Институт Данте Алигиери, Скопје

ВО СЕЌАВАЊЕ НА БОРИС ПЕТКОВСКИ

Како потпретседател на Италијанскиот културен центар на Македонија и како универзитетски колега ми прави чест да зборувам за проф. Бо­рис Петковски во поглед на неговата активност во својство на Претседател на Италијанскиот културен центар како и за неговата сестрана културна актив­ност, со оглед на фактот што заедно сме биле про­мотори на културните активности помеѓу Италија и Македонија. Петковски во својство на Претседател на Републичката комисија за културна соработка со странство, а јас како професор по македонски јазик и литература при Ориенталниот Универзи­тетски Институт во Неапол, сме биле организатори на повеќе културни манифестации како: традицио­налната културна манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“, што се одржуваше и сè уште се одржува во Рим; културната манифестација „Македонски Мај“ организирана секоја година на Ориенталниот Универзитетски Институт во Неа­пол. Од библиографските истражувања на проф. Анастасија Ѓурчинова на италијанската литерату­ра во Македонија, Петковски се јавува како еден од првите преведувачи на песни од италијански поети на македонски јазик. Во доменот на умет­носта Петковски е најактивниот организатор на изложби во Македонија на италијански сликари, како и во Италија на македонски сликари. Тој со голема настојчивост успеваше да инволвира разни универзитетски италијански и македонски инсти­туции за реализација на многу значајни проекти од областа на археологијата. Се сеќавам со каков ентузијазам зборуваше за соработката помеѓу компетентните институции раководени од Проф. Пичирило и соодветните македонски институции што се однесува на истражувањата во врска со откритието на Јустинијана Прима; во врска со про­ектот Виа Игнација на македонска територија. Во својство на професор на Универзитетот Свети Кирил и Методиј Петковски беше ангажиран како гостин професор на Ориенталниот Универзитетски Инсти­тут во Неапол, каде што со голем успех ги одржу­ваше своите предавања по македонска уметност при Катедрата за македонски јазик и литература. Сосема накратко може да се каже дека, Петковски ќе остане засекогаш, незаменлив промотор на кул­турната соработка помеѓу Италија и Македонија.