Институт Данте Алигиери, Скопје

Рафаела Ромањоло ја претставува Погрешното дете

images

Рафаела Ромањоло со книгата Погрешното дете (Фрасинели) беше во конкуренцијата за наградата Стрега 2016. Освои најмногу гласови од Комитетите на Институтот Данте Алигиери во светот.

Рафаела Ромањоло е родена во Казале Монферато во 1971, живее во Рока Грималда со сопругот. Ги напишала L’amante di città (Fratelli Frilli, 2007) а за Piemme, La masnà (2012, од која настанала и театарска претстава) и Tutta questa vita (2013, финалист за наградата Перадото).

ИНТЕРВЈУ СО АВТОРКАТА

download

Се сеќавате ли на првата книга што сте ја прочитале?
Можеби Срце од Едмондо Де Амичис. Впечаток што се напрегам да го надминам.
Има писатели на кои чувствувате дека им должите нешто?
Премногу за да ги набројувам. Но не сакам да се повлечам и ќе ги спомнам барем Фенољо, Кристоф, Ман, Гарсија Маркез, Рот, Струт. Кога среќавам добра книга, првото чувство ми е благодарност за авторот.
Раскажете ни накратко еден ваш ден кога пишувате?
Ме вознемирува самото започнување, па така неодлучно правам нешто друго, особено листи, долги детални списоци, на дебела хартија и со убав ракопис, за работи што треба да ги купам или да ги направам. По половина час, се предавам и напаѓам. Читам една или две страници од некој роман што го чувствувам близок на книгата што ја пишувам (секогаш имам една таква низа покрај компјутерот), го препрочитувам она што сум го напишала претходниот ден, поправам и продолжувам. Прекинувам најмалку што можам. На средина на денот се обидувам да шетам четириесетина минути во зеленило. Јадам многу.

download-2

Што ви се допаѓа а што не од вашата работа како писател?
И покрај немирот на нападот, пишувањето е благороден момент. И ми се допаѓаат сите фази: од идејата до планот, до докуметацијата, сѐ до изготвувањето на корекцијата на нацртите. Но пак, ми тежи малку промоцијата: книгата е завршена, ако одам наоколу да ја претставувам како ќе ја напишам следната?
Кој беше стимулот што ве поттикна да ја напишете вашата последна книга?
Пишував друго и имав кошмар. Ја сонував првата сцена, онаа во која Пјетро Полици умира решавајќи крстозбор а неговата сопруга Инес не ги известува децата. Во сонот истата работа им се случуваше на моите родители. Следното утро си реков: каква приказна! Измислив веродостојна драма, го сместив внатре мојот кошмар и неспокојството што го чувствував и од тоа направив роман: воедно интимно и бесрамно дејство. Да, можеби Филип Рот има право, ова е недостоен занает.

Ребусот на “Погрешното дете“

download-2

Оваа книга ја сонував. Во сонот беа мајка ми и татко ми, тој седеше на масата во кујната, со Енигматскиот неделник отворен пред себе, решаваше крстозбори и доби срцев напад. Остана таму, заглавен меѓу масата и столот а мајка ми не нѐ извести ниту мене ниту сестра ми. Господин кошмар.
Но кога ги отворив очите, срцето и дишењето почнаа да се нормализираат, па помислив: “зошто да не?“. Ги земав од потсвеста остатоците, нивната суровост, онаа грутка болка толку интимна и некомуникативна, ги претворив во личности, драма, вкрстување. Она дека занаетот на писателот е недостоен – нескромен, бесрамен – не го велам јас, го кажува Филип Рот.
Го пишувам ова за сонот бидејќи никогаш не ми се случило. Напротив, додека пишувам, речиси не верувам во тоа, толкава е недовербата кон каква било мистичност на пишувањето. Се раскажуваат лаги за инспирацијата. Не постојат просветлувања, скратени патеки, музи кои пејат а ти препишуваш. Но овој пат откако почнав да ја пишувам книгата, можеби вреди да се земат предвид, бидејќи во приказната остана многу од тој мрак.

“Погрешното дете“

images-1

Една саботна вечер како и многу други во едно гратче на италијанската провинција. Телевизијата е наместена на едно телевизиско шоу, во мијалникот садови за миење. Молскавичен срцев удар го убива седумдесетгодишниот Пјетро Полици, но Инес Банкеро, негова сопруга повеќе од четириесет години, не го прави она што се очекува од неа: не бара помош, не ги известува пријателите и роднините, не се грижи да го погребе човекот со кого го споделила постоењето. Така започнува патувањето внатре во животот на нормалниот пар: син, ќерка, пристоен стан, одмори на море, телевизија и Енигматски неделник. Но ова е наместена и лажна нормалност, која за четриесет и пет години, цел еден живот, криела премолчен гнев, каење, жалење и трауми. И додека следниот ден смртта загосподарува со сцената, границата меѓу нормалноста и лудоста е нестабилна…