АНДРЕА КАМИЛЕРИ
Големиот италијански писател, креатор на “Комесарот Монталбано“ и на многу прекрасни романи, одговори на нашите прашања на теми за јазикот, литературата, неговите извори на инспирација (како Бесниот Орландо), за улогата на писателот, за вметнувањето на дијалекталните зборови во расказите, за непознатите анегдоти и многу друго. Пријатно читање!
РЕДАКЦИЈА: Објаснувајќи го вашиот придонес кон ликот на Анџелика од “Бесниот Орландо“ во романот “Насмевката на Анџелика“ раскажувате како овој книжевен лик бил вашата “прва љубов“, жена којашто иако живеела само во литературната фикција, останала внатре во вас за цел живот. Како писател, што мислите дека на ова дело, кое годинава одбележува 500 години од првото издание, му ја дава извонредната раскажувачка сила што ја има?
КАМИЛЕРИ: Пред сѐ поврзувањето и вкрстувањето на многубројните комплексни раскази што го сочинуваат Орландо, способноста во секој момент да се води и контролира однесувањето и дејствата на многуте ликови, јасноста на раскажувањето што неверојатно придонесува за метричката растегливост, иако таа останува во рамките на строгите правила. Сето ова придонесува обликуваните фигури од Ариосто да останат врежани во сеќавањата на читателот, за што верувам дека придонесува уште и суштинската и основна усна форма на овој текст. Што се однесува до сугестијата за Анџелика, таа ми се роди не само од големата раскажувачка способност на Ариосто, туку особено од прекрасните илустрации на Гистав Доре.
Во книгата “Јазикот удира каде што забот боли“, напишана со Тулио Де Мауро, се следи профилот на ‘провинциските’ јазици, како што ги нарекуваше Пирандело и нивната улога. Поблиски се до светот на емоциите, до првото детство, до семејството, пренесуваат историски елементи и создаваат заедници и идентификација. Тоа се важни елемети на единството, но светот што го познававме сѐ до пред неколку години се менува и културите на локалните заедници се соочуваат со оние на ‘новите Италијанци’. На каков начин, кога пишувате, го земате предвид односот меѓу италијанскиот јазик, локалните јазици и културните и јазични елементи донесени од мигрантите?
Би сакал да објаснам дека сицилијанскиот дијалект што го користам во моето пишување извршува функција еднаква на онаа што ја исполнува италијанскиот јазик. Сега, заблуда е ако се мисли дека мојот личен сицилијански дијалект е чист дијалект. Реално многу често, особено во прво време, моите сограѓани ми бараа објаснување за некои зборови а јас пред објаснувањето најавував дека тој збор, на дијалект, никогаш нема да го најдат во речник или никогаш не можат да го слушнат како се изговара бидејќи јас сум го измислил. Со други зборови, употребувајќи го и јазикот и дијалектот, се обидував да измислам мој личен јазик. На пример конјугацијата на глаголите којашто е сѐ друго освен правилна од двете гледни точки, онаа дијалектната и онаа на италијанскиот јазик, или алитерацијата на некои зборови што за мене функционираат звучно, но коишто немаат никаков лексички корен, самата конструкција на реченицата што им дава ритам на ликовите во акција, употребата на интерпункцијата што одговара токму на потребата од ритам, а не на граматичкото правило… итн. Не се осмелувам да го наречам идиолект бидејќи би бил можеби замолчен од гордоста, но морам да признаам дека ова е и останува моја намера.
Вметнувањето на дијалекталните зборови, ‘нарушувајќи’ го лингвистичкиот континуитет, го наведува читателот да размислува за значењето на текстот и по малку пракса, да се препушти на звукот на зборовите како текстот да е ментална партитура. Можеме ли да размислуваме за вашите раскази како за музички концепти?
Да. Многу правилно. Реално во чинот на пишување освен што ја бирам музикалноста на зборот и сложените фрази, тука е и реченицата што звучи внатре во мене како еден вид музичко придвижување. Читањето и препрочитувањето на глас на страницата што ја пишувам е токму проверка на нејзината ритмичност што својствено припаѓа на музиката. Би сакал да потсетам дека издавачот Гарѕанти кој ја издаде мојата Прамен чад, ја дефинираше како партитура на Моцарт.
‘Случајот’ на Комесарот Монталбано покажа како телевизијата ѝ помага на литературата, сфатена како пишан текст. Авантурите на најпознатиот комесар во Италија прикажани на ТВ, наведоа многу личности конечно да читаат. Навраќајќи се наназад низ годините, искрено го очекувавте ли ова?
Би сакал да појаснам нешто: пред Монталбано да стане серија, ми се случи повеќе пати да примам писма од читатели, коишто ми кажуваа дека никогаш не прочитале ниеден роман пред Монталбано и дека оттогаш натаму продолжиле да ги читаат моите книги. Сакам ова да го прецизирам во чест на вистината. Јасно е дека многу телевизиски емисии уште повеќе придонесоа за ова. Нормално ништо од сето тоа не беше предалеку од моите предвидувања.
Убавината на опишаните места во вашите книги привлекоа многу странци да ги откријат убавините на Сицилија. Тоа е ценета активност и туристичка промоција што и Италијанските литературни паркови (како Паркот Грација Деледа во Галтели, или Паркот Леви во Алијано), поврзани со Институтот Данте Алигиери, веќе со години успешно се одвиваат. Може ли книжевниот туризам уште да придонесува за запознавање на други места опишани од италијанските автори?
Мислам да, ако судиме од приложеното. Односно ако телевизискиот успех на Монталбано предизвикал раст на туризмот во локалитетите од серијата, ова посакувам да може да му се случи на секој писател и на секое италијанско место. На крајот би сакал да укажам и на тоа дека од пред извесно време туристите, освен посетата на Долината Ното, каде што е снимена серијата, сè повеќе одат и во околината на Агриџенто, каде што пак се одвива дејството на романите.