Институт Данте Алигиери, Скопје

БОРИС ПЕТКОВСКИ (1931 – 2005) беше неуморен патник низ уметноста и културата од втората половина на 20 и почетокот на 21 век, сè до последниот милиметар од неговата животна ниш­ка.

12-1

А Нејзе Клото ткајачката ја создаде на 19 јануари 1931 година во местото Бајмок во Војводина. Судбината ја мереше цели 73 години и 10 дена, сè додека неумоливата Атропа не ја за­пре на 29. јануари 2005 година.

Што гледаа неговите очи низ патеката на животната светлина, на неколку професии тесно поврзани во една: музеолог, ликовен критичар, љубопитен истражувач, професор, културолог? Со каква цел слепата Судбина ни го испрати овој ан­гел – мисионер тука во Македонија ?

Претпоставувам, со своите интелектуални потенцијали и комуникативноста, тој и не мораше да остане со нас.

Неговиот работен ангажман, во Народниот теа­тар во Скопје (1949-1957), на Работничкиот универ­зитет во Скопје (1958-1961), во Градското собрание на Скопје (1961-1964), во Музејот на Современата уметност во Скопје (1964-1976), на Филозофскиот факултет во Скопје (1976-1996) и како пензионер во својот дом до последен момент (1997-2005), беше исполнет со пасионирана одушевеност и истражувања на, би рекол, неколку основни рела­ции: Македонија, Светот, корените на традицијата и нејзиното преточување во културните содржини на сегашноста и потребните концепти за планирањето на иднината.

Тешко е денес сето тоа да се претстави но претпоставувам дека идните генерации ќе треба детално да го анализираат сонот на Борис Петков­ски, единствениот сон чие што остварување ја има силата, ова мало парче Земја да го оформи во рам­ноправен дел на светската цивилизација и култура.

Вишиот кустос (1972) односно музејскиот со­ветник (1976), Борис Петковски, покренувајќи меѓународна акција за подарување ликовни дела на градот Скопје, успева да донесе преку 2800 уметнички дела. Организира над 200 разновидни изложби во Скопје, во Југославија и во странство. Музејот на современата уметност ги освојува во 1965 година Ноемвриската награда а во 1976 го­дина наградата Св. Климент Охридски. Се разбира дека огромното музеолошко искуство му овоз­можи на професор Петковски да го оформи и да биде првиот предавач на предметот Музеологија и конзервација од далечната учебна 1980/81 година.

Тој беше член на повеќе стручни и научни тела и општествени органи, на РЗЗСК, Институтот за истражување на старословенската култура, на НУБ Св. Климент Охридски во Скопје, Ликовна­

та колонија во Прилеп, Уметничката галерија во Скопје.

Беше активен и корисен член на редакциските и уредувачките одбори на списанијата Македонија, Ликовна уметност, Разгледи и многу други.

Книгоиздателството Македонска Цивилизација и јас му должиме огромна благодарност за под­ршката, учеството и советите во Издавачкиот со­вет и прилозите на списанието Македонско Наслед­ство / Macedonian Heritage, уште од самиот старт во 1996 година.

Ги раководеше научно-истражувачките проекти: Сликарството во Македонија од доаѓањето на Словените до денес (со проф. д-р Петар Миљковиќ Пепек и проф. д-р Антоние Николовски), Монументална уметност во Македонија во ХХ век. Активен соработник во проектот на МАНУ Цивилизациите на почвата на Македонија.

Учествуваше на научните собири: за син­тезата во Врњачка Бања (1973, 1978, 1980); за Уметноста и револуцијата во Титов Велес (1966); за Нацијата и културата во Охрид (1971); основачкиот конгрес на историчарите на уметноста Охрид (1976); конгресот на АИКА (Меѓународното здружение на уметничките кри­тичари) во Швајцарија (1978); Меѓународниот есте­тички конгрес во Дубровник (1980); Изворите на модерната уметност на Југоисточна Европа во Букурешт (1983); Влијанието на античка­та уметност на Социјалистичка Република Македонија во Скопје (1985) и уште многу други средби на уметничките и културолошки мислители.

Беше претседател на сојузниот фонд Моша Пијаде во Белград; претседател на југословенската секција на АИКА (1983-1986); претставник на СФРЈ во меѓувладиниот комитет за реституција на умет­ничките дела при УНЕСКО во Париз.

Беше ментор или член во комисиите за прифаќање на докторските дисертации на редица преминати и живи дејци: д-р Вјекослав Четковиќ, д-р Антоние Николовски, д-р Јасминка Хаџиева Алексиева; д-р Јерко Денегри; д-р Владимир Ве­личковски.

Беше ментор или член на многу магистерски трудови.

Изведе голем број студиски патувања и пре­стои со предавања на голем број универзитети. Во Париз (1986, 1987, 1988); во Хале, Лајпциг, Дрезден, Вајмар, Берлин, во Полска (1985) во Иран (Багдад 1986).

Искуството и мудроста исчезнуваат докол­ку не се преточат во соодветен документ. За наша среќа професор Петковски остави огромно пишу­вано наследство. Тој публикуваше од 1956 годи­на до крајот на животот. Неверојатна е лепезата на неговите мисли. Египетската уметност, Михајло и Евтихиј или Ѓото, за Никола Мартиноски, Јапонските детски цртежи, Уметничкиот вид изразување на Револуцијата, Културата на духот и ангажира­но сознавање на светот, Американски психодели­чен плакат, За ликовната визија на нашето вре­ме, La pittura contemporanea Macedone, The sculpture of Petar Hadzi Boskov, но, без сомнение неговата централна преокупација беше македон­ската современа уметност од каде произлегоа сто­тините референци, статии и монографии.

Уште како тринаесетгодишно момче пројави интерес кон археолошките истражувања во Хераклеја, заедно со католичкиот свештеник Алојз Турк од Битола.

Со големо одушевување го подготвувавше па­тот во организацијата на заедничкиот научноистра­жувачки проект помеѓу Македонија и Италија на древната Виа Егнатиа. Така заедно го организирав­ме и спроведовме престојот на археологот Микеле Фасоло од Istituto di topografia antica при Универзи­тетот во Рим, по трасата на Егнатискиот пат во Репу­блика Македонија есента 2003 година.

На Филозофскиот факултет во Скопје влезе во 1976 година, како доцент по предметот Општа историја на уметноста – нов век. Во 1978 година беше избран за вонреден професор а во 1983 годи­на за редовен професор, со реизбор во 1989 година.

Раководителот на нашата Наставно научна сту­диска група (денес Институт) за историја на умет­ност и археологија, професорот д-р Борис Петков­ски (од 1.Х.1981-1.Х.1983 и од 20.Х.1993-20.Х1995 год.), во секој момент, на седниците, во работата, нè обединуваше и го водеше Институтот по патеката на врвната афирмација за заедничките дисципли­ни пред македонската и светската јавност.

Драгиот наш професор Петковски, беше неза­менлив со врвните позитивни доблести каракте­ристични за професор – педагог. Да се објасни, да се воведе, да се мотивира, да се доближи светот на традицијата, стиловите, боите, пластичноста, коц­кичките и стаклото или пак фотографијата, графи­ката и линиите на секој отворен човечки ум. На сту­дентите но и на сите оние подготвени за следењето на големиот учител Борис.

Со благиот тон и сигурност на паталец и мудрец нè воведуваше во развојот на стиловите и потреб­ните референци за апсорбирање на знаењата за светската и македонската историја на уметност, за музеите, музеологијата, или пак за основните еле­менти на уметничката критика.

Професор д-р Борис Петковски беше ви­стинскиот ангел чувар од портите на храмот на едукацијата и денес не постојат дилеми за вред­носта на неговиот сон Визијата: Македонија дел од европската и светската цивилизација и култура.

Објавено во: Македонско наследство / Macedonian Heritage

Списание за археологија, историја на уметноста и етнологија, година IX, број 24, 2005 г. Издавач: Македонска цивилизација, Скопје.