Мојата прва средба со Борис Петковски беше некаде во далечната 1952 година. Јас, како гледач на оперска претстава во Македонскиот народен театар, а Борис како член на балетскиот ансамбл во улога на шпански тореро.
Во групата која што ја изведуваше балетската нумера тој паѓаше во очи со својата височина, витото тело и елегантните движења на рацете и нозете, со својот вроден осет за музика, како и со јасно изразените, благородни, медитерански црти на ликот. Овие негови физички, но и духовни особини, совршено се совпаѓаа со улогата што ја толкуваше.
Во тоа време, претставите на театарот, на операта и балетот беа културни настани што не се пропуштаа, особено од оние кои својот животен пат го врзуваа за уметничкото творештво.
Гледано од денешен агол, шеесеттите години на минатиот век беа време кога Македонија чувствуваше невидена глад по кадри од сите сфери на општествениот живот, а особено од областа на културните дејности. Така, оние што покажуваа интерес за оваа област, беа веднаш вработувани во тогаш, сè уште малубројните институции од областа на културата. Поголемиот дел од овие млади луѓе беа постојано вработени во институциите, но, и редовни студенти на високообразовните институции. Тоа беше случај и со Борис Петковски, редовен студент на групата за историја на уметноста на Филозофскиот факултет и истовремено член на Балетот на МНТ.
Кога подоцна го запознав како студент на историја на уметноста, тој на мене остави голем впечаток заради неговиот навистина сериозен и многу темелен пристап, не само кон материјата што ја слушавме на предавањата, туку и по неговите знаења и интерес за материјата што ја изучувавме. Во таа негова преокупација му помагаше неговото одлично познавање на францускиот и италијанскиот јазик, како и на неколкуте јазици од т.н. словенска група на јазици, така што без поголеми проблеми користеше литература врзана за проблематиката што беше предмет на студиите по историја на уметноста.
Се разбира, ова негово изразито полиглотство, придружено со уметничките, духовни и интелектуални пориви, кои тој несомнено ги поседуваше, беше многу ретка, ако не и единствена појава меѓу студентите на историја на уметноста на Скопскиот Филозофски факултет. Неговата драгоцена комуникација со случувањата во уметноста во светски рамки, не само во моите очи, туку и во очите на тие што го познаваа и се дружеа со него, го претставуваа како еден од најистакнатите, а јас би рекол еден од најобразованите студенти на групата за историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Скопје. Беше вистинско задоволство да се слушаат неговите дискусии на семинарските вежби. Примерите што ги посочуваше, беа апсолутна новина за другите студенти, а често и за професорите. Сепак, тој во ниту еден момент не покажуваше горделивост и надменост. Беше скромен и умен човек, секогаш подготвен со секого да дискутира на некоја тема од областа на уметноста и несебично да помогне ако тоа некој од него го бараше. Затоа што тој самиот беше човек со достоинство на творец и креативен уметник.
Во своето семејство, тој, исто така, беше придружуван од талентиран уметник и балетски педагог од висока класа, односно од неговата почитувана сопруга Тања Петковска, сега пензиониран универзитетски професор кој на Факултетот за драмски уметности го предаваше предметот сценски движења и танци.
Борис Петковски дипломираше во 1956 година на Филозофскиот факултет во Скопје. Веднаш по дипломирањето тој почнува да објавува текстови во дневниот печат и тоа од областа на уметноста, културата и филозофијата. Својата професионална и научна дејност ја започнува некаде во 1960 година, при што користи можност за повеќе студиски претстои во европските земји, а подоцна престојува и во САД како гостин на Владата на оваа земја. Студискиот претстој во Париз, во Националниот музеј на модерната уметност, како и на Сорбона и во Институтот Collège de France (каде соработува со познатиот Жан Касу како и со Бернард Доривал) му отвараат нови видици и сознанија, зацврстувајќи ја неговата љубов кон современата уметност воопшто, а посебно кон специфичностите на македонската современа уметност.
Еден од многу значајните моменти во неговиот живот, без сомнение е врзан за 1963 година. Во деновите кога по катастрофалниот земјотрес што го разурна градот Скопје, луѓето размислуваа за секојдневните егзистенцијални проблеми, тој својата преокупација ја врзува за една несекојдневна идеја: да се создадат услови за основање на Музеј на современата уметност во Скопје. Оваа идеја станува негов сон и неодменлива желба. Заедно со други поборници на оваа идеја, што тој самиот ги регрутираше формиран е Иницијативен одбор за основање на Музеј на современа уметност, а тој ја презема улогата на прв секретар на Иницијативниот одбор. Веќе од наредната 1964 година па се до 1976 година тој прв ја обавуваше функцијата на директор на новооснованата установа. Под негово раководство и благодарение на широката меѓународна солидарност, во Музејот е создадена колекција од неколку илјади ликовни дела на голем број ликовни уметници од целиот свет. Во тој период е изградена и нова музејска зграда, а во рамките на дејноста на новосоздадената установа, се одржани повеќе од 250 изложби на македонската и странската уметност во Скопје, но и во повеќе земји во светот. Во овој период, паралелно со секојдневните задачи во Музејот, тој ја подготвува и својата докторска дисертација посветена на животот и делото на големиот македонски сликар Никола Мартиноски. Борис Петковски ја одбранил докторската дисертација на Филозофскиот факултет во Белград во 1975 година, пред високо реномирана научна комисија, предводена од неговиот ментор проф. д-р Лазар Трифуновиќ. Во тој период ја отпочнува и својата универзитетска кариера: од 1970-1972 година предава историја на уметноста на Вишата музичка школа; од крајот на 1976 па се до 1996 година на Филозофскиот факулет во Скопје на Институтот за историја на уметноста со археологија е професор на предметите современа уметност, уметноста на народите и народностите на СФРЈ, уметноста на македонскиот народ по 1900 година, општа историја на уметноста – нов век и музеологија. По пензионирањето во 1996 година тој и понатаму продолжува да работи во својство на ментор и член на комисии за одбрана на магистерски и докторски трудови, пишува и објавува книги и учествува во реализација во повеќе научни проекти.
Во 1991 година, а потоа и во 2002 година претстојува како визитинг професор на Универзитетскиот институт Ориентале во Неапол, предавајќи содржини од областа на модерната источно-европска и македонска уметност. Борис Петковски, исто така, држел повеќе предавања и на универзитетите во: Хале, Софија, Белград, Неапол, Рим, Торино, Брисел и др.
На Филозофскиот факултет во Скопје, Петковски бил неколку пати раководител на Институтот за историја на уметноста со археологија, како и член на советите на разни други факултетски тела.
Во периодот од 1986 до 1989 година тој ја обавувал функцијата на претседател на Републичката комисија за културни врски со странство. Благодарение на неговото залагање, во тој период, се реализирани повеќе значајни акции за промоција на македонската култура во светот.
Максимално ангажиран за афирмација на уметничкото творештво на Македонија во земјата и надвор од нејзините граници, Борис Петковски учествува со свои реферати на повеќе конгреси и научни симпозиуми, при што неговите трудови се проследени со посебен интерес. Во својство на член, а во еден период и претседател на Македонското здружение на ликовни критичари, тој организира и учествува на конгреси и симпозиуми во Франција (Париз), а потоа во Романија, Грција, Белгија, Унгарија и други земји. Во име на Републичката комисија за културни врски со странство, во 1983 година организирал Италијанско-југословенски научен собир во Рим.
Почнувајќи од 1971година, Петковски работи на повеќе научни проекти меѓу кои: „Сликарството во Македонија од доаѓањето на Словените до денес”; раководи со двете фази на реализацијата на проектот при Институтот за историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје со тема „Монументалната уметност во Македонија во ХХ век”, што завршува во 1998 година. Тој учествува и во научни проекти од програмата на Македонската академија на науките и уметностите, како на пример: „Историја на културата на тлото на Македонија” и „Македонската литература и уметност во XIX и XX век”.
Библиографијата врзана со дејноста на д-р Борис Петковски, покажува дека во својот научно-истражувачки век, тој има објавено неколку стотини трудови, во најголем дел врзани за научните толкувања на современата македонска, но и светска уметност (критики, предговори, студии, монографии, книги за современото македонско сликарство, книги со одбрани текстови за македонската уметност и др.).
Овој богат научен, стручен и педагошки опус, д-р Борис Петковски го вбројува меѓу ретките историчари на уметноста кои зад себе оставија драгоцени научни сведоштва и темелни согледувања за македонското современо ликовно творештво, за историјата на македонската култура, како и за поголем број ликовни уметници и културни дејци.
За својата научна и друга општествена дејност, Борис Петковски се здобил со повеќе награди, одликувања, спомен-плакети, благодарници, меѓу кои: Ноемвриската награда на градот Скопје (1977); Октомвриската награда за наука (1983); Орден за труд со златен венец на СФРЈ (1989); Медал за заслуги на Француската влада (1984); Златна плакета на Филозофскиот факулет (1996); Ноемвриската награда на градот Скопје (2004) и др.
Со прераната смрт на д-р Борис Петковски македонската наука, историјата на уметноста и македонската култура воопшто, изгубија една рет
ка личност, неповторлива по својот ентузијазам, настојчивост, чесност и хуманост, односно изгубија еден од своите врвни научници, истражувачи, брилијантен познавач, толкувач и афирматор на современата, македонска и светска, ликовна уметност.
Убеден сум дека неговото дело ќе опстојува како значаен патоказ за помладите историчари на уметност и истражувачи, на кои, Борис до последните денови од својот живот, им посветуваше посебно внимание и несебично се грижеше за нивната сестрана едукација.