Институт Данте Алигиери, Скопје

Денес и во деновите што доаѓаат, ќе се збору­ва и ќе се пишува многу за значењето на де­лото што проф. д-р Борис Петковски го оста­ви зад себе, за неговото место во историјата на ма­кедонската култура и уметност, за значењето на не­говиот творечки опус, за неговиот научен придо­нес во теоријата и проучувањето на историјата на македонската ликовна уметност, за подвигот во создавањето и втемелувањето на Музејот на совре­мената уметност којшто успешно опстојува веќе четириесет години, за годините кога како прв ди­ректор ја водеше оваа установа, за подвигот во создавањето на светската колекција од уметнич­ки дела, за неговите достигнувања во промоцијата, презентацијата и афирмацијата на македонската уметност во светот, за неговиот професорски само­прегор, како и за многу други подвизи за кои е мал­ку еден човечки живот, а кои тој успеа да ги постиг­не, гледано од денешна перспектива, со привидна леснотија на митски јунак кој на крајот се жртвува и се вградува самиот себеси во градбата што ја по­дигнал.

1-1

Јас повеќе би сакал да зборувам за Борис Петковски, надвор од вообичаените конвенции, би сакал да говорам за Борис Пектовски, пред се, како за човек кој остави неизбришлива трага во животи­те на сите оние кои ја имаа таа чест да го познаваат.

Беше исклучителна личност, полн со еруптивна енергија и со непоколеблив ентузијазам, човек чие внатрешно зрачење им го осветлуваше патот на ге­нерации негови студенти и колеги.

1-2

Од себе тој создаде институција во која сло­бодно можевте да влезете и да се загубите во не­прегледните коридори на неговиот брилјантен ум, архив преполн со децении натрупано знаење што ви е на дофат од раката, библиотека полна со ретки книги коишто можете да ги позајмите во било кое време, а тој секокогаш беше подготвен да ги отво­ри вратите за вас, штедро раздавајќи го својот дух и своето срце. Борис Петковски ми беше професор, ментор и пријател. Тој знаеше да направи да се чувствувате како дел од неговото семејство. Беше дарежлив но, и бараше многу, како од мене, така и од останатите негови студенти. Често знаеше да ни даде навидум невозможни задачи и ние често се лутевме што минуваме години во навидум не­потребни и здодевни истражувања и прибирања на граѓа за нашите трудови. Често им поставуваше стапици и пречки на нашите амбиции и на нашите желби за брз успех и предвремана награда за вло­жениот труд.

Тоа што тогаш не го разбиравме беше дека, како и секој добар учител, од нас направи добро истренирани, трпеливи и вешти борци како на ин­телектуалното бојно поле, така и на бојното поле на животот. Знаеше да биде поткрепа и утеха за нашите порази и со нас искрено да ги прослави нашите по­беди како сопствени. Знаеше во нас да ги пронајде и најскриените дарби и да не упати во вистинска насока. Како сите добри учители, нî водеше низ не­прегледните простори на мислата во освојување на нови и таинствени светови, покажувајќи ни го патот по кој треба да одиме. А тоа беше пат на воините на духот. Пат по кој тој самиот минал. Пат кој води до ризниците на духовното богатство.

Оттаму, неговиот живот беше пребогат, а тој знаеше несебично да ги сподели со нас скапоцени­те камења на своите искуства и на своето знаење. Верувам, дека тој засекогаш ќе остане со нас, за­тоа што е невозможно таков дух и таква огромна енергија да изчезнат неповратно.

(Верувам, дека и сега, во овој миг, виспрени­от дух на Борис Петковски ги фасцинира чуварите на кристалните небесни сфери низ кои минува со својот шарм, својата елоквенција, со својата ерудиција, со своите луцидни шеги и со своите вер­бални пируети, на својот пат кон вечноста.)