Институт Данте Алигиери, Скопје

Имаме чест да му ја оддадеме уште еднаш должната почит на професор д-р Борис Пет­ковски, како на извонреден историчар на уметноста, пожртвуван професор, активен култу­рен деец и почитуван и докажан член на нашиот колектив, но и на нашата општествена заедница. Иако денес веќе не дели извесна временска дис­танца од неговото испраќање во вечноста, допрва претстои истражување на бројните достигнувања на професор д-р Борис Петковски, а уште повеќе утврдување на ефектите и зрачењето што се шири од неговото дело.

7-1

На пример, досега не беше доволно диску­тирано за значењето на професор Петковски за одбраната и афирмацијата на модерната уметност во втората половина на педесеттите години од ми­натиот век, кога се појавија неговите први написи за ликовната уметност во нашите гласила. Во тоа време борбата за дедогматизација во македонска­та култура сè уште траеше, и отпорите кон модер­ната уметност – и оние официјални, идеолошки, но и оние што ги носеше во себе нашата средина како последица од неинформираноста и затвореноста – беа сè уште силни. Борис Петковски во тоа време се зазеде за модерното, за новиот дух, отворајќи простор за новите вредности и хоризонти. Акаде­мик Влада Урошевиќ ќе рече: „Конечната победа на тенденциите што нè носеа во пресрет на светот и на современоста му должи многу на Борис Петковски, кој се вклучи во борбата за културниот пресврт во вистинскиот миг. За тој потфат тој поседуваше и образование, информираност, вкус, но и храброст, одлучност и упорност да се истрае.“

Потврда за несебично и пожртвувано манифестирање на овие негови квалитети беше добро познатиот и историски значаен ангажман на професор Петковски како основач и прв директор на Музејот на Современата уметност во Скопје, не­посредно по катастрофалниот земјотрес кој го по­годи главниот град на Републиката во 1963 година. Тогаш, во услови на вонредна состојба предизвика­на од елементарната непогода, Борис Петковски за­стана на чело на иницијативата да се формира ва­ков музеј– прв кај нас, кој настана како плод на југословенската и светска солидарност со настра­даниот град. Со голем занес и со страст тој ја воде­ше кампањата за собирање уметнички дела. Бла­годарение на личните контакти и комуникатив­ност, иницијативноста и преданата посветеност на професор Борис Петковски на оваа идеја, Скопје доби многу богата, разновидна и универзална колекција. Голема енергија, ентузијазам и органи­зациски вештини тој вложи за да ја реализира во целост идејата за формирање на единствената по обем и квалитет збирка на дела на најголемите ав­тори на современата уметност на XX век; таа во­едно да биде соодветно сместена, организира­на, обработена и најпосле достојно презентира­на. Тоа значеше организирање на конкурс за архи­тектонското решение за Музејот, потоа негова из­градба, формирање на кругот соработници, се до реализирањето на првата поставка.

Накусо, визионерскиот ангажман на професор д-р Борис Петковски не само што создаде врвна кул­турна установа, туку и придонесе за создавањето на нејзината препознатлива физиономија, која набргу се здоби со голем углед во тогашната југословенска и светска јавност. Нејзиното формирање значеше во голема мера наше интегрирање во современа­та уметничка мапа на Европа и светот.

Искален со непроценливо искуство, стек­нато на директорската функција и наоружан со знаења освоени за време на студиските престои во Франција и други европски земји, Борис Петков­ски стана професор на Филозофскиот факултет во Скопје, каде го пренесе својот работен елан. Како резултат на педагошката активност на професор Петковски произлегоа генерации на историчари на уметноста, подготвени да ја разбираат, проучуваат и почитуваат модерната уметност. Своите студенти професорот Петковски ги поттикнуваше, усмеру­ваше и инспирираше, самиот постојано активен и присутен во сферата на современата уметност и истраен во афирмација на македонската уметност, кај нас и во светот.

Научно-истражувачката активност на профе­сор д-р Борис Петковски беше интензивна и кон­тинуирана. За неа сведочат големиот број значајни научни прилози, монографии, проекти, научни со­бири и конгреси, организирани кај нас и во стран­ство. Борис Петковски остави извонредно важни и истовремено пионерски научни согледувања за ли­ковната активност на подрачјето на Македонија во XX век, проучувајќи ги првите обиди на нашата мо­дерна уметност во ослободувањето од традицијата на византиското наследство и срамежливото прифаќање на влијанија на европските современи текови. Детерминирајќи ги европските влијанија во раната македонска современа уметност, про­фесорот Петковски преку објективни и аналитички согледувања, како и темелни проучувања, успеш­но ги скенираше почетоците на македонската со­времена уметност, согледани во разноликоста на авторски ракописи на неговите основоположни­ци. Покрај повеќето негови значајни дела, ќе оста­не како стожер неговото капитално остварување: обелоденувањето на творечкиот и животниот пат на Никола Мартиновски, кој дури по опсежното проучување на Борис Петковски го доби своето ви­стинско место во националната историја на умет­носта. Историјата на македонската ликовна умет­ност на ХХ век е неразделно поврзана со делото на Петковски – неговите периодизации, класифи­кации, толкувања и вреднувања се неодминливи при секој сериозен пристап кон оваа материја. Во текот на половина век, Борис Петковски беше до­следен и верен проследувач на ликовниот живот кај нас. Од периодот меѓу двете светски војни па сè до најново време тој ги истражуваше појавите и тенденциите на ликовната уметност, следејќи ги промените, изделувајќи го најкарактеристичното и највредното, давајќи дефиниции за одделни периоди и поединечни творечки опуси. Поради овие свои залагања и успеси, Петковски раково­деше со неколку суштествни национални проекти во МАНУ. За своите академски достигнувања и ре­зултати професор д-р Борис Петковски беше до­битник на повеќе значајни награди и општестве­ни признанија.

Во функција на конкретната реализација, но и на општествената афирмација на научната мисла, Петковски членуваше во многу умет­нички организации и асоцијации, со чија работа раководеше во одреден период. Неговиот углед во научните и културните кругови во државата и надвор од неа придонесе тој да биде назначен на одговорни функции во доменот на културата, осо­бено упатени на културно-уметничката соработка и афирмацијата на македонската современа умет­ност надвор од границите на Македонија. Оваа мисија тој ја остваруваше и како ликовен критичар, претседател на АИКА, како директор на Музејот на современа уметност и најпосле како претседател на Комисијата за културни врски со странство.

Д-р Борис Петковски беше човек со европска ерудиција, култура, полиглот и ангажиран, осве­стен научник и професор, секогаш буден и активен, секогаш во центарот на случувањата и прв во бор­бените редови кога требаше да се избори за умет­ничката кауза. Тој беше и ќе остане еден од оние кои со својата самопрегорна работа и постигнати резултати ја обележуваат епохата во која живеат. Горди сме што припаѓаше на нашиот колектив и што со својот обемен опус и научна мисла стана значаен дел од историјата, сегашноста и иднината на Филозофскиот факултет во Скопје.