Италијанска поезија на Струшкиот поетски фестивал
На 58-то издание на Меѓународниот фестивал “Струшки вечери на поезијата“ што се одржа од 21 до 26 август на Охридското езеро, италијанската поезија беше претставена преку две авторки: Миа Леконт и Ана Сантоликвидо. Двете поетеси учествуваа во делот на разни читања, предизвикувајќи голем интерес и почитување.
Ги објавуваме нивните стихови преведени на македонски од професорката Анастасија Ѓурчинова.
МИА ЛЕКОНТ
МИЛОСТ
Милост за нас, милост,
за тревата која не расте, милост,
за кровот и за фасадата, за портите
без клуч, милост, за нашите
празни соби, милост за звукот
и за светлото, сè уште изгасени
милост, за нас тука внатре, милост,
со лажните прозорци
милост, за отсутното живеење,
за неможноста да останеме,
милост
за нас во оваа куќа,
во оваа наша, а туѓа.
Препев: Анастасија Ѓурчинова
Повеќе за Миа Леконт на следниот линк:
АНА САНТОЛИКВИДО
ЕКСПЛОЗИЈА
на Франка Амендола
јас кога се родив
се излеа бујната река
запеаја петлите
и славејчињата
јас кога се родив
за’ржаа коњите
мајка ми зачкрипи со забите
и ѝ се заветува на Богородица
јас кога се родив
ѕвездите скитнички преговараа
и еден борбен дух
се спушти на земјата
јас кога се родив
ветрот си легна на кровот
одново зеде здив
и го собра лелекот
3 јули 2014
Препев: Анастасија Ѓурчинова
Повеќе за Ана Сантоликвидо на следниот линк: