Постојат личности кои со својата енергија и виталност засекогаш остануваат во сеќавањата на идните генерации, поточно личности кои со својата работа засекогаш се вградуваат во историјата и растежот на една институција и пошироко во развојот на една дејност. Таква личност
беше мојот драг професор, неуморен музејски професионалец Борис Петковски, првиот директор на Музејот на современата уметност-Скопје (1964-1976).
Кога зборувам за Борис Петковски веднаш го идентификувам со највпечатливиот и најсложениот проект на македонската култура на 20.век, Музејот на современата уметност-Скопје во чие создавање е вградено севкупното негово познавање не само на теоријата и историјата на уметноста туку и на современата музеологија. Создавање на една институција која што ќе ги открива, чува, презентира, интерпретира и шири високите вредности во уметноста и во културата на нашето време, непосредно по земјотресот во 1963 година, е голем предизвик за младиот и амбициозен историчар на уметноста. Тој со голема љубов, ентузијазам и знаење се вклучува во големата акција на подарување на уметнички дела иницирана од бројни асоцијации, уметници и институции од целиот свет чиј краен резултат е создавањето на музеј чија меѓународна колекција, пред сé, му дава особено и единствено место во музејската мрежа во Југоисточна Европа. Со основањето на Музејот (1964) и со големата заложба на Петковски во создавањето на извонредната збирка на дела од најрелевантни автори во светската Модерна, се потврдува сознанието за неговата огромна љубов кон својата професија.Освен во оформувањето на колекцијата тој има особено значење и во другите сегменти на музејската дејност: изложбената, едукативната и други активности на Музејот. Во работата на институцијата тој внесува дејности од музеологијата кои за прв пат се присутни во музејската практика во Македонија, а по примерита на музеите во Европа и Америка.Тука спаѓаат каталозите, монографиите, книгите врзани за конкретни изложби со стручно изработена био-библиографска граѓа за македонските автори. За прв пат се поставуваат ретроспективни изложби (О. Петлевски, Д. Коцо, В. Поповиќ-Цицо, Н. Мартиноски) пропратени со монографии обликувани како стручно-научни публикации. Неговите организациони и професионални способности дојдоа до израз и при изградувањето на зградата на Музејот и при поставувањето на првата варијанта на постојаната поставка со што истиот е свечено отворен во 1970 година.
Но, тоа не е доволно за Петковски и тој напоредо со работата во Музејот започнува со педагошката дејност, поточно предава историја на уметноста на Високата музичка школа (1970), а од 1976-1997 е редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје (институт за историја на уметноста со археологија) за предметите Модерна и современа уметност и Музеологија.
Од тој период е и мојот прв контакт со Петковски кој како професор мене и на десетина мои колеги од првата генерација студенти на Историја на уметност, несебично ни ги пренесуваше своите искуства и знаења од областа на музеологијата и теоријата, придонесувајќи во трајната определба уметноста на 20 век да биде поле на наш интерес и работа.
Но, тоа по што јас со посебен пиетет ќе се сеќавам на мојот драг професор е периодот кога соработував со него во подготовката на неговото последно големо дело врзано за Музејот, книгата МСУ 1964-1976, прва од едицијата Досие МСУ , како и неговото учество во одбележувањето на јубилејот “40 години МСУ-Скопје” . Овие значајни настани со кои се одбележуваше историјата на институцијата, уште еднаш, ми ја потврди констатацијата дека Музејот е неговата прва љубов и негово животно дело, а јас која го имав задоволството да бидам во негова близина и да црпам сознанија од неговите искуства посакувам сите да учиме од вакви личности кои оставиле голема трага во културата на својата држава.