Настанот „Бела ноќ“ е веќе добро раширена и функционална манифестација на глобално ниво, чија традиција успешно се продолжува и надополнува секоја година. Идејата на „Бела ноќ“ се поврзува со концептот на мултидисциплинарност, каде главниот мотив е да се претстават сите стандардни и нестандардни облици на уметноста. Еден широк спектар на варијации во кој дури и споредните, занемарени аспекти на интерпретацијата стануваат забележани.
Во една ваква атмосфера на уметничко различје свое катче доби и италијанскиот институт „Данте Алигиери“ со што доби можност да се претстави како единствена сериозна италијанска институција која веќе неколку години независно и успешно опстојува во рамките на град Скопје.
Понудата за учество ја добивме два месеци пред настанот, идеја која се чинеше дека не би требало да ја отфрлиме затоа што овозможи да го прикажеме Институтот пред поширока маса и истовремено да направиме голема и бесплатна реклама за сите оние кои се заинтересирани не само за италијанскиот јазик туку и за италијанската култура во целост. Не може да се занемари фактот дека во последните неколку години италијанскиот јазик почна силно да се популаризира, поврзувајќи ги притоа Италија и Македонија како никогаш досега. Токму затоа, во услови на силно италијанско присуство, големиот број материјали со кои располага Данте беа изнесени на штандот кој беше поставен во рамките на библиотеката „Браќа Миладиновци“, каде впрочем и се наоѓаше нашето седиште. Беа претставени голем број наслови во италијански оригинал, како и нивните македонски преводи. Изложена беше учебникарска и стручна литература, солиден број на прирачници, најпознатите италијански списанија кои во Данте се доставуваат редовно од самиот почеток, како и светски признаените еднојазични речници. Добивме два часа да ја распространиме дејноста на Данте, два мошне успешни часа, затоа што многумина беа заинтересирани да слушнат нешто повеќе од класичната реклама за курсеви. Остваривме солиден број на членства, најмногу од луѓе кои навраќаат во Данте секогаш кога сакаат да добијат информација околу било која работа поврзана со Италија.
Катарина Величковска