„Во мојот филм- феминистички дневници“
Дејството започнува во годината 1967, кога во нејзиниот дневник Анита ги раскажува тешкотиите на кои наидува една девојка од Милано која тежнее да се еманципира од татковото владеење, додека Алина, Алина Мараци е тригодишно девојченце, кое копнее по својата убава, меланхолична и далечна мајка. Дејството продолжува во 1975 година, кога Тереза, млада девојка од Пуља, на својот дневник му ги доверува ужасите при извршениот нелегален абортус, а Алина има единаесет години; три години пред тоа ја има изгубено мистериозната мајка, со нежна насмевка и со очи од кои избликнува болка. A кога Валентина во својот дневник го документира искуството на феминистка од Рим, распната меѓу активизмот и љубовта, тогаш е веќе 1979, а Алина, четиринаесетгодишна, за првпат ја насетува организираната разгневеност на жените, обраќајќи се до извесно советувалиште на здружението Aied1 за да побара информации во врска со контрацепцијата. Веќе е свесна за страдањето на одамна изгубената мајка, раскажано низ страници и страници од училишна тетратка, кое кулминирало со фаталниот чин на самоубиство на 33 години, во мигот кога не се чувствувала способна да ја прифати нежноста, привилегијата, одговорноста кон семејството кое носело многу важно име, носело удобност и љубов од страна на младиот сопруг и на двете мали деца. Од мајчините дневници и од бројните аматерски краткометражни филмови снимени од нејзиниот дедо Улрико Хоепли, Алина Мараци го создаде Те сакам барем на еден час (Un’ora sola ti vorrei) прикажан на фестивалот во Локарно во 2002 год., филм кој стана еден од најнаградуваните на разни фестивали.
Автобиографските писма на Анита, Тереза и Валентина изнајдени, меѓу илијадници дуги, во Архивот на Дневниците во Пиеве Санто Стефано, станаа стожерната нишка за новиот, многу очекуван документарец, кој светската премиера ја имаше на шеесеттиот фестивал во Локарно. Насловот Ги сакаме и розите е слоган што феминистките од 70-тите години го имаат преземено од текстилните работнички во Масачусетс, кои во 1912 година го извикувале за време на еден протест. (…) „Филмот“- вели авторката, „настана за да документирам, воедно, и за самата себеси, што значело да се биде жена пред само четириесет години, во едно сè уште патријархално, маскилистичко општество подредено на бракот, и колку голема политичка и општествена промена настанала низ борбите и цврстината, низ болката и јароста на револуцијата, која тежнееме да ја потцениме“ Денес, нејзините протагонистки имаат педесет или шеесет години, а некои дури и повеќе, но нивното знаење за феминистичката култура не им се пренесе на младите жени, дури и на оние кои се само десетина години помлади од нив. Денес таа култура е веќе оградена во универзитетските „родови студии“, додека пак, се изгуби, освен во ретки случаи, нејзината политичка активност, нејзиниот концепт на сестринство. „Денешните девојки не знаат за тоа борбено минато и ним им се чинат природни привилегиите и слободата во кои уживаат. Јас би сакала мојот филм да им укаже колку нивниот живот ќе беше потежок и задушувачки ако толку многу жени во минатото не се бореле и за нив“. (…) Колку изгледаат далечни, изгубени во минатиот век, тие шеесетти и седумдесетти години, кои Алина Мараци ги реконструирала единствено со материјалот што од тоа време останал на располагање: интервјуа преземени од документарецот Љубов во Италија на Луиџи Коменчини, или од анкети и телевизиски расправи, од експериментални и анимирани филмови, од активистички кадри и кадри од приватниот живот, фоторомани, реклами, години во кои жените, дури и физички толку поинакви од младите денес, откриле дека може да се бунтуваат против законите, против традиционалните и неправедни обичаи и правила и јавно да излезат; да дозволат да бидат прегазени од разбеснетите агенти затоа што се осмелиле да предизвикуваат, бидејќи младите жени се осмелија да ја предизвикаат нивната мажественост, што значи и нивната моќ (има една сцена во која група на агенти лудачки и крвнички удираат девојка соборена на земја, за време на феминистички протест во 1972 год. на плоштадот Кампо деи Фјори во Рим), и да им се спротивстават на мажите партнери „бидејќи ако не му дадеш си затуцана“, и да се соочат во осаменост со нелегалниот абортус („иглите во матката, цевките кои вшмукуваа“). Ја прикажува преубавата млада сицилијанка, која ги оправдува феминистките, но ја прифаќа потчинетоста кон нејзиниот сопруг, бидејќи тој ñ бил суден, ја прикажува работничката, која сака да земе пилула иако „парохот вели дека тоа е грев, дури и ако имаш пет деца заради кои не можеш да одиш на работа“. Постои самосвест во пеколот на сексуалноста: фригидни жени, осамена мастурбација, судири меѓу вагиналките и клиторичните, мажи исплашени од незамисливата закана за нивното еротско спокојство. Но, во првата деценија на овој нов век, ни изгледаат толку блиски тие немири, фрустрации, сексуални ужаси, нерешени улоги во светот на двојката, кои времето не успеа да ги отстрани, додека пак започна да се трасира нов круг околу она што тогаш се извојува, а за кое денес постојат обиди одново да се стави под знак прашање, додека станува сè потешко да се излезе од мочуриштето на сегашното незадоволство лишено од меморија или обратно, на радосното потчинување на кое жените се навикнуваат, одново оттуѓени од нивното тело, кое во меѓувреме се претвори во пазарна стока. „Овој филм ми се чинеше потребен бидејќи во Италија, патријархалната и католичка култура продолжува да доминира, било како автоцензура, било на директен, јавен и политички начин. Жените треба да запомнат дека казната за злосторство против честа беше укината дури во ’81, а дури во ’96 сексуалното насилство беше признато како прекршок против личноста, а не против моралот“.
Наталија Аспези
(Преземено од La Repubblica)
Превод од италијански: Ирина Талевска
1 Италијанска асоцијација за демографска едукација.