КРАТКО СЛОВО ЗА БОРИСА
Борис Петковски беше истакната разнострана и полифонична личност на нашата национална култура.
Од првиот момент на своите разнострани ангажмани во афирмацијата на македонската ликовна и уметничка култура тој настапуваше силовито, динамично, како неуморен толкувач на нашите творечки вредности и аниматор на нашиот културен уметнички амбиент. Од тој богат разностран животен и уметнички ангажман јас во оваа прилика ќе изделам три својства на неговата личност.
Најнапред, тоа е неговата рана определеност за новите, современите и модерните струења во уметноста која кај него беше една длабока внатрешна ориентација од која тој не скршна до крајот на својот предвреме завршен живот. Тој беше широко и сестрано ориентирана личност во тековите на
модерната ликовна уметност кај нас и во светот и посакуваше со ретка упорност и доследност таквата ориентација да ја застапува и во вреднувањето на нашето ликовно творештво, кое во неговата личност го имаше својот ангажиран и компетентен арбитар. Како таков, тој не можеше да не се судира со се она што во неговата т.е.нашата средина беше конзервативно, анахроидно, она што го запираше и кочеше нашиот развиток кон модерното естетичко мислење. Во таквите чести пресметки тој изречуваше оценки и застапуваше ставови кои во најголем дел се покажаа како оправдани и неоспорни.
Второ негово својство што беше длабоко обележје на неговата личност и кое го прави еден од ретките подвижници на нашиот културен живот е неговата неуморна комуникативност со личности и институции од разни средини, пред се од бившиот југо-простор, Европа, но и од целиот свет. Тој има незаобиколни заслуги за изградбата и создавањето на неколку наши национални институции од областа на ликовната уметност, мегу кои Музејот на современата уметност на Кале е круна на овој дел од неговата неуморна аниматорска дејност.
На крајот ќе ја истакнам нашата заедничка повекегодишна соработка во осмислувањето на макропроектот сврзан со компаративното проучување на македонската литература и уметност. Тој беше исклучително совесен и верен соработник и еден од клучните креатори на овој сложен проект, кој за прв пат и врз такви теоретско-методолошки принципи се остваруваше во нашата земја. Седум години траеше нашата заедничка работа и борба за негова реализација, а како резултат дојде и нашата заедничка книга “СИНТЕТИЧКА СТУДИЈА”, објавена на француски јазик, која наиде на мошне позитивен прием во светот. За овој макропроект Борис напиша уште неколку нови студии од неговата област. Кога еден ден резултатите на нашите сложени истражувања ќе бидат целосно публикувани, а се надевам дека тој ден не е далеку, ке се види колку беше несебична, самопорегорна и творечки насочена кон иднината и новите хоризонти големата работа на Борис Петковски…