Институт Данте Алигиери, Скопје

Го запознав професорот Борис Петковски при крајот на пролетта 2003 година и тоа за мене беше еден многу значаен момент. Имав за­кажано прием во Музејот за современа уметност во Скопје, Република Македонија, и мојот прв впечаток беше дека тој е една емблематична и возвишена личност, уште од првиот контакт станав свесна дека се наоѓам пред подготвен, искусен и непоколеблив човек. Конечно, по долго очекување се среќавав со историчарот на уметност за кој толку многу имав слушнато, се сеќавам дека денот беше светол и јасен, а јас се чувствував возбудена и задо­волна, во тој миг потребата да докажам што е или што претставува мојата творечка мисла беше толку голема што обрнував големо внимание на тоа да не се распливнам во беспредметно говорење. Профе­сорот Борис Петковски го зборуваше мошне добро италијанскиот јазик, благодарение на своето истар­ско потекло, и тоа ги упрости работите со оглед на тоа што разговорот испаѓаше доста интроспекти­вен; во таа пригода тој разгледа значителен број на фотографски снимки од моето уметничко творење што му ги прикажував со посредство на CD-ром, па според тоа нашата прва средба се одвиваше пред компјутер, седнати еден спроти друг. Пред мене имав сталожена личност која со вонредна чувстви­телност и стручност ги разгледуваше моите умет­нички содржини. Би можела да напишам многу за тој мој првичен контакт со професорот Борис Петковски и да се впуштам во возвишени и пре­красни искази, но првенствено морам отворено да изјавам дека тој беше Тој кој ми ги отвори вратите на уметничките колонии во кои се здобив со исклу­чително позитивен фонд на искуства.

11-1

Го сретнав и подоцна во разни пригоди, во Кри­ва Паланка, во манастирот Осоговски, дојде да ги посети уметниците на симпозиумот и свечено ја от­вори изложбата со едноставен, но претпоставувам ефикасен говор, со оглед на фактот дека доби голе­ми аплаузи а ми се виде мошне баран од многуте присутни; мислам дека во неформалната средба со нас уметниците тој ни давал повеќекратна морал­на поддршка, имајќи го предвид фактот дека еден продуктивен критичар умее секогаш да ти го каже правиот збор, без разлика кој си и што искажуваш. Исправно помислив дека можам навистина да поч­нам да го гледам во правата светлина, а исто така во таа пригода забележав дека од неговата личност зрачи оној флуид што јас би го нарекла хуманост, во моите очи тој не беше само еден учтив и многу отмен господин, туку автентичен стручњак што се однесува до неговите професионални и истори­чарски функции. Верувам дека го запознав добро професорот Борис Петовски исто така и слушајќи го како зборува, раскажува за дел од нашиот 20 век, како на пример една вечер кога се најдов гостин­ка во неговиот дом и ми беше чест да ја сретнам и да ја запознам неговата сопруга, па двајцата ми станаа толку блиски што со нив поминав една не­заборавна вечер, ми раскажаа неколку случки што разбирливо ги имале во врска со нивните дожи­велици околу историјата на уметност, најпосле се наоѓав меѓу уметници, историски експоненти, ка­ков што беше професорот, имено таа вечер дознав дека неговата сопруга била во балетот и нејзините уметнички искуства биле многу болни и макот­рпни, ми покажаа фотографии, книги, уметнички дела; тој не изгледаше, но беше навистина голем човек, со редок сензибилитет, образование и култу­

ра. Се присетувам секогаш многу радо на таа вечер. И покрај тоа што тој не е веќе жив, ќе го сочувам во жив спомен овој голем експонент на 20 век.

Професорот Борис Петковски го заслужува сето мое признание и мојата длабока почит и би сакала да завршам со една прекрасна слика што ќе ја раскажам… се наоѓав во градината на домот на Петковски во нивно друштво и беше веќе доц­на, вечерта беше свежа а јас заедно со нив среде толку многу цвеќе добив претстава за совршен­ството на бескрајот, ми се видоа како двe возрасни добродушни суштества од бајки и јас се чувствував гордо и сè уште сум многу горда за тоа. Оваа драга слика што ми останува е нешто што не умеам до­бро да го опишам со зборови, но затоа можам да тврдам дека професорот Борис Петковски заслу­жува историјата да го споменува и да го вбројува меѓу нејзините големи претставници. Една мудра, образована личност со истенчена смисла за хумор, па сè додека ќе се чува споменот на него ќе можеме да замислуваме дека е вечно со нас. Благодарам професоре Петковски.

Превод од италијански: Марија Грација Цветковска