Институт Данте Алигиери, Скопје

ЗА БОРИС ПЕТКОВСКИ…

…Ја паметам сè уште јасно, како да беше вчера, мојата прва консултација, пред првиот испит на постдипломските су­дии, на која проф. Петковски зборуваше (призна­вам, за мене тогаш по многушто неразбирливо) дека „…имаме обврска: будно да ги опсервираме сите процеси кои реално или само навидум го профилираат нашиот идентитет, да ги креираме содржините и да ги дешифрираме контекстите на идеите кои го обезбедиле нашето суштествено дејствување и опстојување среде процесите кои често за Македонците биле погубни, страшни, негирачки, неповолни…“ Така зборуваше, тогаш мојот професор, ментор, подоцна, и мојот пријател, Борис Петковски.

9-1

Зборуваше и за оние, (за многумина до дене­ска сè уште докрај неразбрани) теориски, развојни, институционални и други параметри, кои, преку работата на различни проекти, истражувачки зада­чи, предизвици…почнувавме да ги препознаваме како дел од општиот развој на културата и уметноста на македонско тло. Зборуваше за нив како за такви, коишто успеале да дефинираат области кои битно ја детерминирале (условиле) нашата севкуп­на еманципација среде европските процеси во сите области на животот…

Во време кога сè уште не беше созреал им­пулсот за критичко преиспитување на сопстве­ната вредносна дефиниција, нужно насочена кон развивањето на перцепцијата за сопствениот кул­турен и уметнички идентитет, тој зборуваше за нуж­носта од воспоставување специфичен, инвентивен, свој и препозналив однос кон поимот на критичко­то, научно засновано референцирање на поимот на “македонскиот идентитет” во областа на културата и уметноста, отворајќи ни влез во материја, која, иако реално апстрактна и неразбирлива (тогаш), сепак, постепено го градеше нашиот однос кон сите оние феномени, кои дотогаш и не бевме спремни да ги препознаваме како влијателни и важни…се учевме да гледаме како светот само што не се отворил поинаков, како да небаре се ќе започне од нас, а моравме да ја почитуваме онаа сложена повеќеслојна традиција, за која само насетувавме дека е составена од материја која ќе не обликува нас, новите, наивно млади истражувачи, загледа­ни во магливите пространства на нашите незнајни проекции за себе нанапред во времето…

Така го крепеше нашиот дух. Така ја преиспи­туваше нашата посветеност, го ставаше на кан­тар секој наш збор, став, мисла. А ние гордели­во успевавме да веруваме дека еве, нештата што­туку ќе започнат од нас, а ние веќе се бевме опре­миле со чувството на исполнетост со сосема новите сознанија за секое ново камче мозаик кој го дода­вавме во нејасната слика, која полека, како приказ­на, почнуваше за нас да значи отворање на погле­дот кон незнајните, бескрајни подрачја на духот, во кои уметничкиот порив во неброени комбинации успеал да се искаже и да опстои како суштествена еманација. Паметам, така во нас го негувавме чув­ството дека бескрајно ја почитуваме исторично­ста…онаа историчност, за која проф. Петковски тол­

ку многу, толку обврзно сакаше да зборува, како да сакаше од тоа да направи наш завет…или, можеби, наш заговор со вечната посветеност.

Не се штедевме во напорот да ги одгатнеме сите зборови од сложената реченица која поле­ка стануваше наша стварност, разбранувана како игра понесена од свесноста за сопствениот придо­нес, кој проф. Петковски исклучително сакаше да го однегува кај нас. Токму така станувавме свес­ни, согледувајќи ги историските нужности, конти­нуитети и условувања, за суштината на различните истражувања, за важноста на одредени проекти, за трајноста на одредени концепти кои нудеа опции и одговори за проблемот на нашата способност да се вклучиме во модерната епоха, или пак, не тераше на питом, помалку поетичен начин, да ги изостри­ме сопствените сетила, да ги обликуваме сопстве­ните перцепции, и да ги согледаме недостатоците кои сето тоа го оневозможуваат дури и во такви си­туации, во кои нашите заклучоци евидентно биваа спротивставени со неговите, лични опсервации на идентичните феномени…

Како по правило, низ интерактивните диску­сии, лишени од милоста на топлото малограѓанско озборување, речиси секогаш, нашето сопствено преиспитување беше поставено наспроти сите други видови на критичка опсервација, од каде пак ние ја препознававме наметнатата нужност за претставување и на сите (различни, разнород­ни) аспекти на “позитивното македонско вградување во културата и уметноста на 20 век”; така веројатно учевме, речиси и незнаејќи дека учиме, за сложеноста на процесот на препознавање дури и на малите осцилации на духот, откриени во раз­личните македонски, наши, сопствени уметнички манифестации…

Денес, загледан како во магла, во она студено утро кога за последен пат молкум одвај се одважив и му ги поднесов своите фусноти, референци и бе­лешки, (не сакајќи тогаш да си признаам дека свес­но му ги предавам на оној простор за кој отсекогаш зборувавме, а помалку не признававме), сè уше не можам (и не сакам) да се ослободам од она чувство на едноставна човечка тага, но и нескриена радост, што барем си го предадовме на чување оној завет на духот, заради кој веројатно и вреди да се потро­ши навидум сложениот, но во суштина едноставен, минлив, човечки живот…