Институт Данте Алигиери, Скопје

Вредноста на едно дело можеби можеме да ја мериме според она што тоа го предизви­кува врз околината. Да бидам попрецизен. Животот ви овозможува да се среќавате со дела, на некои реагирате рефлексно, некои воопшто не ве допираат, но има и онакви кои не ве оставаат рамнодушни. Овие последните се многу ретки, но исклучително моќни. Се вгнездуваат во вашата потсвест, и ве поттикнуваат да размислувате за нив. Ги предизвикуваат прашања како настанале, каков е тој мозок што ги создал и што се случило со творецот за тие да се материјализираат токму на таков начин. Дали метафизиката и алхемијата кои ги создале и ги содржат, ги чинат да бидат посебни и каква е таа универзална азбука која ја носат со себе за да останат разбрани низ времето.

Сигурно дека еден од трагачите каде лежи вистината и дали немерливото може да се из­мери, беше проф. Борис Петковски. Ја имав таа можност во мојот живот да се сретнам со него. Тој ми беше професор, но исто така професионално се среќававме и понатаму во животот.

Се сеќавам на неговите предавња, тие секо­гаш беа мошне прецизни и јасни, испреплетени со примери и приказни кои беа надополнување и дообјаснување на темите кои ни ги пренесуваше. Она што од тоа време можеби ми остави особен впечаток беше испитот кој од формален се претво­ри во дискуија. Тој ми дозволи да го кажам своето мислење. Ги спротивставив своите аргументи на аргументите на професорот. Веројатно таквата сло­бода можат да ви ја дадат само оние кои се спремни да слушнат што мисли другиот, различниот од вас, но воедно и вас самите да ве воведе во сознанието дека спротивставените мислења не значат војна.

Во својот живот проф. Петковски се профилира во човек кој она што ќе го осознае и спознае го пре­твора во дело во кое се меморирани сите сигнали кои допреле до него. Несомнено неговиот интерес кон модерната и современта уметност на ХХ век, е местото каде би го лоцирал делото кое го оста­ви зад себе: создавањето и градењето на Музејот на современата уметност во Скопје, трагањето по се она што го носеше во себе овој турбулентен, де­конпониран век, век на контраверзии, радикални промени, евтини сензации, страдања и нова есте­тика. Тоа беше она што стана опсервација и анали­за на овој историчар на уметноста, хроничар и кри­тичар на рецентното случување. Сето тоа система­тично срочено во текстови и книги. Тие претставу­ваат значајна трага за постоење на автентична кул­тура која се развивала под влијанија на европски­те и светските случувања, но сепак различна, спец­ифична и во нешто ендемична. Неговите сознанија и ставови за македонската современа уметност се особено значајни и според мене искучително важ­ни. Оставени на наредните генерации и другите култури и нации на анализа.

Потрагата по различноста и вечното преиспитување што е вистината е втемелена и во неговата потреба за промовирање на автентичната култура и уметност и нејзино ставање во директна врска со туѓите искуства. Носењето на изложби, про­моциите, неговите предавања во странство, и од друга старна носењето на странското искуство во Македонија е мисијата која тој самиот си ја зададе. Тука некаде ја гледам неговата ентузијастичка по­треба за создавањето на Македонско-италијанското друштво за културна соработка или како тој сакаше да каже Италијанскиот културен центар. Впечатлив беше сериозниот однос кон оваа институција, не до­зволи ниту во еден миг нејзиниот опстанок да дојде во прашање. Со тоа тој создаде можност за повтор­на средба на две медитерански култури, кои и во из­минатите векови повремено се допирале, влијаеле една на друга но останале свои во различноста. Цел­та не му беше само афирмирање и промовирање на современата италијанската култура и мисла во Македонија. Тој тоа го издигна во запознавање, раз­говор, размена, споредба и дружење на мислата и делата родени во овие две средини.

Веројатно ќе помине уште некое време за да разбереме каков беше тој силен ентузијазам кој му овозможуваше да се движи по патот кој самиот си го зацрта. Имам впечаток дека неретко беше нераз­бран од околината и понекогаш оневозможен да го направи она што го имаше на ум. Но сигурен сум дека проф. Борис Петковски остави зад себе дело чија вредност е лесно мерлива, дело кое нема да ве остави рамнодушен и ви остава место за постојана дискусија и повторна средба со професорот.