски сценарист сe до крајот на Втората светска војна, кога почнувa да работи на сценарија за некои од најзначајните филмови нa неореализмот: заедно со Роберто Роселини ги пишува ремек делата Рим, отворен град (Roma città aperta), “Paisà“ итн. Неговиот прв авторски филм, Белиот шеик (Lo sceicco bianco) датира од 1952 год. Во овој филм го насочува својот ироничен но и соучеснички поглед кон светот на малограѓанството. Филмот “I Vitelloni“ кој му донесе светска слава го направи препознатлив и надвор од Италија. Во 1954 се здоби со наградата Оскар за филмот “La strada“. Овој филм е приказна зa необичниот однос помеѓу двајца патувачки уметници-забавувачи кои патуваат низ Италија во педесеттите години. Вториот Оскар Фелини го освојува во 1957 год. со филмот “Le notti di Cabiria“ . Исто како и во филмот “La strada“ и вo овој филм главната улога ѝ е доделена на Џулиета Мазинa која оствари неколку важни улоги во првите филмови нa нејзиниот сопруг.
Со филмот “La dolce vita“ од 1959, Фелини ја освои Златната Палма на Канскиот Филмски Фестивал, но уште со првото прикажување, филмот ја скандализираше јавноста, особено заради еротските сцени, но и заради сцените во кои Фелини го прикажува падот на вредностите на современото општество. И покрај тоа, филмот оствари голем успех особено надвор од Италија, а денес особено се памети Анита Екберг вo легендарната сцена во водите на фонтаната Треви. Во 1963 год. Фелини го снима филмот “8½ “, со кој можеби го достигна врвот на својата уметност. Филмот беше награден со Оскар за најдобар филм од странско говорно подрачје и за најдобра костимографија. Филмот е приказна за режисер кој зборува за својата криза како човек и уметник, за стравот и очекувањата, за тешкотијата да се помират духовите од минатото со сегашноста. Критичарите сметаат дека ваквата приказна проектирана во ликот на Гвидо Анселми е всушност животната приказна на самиот Фелини. Понатамошното негово творештво е обележано со филмовите во кои доаѓа до израз Римини од минатото и современиот Рим: Кловнови (I Clowns,1970), Рим (Roma,1972), а во 1973 год. добива Оскар за филмот Амаркорд (Amarcord). Следат филмови кои претставуваат метафора на современиот живот: Оркестарска проба (Prova d’orchestra,1979), Градот на жените (La città delle donne,1980) и Бродот си врви (E la nave va,1983). Во неговиот последен филм Гласот на месечината (La voce della luna,1990) преку главниот лик кој се враќа на село е прикажана носталгијата на Фелини за поинаква кул-тура, заснована на сомнежи и магија. Неколку месеци пред смртта во 1993 год. го добива петтиот Оскар, за животно дело.Во едно интервју со Оријана Фалачи,направено во февруари 1963 год.во Милано, маестро Фелини со огромна љубов и ис-креност говори за својата животна филозофија и одлучната желба да остане во Италија, и покрај огромните успеси:
„Jac сум ваков и задоволен сум од себе. Сакам да престанат со создавање митови за мене, сакам да ме доживуваат таков каков што сум: лажго, непостојан, лицемер, слабак…Сакам да престанам да си го комплицирам животот,сакам да сум во состојба да го сакам животот, да знам да сакам сe . Всушност тоа и го вели Св.Августин: “сакај и прави го она што го сакаш“. Од Америка постојано ме покануваат, ми нудат вртоглави суми, но зошто би требало да прифатам? Мене не ми треба надворешен поттик: мојата земја, моите места, луѓето што ги познавам се сe уште мој поттик, што барам јас во Њујорк или во Бангкок? Моето место е во оваа католичка Италија“
Фелини беше многу почитуван од своите колеги: големите режисери како швеѓанецот Ингмар Бергман, јапонецот Акира Куросава, му се восхитуваа на Фелини и секогаш велеа дека тој е извонреден режисер. Покрај колегите, Фелини беше доста почитуван и од оние кои беа дел од неговите филмови: Анита Екберг, Марчело Мастројани, Сандра Мило, која во една прилика изјави: „Фелини го живееше животот како уметник, не како човек. Од една страна постоеше големиот режисер а од друга, неостварениот човек, маж. Уметноста и филмот беа мајката, утробата која го штитеше и му дозволуваше да биде уметник. Но мажот никогаш не порасна, остана засекогаш дете: и додека уметникот растеше, мажот остануваше малечок. Дете генијалец.“
Во 1995 сестрата на Фелини, Мадалена, во соработка со општината на градот Римини ја основаа Фондацијата “Федерико Фелини“, која има за цел да го промовира делото на овој голем автор. Во таа смисла, се планираат низа иницијативи меѓу кои и формирање на центар за фелинистички студии.
Драгана Казанџиовска