Италијански јазик во основните училишта во Скопје
Оваа учебна 2016/17 год. започна да се реализира проектот на Институтот Данте Алигиери, во соработка и со поддршка на Италијанската амбасада, за факултативно изучување на италијанскиот јазик во IV и V одделение во основните училишта во Скопје. Иницијативата на Иститутот беше одобрена од соодветните комисии за образование на скопските општини Центар и Карпош, по што проектот беше понуден и прифатен од четири основни училишта.
Наставата годинава се одвива во училиштата Кочо Рацин и Ј.Х.Песталоци од општина Центар и Х.Т.Карпош и Д.Х.Димов во општина Карпош. Се оформија четири класа со ученици кои се навистина заинтересирани за изучување на италијанскиот јазик и култура и на коишто им беа поделени на користење бесплатни учебници. Инаку целиот проект е поддржан од страна на Италијанското министерство за надворешни работи, кое преку Италијанската амбасада во Скопје и Институтот Данте Алигиери ги покрива трошоците за настава и дидактички материјал. Доколку годинава се покажат задоволителни резултати од проектот, се планира во наредната учебна година оваа иницијатива да се прошири и во други основни училишта и во повеќе општини.