ТВОРЕЧКИТЕ СИНТЕЗИ НА БОРИС ПЕТКОВСКИ ЗА ЛИКОВНОТО ТВОРЕШТВО
Со Борис Петковски ме сврзуваат пријатни спомени на другарување и соработка. Тој беше секогаш активен, исполнителен и оригинален и соработката со него постепено се претвораше во сè поголемо, искрено пријателство и другарување. Него го познавав долги години, уште од театарот. Подоцна тој често навратуваше во редакцијата на списанијата Културен живот и Macedonian Review кадешто работев. Секогаш носеше со себе по некоја статија, најавуваше други, нови и така со години, обработувајќи ликовни теми на свој, оригинален начин. Тоа беше едно интересно и ново видување на одредени ликовни настани и личности од ликовниот живот. Неговите статии предизвикуваа интерес и беа внимателно следени. Еден ден, кон крајот на седумдесетите, по долги дискусии тој во редакцијата донесе подебел ракопис. Тоа беше прва, поопширна историја на современото ликовно творештво во Македонија, во која тој направи вистинска синтеза за македонското сликарство од минатото и денес. Книгата набрзо излезе во издание на Macedonian Review и веднаш беше преведена на англиски во издание на истата издавачка куќа. Неговиот начин на работа беше специфичен. Откако ќе го предадеше ракописот и понатаму тој работеше над книгата и речиси десетина и повеќе пати доаѓаше во редакцијата да дополни нешто со нови податоци за да ја допрецизира реченицата, зошто беше перфекционист во својата работа, полн со енергија и ентузијазам. За мене тој беше исклучително надарен научник во областа на ликовното творештво и тука суверено владееше со таа материја. Ангажиран на повеќе страни, проекти и програми, сепак, тој ја задржуваше својата основна функција во истражување и синтези, како за македонското ликовно творештво така и пошироко.
Времето и новите обврски нè сврзуваа со Италија, нејзината култура и цивилизација. Списанието Културен живот отпочна да организира денови на македонската култура во Рим по повод денот на светите Кирил и Методиј, така што тој ја претстави македонската ликовна уметност со изложба, а подоцна дојдоа и некои други активности сврзани со Италија.
Со формирањето на Италијанскиот културен центар во Скопје и на Институтот Данте Алигиери повторно се најдовме заедно во реализација на разни проекти, изложби и друго за збогатување на македонско-италијанските врски. Тука би ги спомнал само најновите проучувања за виа Игнатиа, старите римски градови во Македонија, Јустинијановото време и Македонија, со кои се комплетира сликата на врските меѓу Италија и Македонија. Животот на Борис Петковски беше творечки разностран, полн со нови идеи и секогаш доследен, знаеше сето тоа што ќе го преземеше како обврска и да го исполни до крај со успех. Работеше минуциозно, како филигранист со своја творечка ерудиција. Она што беше својствено за Борис е дека беше елоквентен во образложувањата, студиозен и добро подготвен во реализацијата, како и неговата постојана желба сè да се доведе до некое совршенство. Беше внимателен, деликатен и знаеше да им помага на другите.
Навистина редок човек, пријател и научник.