Институтот за италијански јазик и култура „Данте Алигиери“ во Скопје и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност организираа отворен ден во канцеларијата на Секретаријатот за европски прашања а свое учество имаа и Амбасадата на Република Италија во Македонија и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Италијанскиот амбасадор во Македонија Н.Е. Карло Ромео информира дека денеска во целиот свет се прославува раѓањето на големиот поет Данте Алигиери. Истакна дека е важна промоцијата на италијанскиот јазик во Македонија на програмата „Еразмус+“ и изрази благодарност до професорите кои работат во Институтот „Данте Алигиери“.
Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров потенцира дека целта е да се зголеми промоцијата на италијанскиот јазик и култура и да се одбележи 30-годишнината од постоењето на програмата „Еразмус+“.
Претседателот на Институтот „Данте Алигиери“ Ладислав Цветковски информира дека има интерес за италијанскиот јазик и култура во Македонија и ги потенцираше најважните активности на Институтот: бесплатни јазични курсеви за деца во четири основни училишта во општините Центар и Карпош и јазични курсеви за сите возрасти и полагање за добивање на сертификатот „Plida“ за познавање италијанскиот јазик за сите нивоа. “Данте Алигиери“ исто така се залага италијанскиот јазик да влезе во официјалните програми во основните и во средните училишта во Македонија.
Фото Дарко Николовски