Институт Данте Алигиери, Скопје

Ако задачата на секој добар предго­вор се состои во тоа да го привлече потенцијалниот читател кон читањето на одредена книга, во овој случај може да изгледа парадоксална бидејќи не се работи за покана кон читањето на книга туку по­скоро на размислувања и сведоштва на некои од многубројните луѓе кои сакаа да ја искористат оваа прилика за да искажат особена почит, со сво­ите сеќавања, на една истакната личност каков што бил професорот Борис Петковски.

Размислувањата, посветите, речениците и спо­мените испишани на неизбришлив начин во овој Меморијал, испорачуваат една заедничка црвена нишка, која ја карактеризира големата почит и уважување на сите нас кон она што беше, што е и што ќе биде, во нашите спомени, ликот на Борис Петковски, правејќи го да биде секогаш жив и ви­соко актуелен, денес и во иднина.

Не би требало да се смета како нешто избрза­но и наметнато ако чувствата кон него, кои изви­раат спонтано од мојата душа, се јавуваат како по­следица на присните односи што, додека тој беше жив, го обележуваа нашето, макар краткотрајно пријателство, карактеризирано претежно со чув­ства на признателност и восхит. Оној што не го зна­ел Петковски читајки ги записите што му се посве­тени во овој омаж би можел да добие впечаток дека станува збор за негово помпезно претставување.

Но секој, кој ја имал таа среќа да го запознае, знае дека секој збор, секоја испишана реченица, секој пасус е искрен и присен, дека е чесен и искрен спомен, посветен на незаборавниот професор Бо­рис Петковски… е негова слика…

Обично се пишуваат предговори за книги на­пишани од колеги или пријатели, со кои си поми­нал некој студиски пат или некоја заедничка рабо­та. Ова сепак не е мојот случај, и поради старосна­та и поради генерациската разлика. Меѓутоа, во те­кот на моето изминато професионално практично искуство што го поминав во Италијанската Амбаса­да во Скопје, во времетраење од речиси шест годи­ни, ја имав среќата да се сретнам, да го запознаам и да соработувам со професорот Борис Петковски, кој во мене остави траен и неизбришлив спомен за неговата личност.

Оттука се раѓа мојата определба за остварување на овој Меморијал, посветен само нему.

Во овој мој предговор нема да се задржувам на опишувањето на Борис Петковски во неговата културна, академска обемност, како академик, на­учник, критичар и познавач на уметност, бидејќи многумина, подобро од мене, веќе пишувале и ја опишале целокупноста на неговата обемност, а и содржината и записите во ова издание опширно го докажуваат тоа. Заради тоа, во мојата скромност се оградувам да пишувам зошто е овој Меморијал и зошто, на временска дистанца од над пет години, почувствував дека е дојдено време да го оства­рам и да го исполнам тоа што отсекогаш силно го посакував, уште од првите денови по неговото заминување од овој свет…

Безбројни се моите сеќавања за Борис Пет­ковски. Тој речиси секој ден навраќаше во мојата канцеларија во Амбасадата и, доколку не би се сретнале лично, се слушавме телефонски за да по­разговараме за некаков проект…

Со едноставна спонтаност, тој секогаш го по­светуваше своето внимание, или даваше свој при­донес за некоја културна активност на која работев, покажувајќи се секогаш предан и пресретлив во давањето на својата поддршка, дури и во форма на едноставни, но ефикасни совети, зачувувајќи го секогаш, како централен и витален факт, духот на секоја културна активност.

За него беше од суштествено значење зачувувањето на една ревносна активност во кул­турата и уметноста. Честопати, за да присуствувам на одделните културни иницијативи во кои, на ди­ректен или индиректен начин, учествуваше Амба­сатата, требаше да се движам по целата територија на Македонија и мошне често тој пристануваше и сакаше да појде со мене.

За време на нашите патувања, по преубавите македонски предели, одејќи од Скопје кон Битола, Струмица, Охрид, минувајќи низ многубројните мали населби што ги среќававме по патот, негово­то друштво ми нудеше мошне пријатно уживање, бидејќи тој беше непресушен извор на знаења, пленувајќи ме со своите раскажувања за многуте мигови од неговото суштествување, за многуте епизоди кои, во доброто или лошото, оставиле тра­га во неговиот живот.

Чувствував дури, понекогаш, дека некои него­ви разговори ги чуваше само за неколцина, и тоа го разбирав како еден вид привилегија, бидејќи секој кој го познаваше професорот Петковски знае дека тој не му ја отвораше лесно секому, својата душа, исповедувајќи се.

Се родија така меѓу нас длабока почит, уважување и заеднички интереси, какви што тој ги споделуваше, пред моето доаѓање, со мојот колега Силвано Галон, кој ми претходеше во истата улога во Амбасадата и кој, пред мене, толку многу се зазема за да успее Борис Петковски да се здобие повторно со она италијанско државјанство што му следуваше поради неговото древно истарско по­текло.

Тој отсекогаш длабоко се чувствувал Италијанец, но времето, условите и случувањата, за наша жал, не му беа поволни и не дозволија да ја доживее среќата да го види остварен тој негов стремеж што го носеше длабоко во себе, имено да го добие посакуваното државјанство, „загубено“ како последица на историските настани од минати­от век кои ја обележаа историјата на народите на овој стар континент.

Сè до крајот на своите последни денови, кога животот веќе полека го напушташе, кога му одев речиси секојдневно во посета, тој, во својот дом и среде љубовта на неговото сакано семејство, ми раскажуваше за многуте културни и уметнички проекти што ги имаше започнато и, макар што жи­вотните сили го напуштаа, сакаше да биде секогаш запознат и во тек со културните активности што ги проследував, покажувајќи се сè до крај посветен и ангажиран, небаре сакаше да игнорира дека живо­тот полека го напушташе.

Во деновите пред самиот крај, кога отидов по­вторно да го посетам заедно со Амбасадорот на Италија Џорџо Марини, тој ја употреби сета своја енергија за да ни искаже, со зборови и гестови, огромна благодарност за големиот доказ на почит и чесност што Италија секогаш човечки му ја иска­жувала и признавала.

Веднаш по неговото заминување од овој свет ја почувствував потребата да остварам, и со тоа да му оддадам почит, нешто во негов спомен.

Му го ветив на неговото сакано семејство остварувањето на овој Меморијал и ги добив вед­наш нивното признание и благодарност. Знам дека ова не е доволно за да се раскаже, да се спомене, да се уважи и осведочи сè што беше професорот Бо­рис Петковски, но убеден сум дека ова е миниму­мот што сите ние му го должевме.

Во сеќавање на професорот Борис Петковски,

со длабоко уважение, почит, благодарност и пријателство.

Џовани Грило

Превод од италијански: Марија Грација Цветковска