Институт Данте Алигиери, Скопје

ФИНАЛИСТИТЕ НА НАГРАДАТА СТРЕГА 2020
НИЗ ПРЕЗЕНТАЦИИТЕ НА ЧИТАТЕЛСКИОТ КРУЖОК ОД СКОПЈЕ

Кружокот на читатели од Скопје со голем ентузијазам се приклучи на проектот „Данте и Наградата Стрега 2020“, во кој секој читател требаше да прочита и да протолкува еден од 12-те финалисти во натпреварот. Елена, Руска, Владимир, Анастасија, Марко, Лилјана, Катарина, Алесио, Ана, Кристијан, Анета, Јована, Драгана, Андријана Р. и Андријана Т, ги прочитаа, коментираа и образложија избраните романи, со голема страст и компетентност, просудувајќи ги на моменти и како литературни критичари со изострено око. Во нивните анализи беа истакнати многу специфичности на книгите што се натпреваруваа и една заедничка карактеристика за поголемиот дел од романите, т.е. „автобиографизмот“ за кој годинава се чинеше дека преовладува во однос на преостанатите наративни дискурси (Баци, Менкарели, Бароне, Лупо). Читателите од Скопје исто така умееја да ја ценат верната застапеност на италијанската историја и општество почнувајќи од шеесетите години на минатиот век сè до денес, присутнa во неколку романи, сметајќи ja особено кориснa за читателите во странство, бидејќи им дозволува да ги продлабочат сопствените познавања за италијанската реалност. Спроведувајќи го овој проект во комплицираниот период на пандемијата “Ковид 19“, а особено за време на карантинот, читателите на скопскиот кружок успеа некако да се соочат со секојдневните немири и стравови, одлучувајќи да го следат мудриот совет на Умберто Еко кој велеше:

„Оние кои не читаат, на 70 години проживеале само еден живот: својот. Оние кои читаат, живееле и илјадници други: беа присутни кога Каин го уби Авел, кога Ренцо се ожени со Лучија, кога Леопарди се восхитуваше на Бесконечноста … Бидејќи читањето е враќање во бесмртноста“.

Еве неколку впечатоци преземени од читањата на 12-те финалисти во натпреварот.
Владимир го претстави романот Потопен град од Марта Бароне, проценувајќи го за “дело што се пишува само еднаш во животот“. Нагласувајќи го истражувањето и меморијата како главни теми на овој роман, тој забележа дека “ниту една фикција не може да ја надмине вистинската приказна, особено ако е раскажана успешно“, како онаа на Бароне. Јована, која со голем ентузијазам го прочита и го претстави истиот роман, го оцени како “осцилација меѓу категоријата автобиографски и биографски роман“, бидејќи според нејзиното мислење “делото на Бароне претставува ретроспективно и истовремено интроспективно патување на авторката, водено од трагите оставени од нејзиниот неодамна починат харизматичен татко“. Делото, меѓу другото, претставува и привлечна приказна, раскажана на богата историска позадина, што пред читателот ја “оживува“ општествената клима на раскажаната епоха односно тешкиот период на “оловните времиња“.
Преминуваме на Алмарина од Валерија Парела, што во своето претставувањето Елена го смета за “краток и интензивен, интимен и длабок роман, кој зборува за болка и преродба, за воскреснување по низа тешки и трауматични моменти“. Но, Алмарина е исто така многу актуелен роман, кој зборува за пријателството и апсурдите на бирократијата и ветува подобра иднина за двата лика: професорката Елизабета и нејзината ученичка, романката Алмарина. Накратко, “четиво кое те обзема и те внесува, богато со емотивност и интроспекција“.
Во презентацијата на Анастасија, романот на Џанрико Карофиљо, Мерка на времето, беше дефиниран како “вообичаен судски трилер“, типичен за овој автор. Овој роман, успешно вклопен во градот Бари и околината, се врти околу две главни теми: онаа за времето (“развлечено за младите, забрзано кога се старее“) и за вистината (за која особено се потенцира релативноста на перцепцијата). Дело во кое се вкрстуваат темелната судска истрага на протагонистот Гвидо Гвериери и спомените за една негова голема младешка љубов. Напишано на особено течен и читлив начин, очигледно е дека ова би можело да биде идеално четиво и за време на летните одмори.
Романот на Силвија Балестра, Новата сезона, според изложувањето на Лилјана, е “сложен, амбициозен роман, омаж кон родната грутка земја (Марке) како и за светот што исчезнува“, што сепак “може да ги остави рамнодушни оние што не го познаваат тој свет.” Настаните се вртат околу еден единствен настан: продажбата на земјиштето на семејството Џентиле од страна на наследничките Надја и Олга. Силни точки на романот се: “духовитоста, цинизмот, поетичноста“; слаби точки: “на моменти здодевен, со микро наративи кои се понекогаш непропорционално структурирани“.
Презентиран од Руска, Треска на Џонатан Бази е “роман за момче на околу триесет години, геј во среќна врска, учител по јога и универзитетски студент, кој открива дека е ХИВ-позитивен“. Во делото се идентификуваат две наративни оски: едната во сегашноста, која ги раскажува горенаведените настани, а другата во минатото, што раскажува за детството и адолесценцијата на главниот лик. Читателката смета дека романот е премногу брз, на моменти и не многу темелен, но таа сепак го цени фактот што на крајот “на читателот му дава чувство за оптимизам и надеж“.
Италијанско момче од Џан Артуро Ферари во презентацијата на Марко е “елегантен роман за созревањето“, поставен помеѓу анонимната реалност на Милано и колоритното блиско село Кверчано. На временско ниво, приказната се протега во распон од околу дваесетина години, од крајот на четириесетите до економскиот бум на шеесетите, „сè структуриранo од авторот во префинета и умешна проза, знаејќи како да навлезе во слоевитата душа на главниот лик“. Претставувајќи го истиот роман, Алесио го дефинира како “речиси историски роман, напишан со длабочина и голема грижливост, на мигови со ненаметлив филмски вкус“. Тука, според него, “историјата на Италија се преплетува со онаа на главниот лик“, покажувајќи го “судирот меѓу двете главни политички култури во повоена Италија: католичката и социјалистичко-комунистичката“.
Уште еден роман за созревањето, Најмладите од Алесио Форџоне, кој го претстави Ана ја раскажува „приказната за едно растење, кое за да може успешно да заврши, подразбира одвојување од раното детство, но и откажување од соништата и илузиите на детската возраст“. Протагонистот Марко, познат како Мароко поради својата кадрава коса и темниот тен, страда бидејќи неговата мајка го напуштила, но како што расте, стигнува до фазата на заздравување, односно прифаќање на животот.
И романот на Даниеле Менкарели, Сè повикува на спасение, низ ентузијастичката презентација на Катарина, ни подарува “страници со големи емоции и силна емпатија“. Автобиографската приказна за протагонистот Даниеле го следи неговото искуство во психијатриска болница, кога на дваесетгодишна возраст тој е принуден да се соочи со „задолжителен медицински третман“. За нашата читателка особено интересни се размислувањата на авторот за природата на менталните заболувања, како кога тој тврди дека стравот од лудило е полош од самото лудило, затоа што “единствено лудо е да се мисли дека човек нема никогаш да западне во криза.” Претставувајќи го истиот роман, Драгана сугерира дека спасението би можело да се најде во љубовта, како и во пишувањето, со оглед на тоа што “уметниците имаат една работа заедничка со лудаците: никој не може да им каже што да гледаат и како да гледаат – наречете го тоа слобода, ако сакате“. Нашата читателка особено го цени јазикот на ова дело, “речиси херметички по својата бистрина“, како и “поетскиот аспект на наративната сторија“. Откако во една прилика бил запрашан за соживотот на поетот и нараторот во неговата авторска фигура, Менкарели одговорил метафорички: “се работи за двајца љубовници кои си го мијат грбот еден на друг“.
Уште еден автобиографски роман, но и роман за созревањето, Краток расказ за моето молчење од Џузепе Лупо, според мислењето на Андријана Р., по неколку аспекти би можел да се спореди со Семејната лексика од Наталија Гинзбург. Нашата читателка ја потенцира вештината на писателот во описите на ликовите, “каде што дури и наједноставните гестови стануваат централни црти што совршено ги одликуваат и се соодветни на нивниот карактер“. Молчењето на младиот протагонист не е само симбол на траумата што ја доживеал како последица од доаѓањето на новиот член во семејството, туку пред сè се смета за “амблем на одисејата на писателот во потрага по својот наративен глас“.
Продолжуваме со романот на Сандро Веронези, Колибри, моќна приказна која ја раскажува и ја одразува динамиката на семејните односи, меѓу кои доминира стабилноста на протагонистот, таткото и дедо Марко Карера, којшто се најде меѓу фаворитите кај некои од читателите од Скопје. Оваа книга Кристијан ја оцени како “многу смела структура исполнета со скокови напред и назад низ времето“, на којашто можеби ѝ недостигаше “само почеста употреба на директниот говор“. Симболот на неподвижноста на птицата, присутен во насловот на романот е идеален за презентирање на фигурата на протагонистот на романот, кој секогаш е тука за луѓето што ги сака, вистински „столб“ на неговото семејство. Сепак, станува збор за наратив “богат со моќни литературни техники“ (како што е теоријата на циклоните, пиштолот на Чехов, итн.), којшто конечно, за разлика од многу други романи во конкуренцијата, успева да остане во областа на фикцијата и да ја врати довербата во жанрот на романот.
Делото на Ремо Рапино, Животот, смртта и чудата на Бонфиљо Либорио, во презентацијата на Анета, ја раскажува приказната за последните сто години на Италија, видена низ очите на “еден од последните“. Справувајќи се со темите за сиромаштијата и работата, оваа приказна се фокусира на политичката и социјалната динамика на дваесеттиот век, видени од перспектива на “сиромашниот, но добриот“. Низ галеријата на маргинализирани и угнетени луѓе, Либорио секогаш минува создавајќи врски на страсна солидарност, кои ја олеснуваат тежината на неговата огромна осаменост.
Андријана Т. го претстави Чирак од Џан Марио Вилалта, кој според неа раскажува “приказна која инволвира, со едноставна дејство, кое раѓа љубопитност“. Преку разговорите и сеќавањата на двата лика поврзани со црковниот свет, романот нè внесува во нивните минати животи, но и во нивната сегашност. Според Андријана, јазикот што го користи авторот е “лесен, секојдневен, којшто го прави читањето течно, иако по малку бавно“.
По живата дебата, читателите од Скопје издвоија четири романи за вториот круг на гласање, кои ја добија следната распределба, според редоследот на гласовите:
Даниеле Менкарели со романот Сè повикува на спасение,
Марта Бароне со Потопен град,
Џан Артуро Ферари со Италијанско момче и
Сандро Веронези со Колибри.
На крајот, за нас беше задоволство да видиме дека две од избраните дела станаа победници во три категории на Наградата! Имено:
Сандро Веронези е избран за Авторот на Данте 2020.
Сè повикува на спасение од Даниеле Менкарели ја освои Наградата Стрега Млади 2020.
Колибри од Сандро Веронези ја освои главната Награда Стрега 2020.

Проф. Анастасија Ѓурчинова