ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА СТРЕГА 2016
Католичко училиште од Едоардо Албинати, издание на Рицоли, ја доби 70-та Награда Стрега! Никакво изненадување, никаква неизвесност. Со исклучок на Салата Синополи на Аудиторумот на Рим наместо во Храмот на Нинфите во Вила Џулија, меѓу петте финалисти за 2016: Едоардо Албинати, Ералдо Афинати, Виторио Сермонти, Џордано Меачи и Елена Станканели. Албинати веќе ја разби конкуренцијата уште пред да се качи на бината за да ја претстави сопствената кандидатура.
“Јас сум само уредник на оваа книга. Му се заблагодарувам на оној што ја имаше идејата, двајцата емисари на издавачот кои ме убедија да продолжам кога се попуштав, четирите жени, всушност петте, коишто го прочитаа романот и ми помогнаа“, изјави Албинати пред блицевите на фотографите, со традиционалното шише ликер во раката, што му се дава како дар на победникот.
Католичко училиште, 1294 страници, дефинирана е од Кристијан Раимо како “булимичен роман што го бара невозможното, да се пресмета еднаш засекогаш со фактите и идеологиите на онаа генерација што порасна во седумдесетите години меѓу кризата на аристократските вредности и експлозијата на насилството не само во политиката“. Сместен во седумдесетите години во населбата Трст во Рим, автобиографскиот текст, добитник на Стрега 2016, ги меша аристократскиот живот, машкиот шовинизам, но особено католичката култура што потекнува од посетувањето на интернатот од самиот Албинати а на времето и од оние што станаа убијци во масакрот во Чирчео: Анџело Ицо, Џани Гуидо и Андреа Гира.
“Да се родиш како машко е неизлечива болест“, пишува Албинати во еден пасус на романот и токму пред да ја прими Стрега додава гласно: “Оваа книга раскажува за оние семејства во кои едниот син е низок, другиот висок, едниот со темни очи, другиот со светли. Од ова училиште излегуваат шампионите во размислување, убијци, индустријалци“. “Писателот ги става заедно работите, не дава случајни објаснувања“, изјави во едно интервју римскиот автор, од класата 56-та, сценаристот на последниот Расказ на расказите на Матео Гароне. “Јас не велам дека некој убил девојка бидејќи е син на адвокат или затоа што одел во училиште за свештеници, би било смешно да го правам тоа и внимавам да не го сторам. Се ограничувам на поврзување страници и страници, бидејќи тоа е пишувањето, односно една долга фаза на меѓусебно поврзување на различни и одделни работи, создавајќи речиси еден вид спирала, на сѐ подлабоки кругови внатре во оваа реалност“.
Католичко училиште беше “претставена“ на гласачите на Стрега од Сандро Веронези којшто учествуваше на вечерта во Аудиториумот со истата, дискутабилна кошула што ја носеше во 2006 година кога победи со Мирен Хаос (Бомпиани). Франческо Пиколо, другиот добитник на Стрега од поблиското минато – Желбата да се биде како сите (Еинауди, 2014) – на бината ја претстави Елена Станканели и нејзината книга финалист Гола женска (Бродот на Тезеј), потсетувајќи убеден и собирајќи долг аплауз за тоа, дека “Стрега треба да се врати во Храмот на Нинфите во Вила Џулија“. Конечно Рицоли се враќа со победа по три години, кога победи Валтер Сити и неговата книга Да се истрае не служи за ништо. Групацијата Рицоли, поврзувајќи се неделиво со Мондадори од минатата зима, стигнува до 11 победи на Стрега од 1947 до денес, приближувајќи се до Еинауди што ги има 13.