Приредила Борјана Мојсовска
Млад дебитант победи на 62-то издание на наградата Стрега 2008, уривајќи ја притоа традицијата според која наградата ја добиваат само големите и афирмирани имиња на италијанската проза. Паоло Џордано е протагонистот на вечерта, која како и секоја година се одржа во Храмот на нимфите во Вила Џулија, во Рим. На писателот му беше доделено книжевното признание за книгата „Осаменоста на примарните броеви” која освои 163 бодови, по вообичаените гласачки процедури предводени од писателот Николо Аманити, минатогодишниот добитник на наградата со романот „Како што сака Господ” и новиот раководител на фондацијата Белончи – Тулио Де Мауро. Џордано со својот дебитантски роман, кој ја раскажува приказната на двајца млади принудени на осаменост, ги победи следниве четворица кандидати: Ермано Реа со „Железница Неапол”– 118 бодови, Кристина Коменчини со „Замислата за доброто”- 43 поени, Диего де Силва со „Не сфатив ама баш ништо” – 22 поени и Лидија Равера со „Зимски кокетирања” – 20. Џордано беше избран и од младото жири кое е дел од овогодинашниот новитет: Маѓепсана година– проект кој има за цел да ја промовира современата италијанска проза кај младите читатели, а во кој беа вклучени шеснаесет средни училишта од Рим.
НАГРАДАТА СТРЕГА
Основана e во 1947, во куќата Белончи, од страна на Марија Белончи и Гвидо Алберти. Наградата се доделува на прозно дело од италијански автор, објавено помеѓу 1 мај од изминатата и 30 април тековната година. Избирачи на наградата се т.н. Пријатели на Неделата, избирачко тело составено од 400 личности кои на различен начин се дел од италијанската култура.За да влезе во конкуренција книгата треба да е предложена од двајца „пријатели“, а понатаму изборот се одвива во две последователни гласања: првото во куќата Белончи, во месец јуни; второто на почетокот на јули во Храмот на нимфите во Вила Џулија, во Рим.
Наградата Стрега за прв пат беше воведена на 16 февруари 1947 г. со 14 наслови во конкуренција. Првиот добитник на истата беше Енио Флајано со романот ”Време за убивање”. Оттогаш па наваму редовно се доделува во периодот по II светска војна до денес, со учество на сите поголеми италијански автори на 20 век, како Алберто Моравија, Умберто Еко, Елза Моранте, Чезаре Павезе, Карло Емилио Гада, Дино Буцати итн.