Деновите што следат сè повеќе ќе нè убедуваат дека Борис Петковски беше еден од оние творци и дејци што му дадоа свој белег на македонскиот ХХ век, творец-репер, деец- патоказ. Трагата што ја остави зад себе е длабока и оддалеку видлива. Допрва претстои да се истражи и констатира зрачењето што се шири од неговото дело и сите правци на дејствување што ги предизвикуваше неговата активност.
Се сеќавам кога се јавија, во втората половина на педесеттите години од минатиот век, првите написи на Борис Петковски за ликовната уметност во нашите гласила. Тоа беше еден нов тон, зачеток на една нова линија. Борбата за дедогматизација во македонската култура сè уште траеше, отпорите кон модерната уметност – и оние официјални, идеолошки, но и оние што ги носеше во себе нашата средина како последица од неинформираноста и затвореноста – беа сè уште силни. Борис Петковски застана во одбрана на модерното, во одбрана на новиот дух, залагајќи се за нови вредности и нови хоризонти. Конечната победа на тенденциите што нè носеа во пресрет на светот и на современоста му должи многу на Борис Петковски, кој се вклучи во борбата за културниот пресврт во вистинскиот миг. За тој потфат тој поседуваше и образование, информираност, вкус, но и храброст, одлучност и упорност да се истрае.
Сосема беше природно и логично што во деновите непосредно по скопската катастрофа од 1963 година, Борис Петковски застана на челото на иницијативата да се формира – како плод на југословенската и светската солидарност со настраданиот град – музеј на современата уметност. Со голем занес и со страст Петковски ја водеше кампањата за собирање дела за идната колекција и, благодарение на неговите лични контакти, неговата комуникативност, иницијативност и предана посветеност на оваа идеја, оваа колекција стана толку богата, разновидна и универзална. И сета натамошна работа – од конкурсот за архитектонското решение за Музејот, преку неговата изградба, собирањето на кругот соработници, па до реализирањето на првата поставка, беше плод на визионерската концепција на големиот ентузијаст Борис Петковски и на енергијата што тој ја вложуваше во нејзиното остварување.
Како втемелувач и прв директор на овој Музеј, Борис Петковски создаде установа која имаше своја препознатлива физиономија и која набргу се здоби со голем углед во југословенската и светската јавност. Тоа беше наш голем исчекор кон рамноправно влегување во современата Европа, наш прозорец кон светот.
Создавањето на Музејот на современата уметност беше еден голем подвиг на македонската култура. Носителот на потфатот беше Борис Петковски – со сиот свој елан што знаеше да го пренесе и на други, со своето знаење и умеење, со широката култура, со сето богатство на својот дух.
Притоа имаше многу тешкотии и пречки што требаше да се совладаат – и тој ги совладуваше со страст на борец и со мудрост на искусен управувач. Тој ги определи насоките на натамошната активност на Музејот, наложувајќи уште од почетокот високи критериуми и создавајќи од Музејот една навистина европска институција.
Потоа, како професор на Филозофскиот факултет, Петковски го пренесе еланот од работата во Музејот. Тој создаде таму генерации на историчари на уметноста, кои од него беа подготвени да ја разбираат и да ја сакаат модерната уметност. Тој им помагаше да се откријат себеси, укажувајќи им како да ги искористат своите способности на најдобар можен начин. Благодарение на неговата педагошка дејност денес постојат цел круг млади луѓе кои одат по патот што тој им го покажа, користејќи ги неговите искуства и давајќи свој придонес кон проучувањето на модерното ликовно творештво во Македонија.
За сето тоа време, во тек на половина век, Борис Петковски беше доследен и верен проследувач на ликовниот живот кај нас. Од периодот меѓу
двете светски војни па сè до денешното време тој ги истражуваше појавите и тенденциите на ликовната уметност, следејќи ги промените, изделувајќи го најкарактеристичното и највредното, давајќи дефиниции за цели периоди и за цели одделни творечки опуси. Беше широк во прифаќањето на новото, но не беше исклучив – знаеше да ја цени различноста, самостојниот пат, специфичностите на одделните творечки патеки. Имаше афинитет кон уметноста која на еден ангажиран начин се обидува да одговори на прашањата на епохата, но имаше слух и за лично обоените барања што ги истражуваа херметичните области на сознанието. Не го истакнуваше на преден план својот личен вкус – сакаше, колку што е тоа можно, да биде објективен судија, непристрасен оценувач кој се раководи, пред сè од имплицитната естетска содржина на делото. Историјата на македонската ликовна уметност на ХХ век е неразделно поврзана со делото на Петковски – неговите периодизации, класификации, толкувања и вреднувања се неодминливи при секој сериозен пристап кон оваа материја.
Особени заслуги Борис Петковски има за афирмацијата на творештвото на македонските ликовни уметници надвор од границата на Македонија. И како ликовен критичар, и како директор на Музејот, и како претседател на Комисијата за културни врски со странство, тој беше предаден на таа цел со многу ентузијазам – низ еден навистина импресивен број на изложби што ги подготвуваше со своите соработници, со огромен број текстови наменети на странската публика, тој ги отвораше вратите на Европа за нашите уметници, и тоа го правеше не од протоколарни причини, туку од убеденост дека македонската ликовна уметност навистина заслужува да влезе во европската и светската листа на вредности. Со авторитетот што го имаше во меѓународните кругови, со угледот што го уживаше, тој направи извонредно многу навистина вредните дела на нашите уметници да го најдат патот кон нивното светско оценување и признавање.
Јас сум свесен дека не би можел во овој миг да ги набројам сите заслуги на Борис Петковски за нашата култура. Тој беше човек со исклучителна широчина на погледи, со една европска ерудиција, со ретка енергија во исполнувањето на задачите што си ги поставуваше пред себе. Носеше во себе непресушна љубопитност, дух секогаш спремен да прима нови сознанија, култура која го издигаше над вообичаените норми. Тој беше еден од оние дејци какви што се појавуваат ретко, во исклучителни мигови, и кои оставаат траен печат врз своето време. Тој беше личност.
Беше голема среќа за македонската култура да има во редовите на своите интелектуалци еден ваков неуморен трудбеник на културата и ваква сјајна индивидуалност. Тој ги впрегнуваше сите свои искуства во потфатите во кои беше ангажиран и даваше крајно несебично и извонредно многу на сите полиња на кои работеше. Зад него остануваат трајни дела – неговите книги, неговите многубројни написи – кои ќе бидат од голема корист за идните поколенија, останува Музејот на современа уметност, во кој тој ги вгради своите најполетни години, останува спомен за еден редок и исклучителен човек кој знаеше да го исполни својот живот со ентузијазам, со уживање во работата, со борба за своите идеи и со доследност кон своите идеали.