Уште една вечер организирана од Институтот „Данте Алигиери”, беше вечерта посветена на Џорџо де Кирико. На 11 декември 2008 г., во 18 часот, салата на Филолошкиот факултет беше преполна со луѓе во исчекување на почетокот на предавањето на професорот Влада Урошевиќ.
Темата, како што веќе рековме, беше генијалниот Џорџо де Кирико, основач на метафизичкото сликарство и неоспорен протагонист на меѓународната ликовна сцена на 20 век. Мајка му потекнува од Џенова, татко му е сицилијанец, а де Кирико се раѓа во Волос, Грција и ова место ќе биде многу значајно за неговото оформување како ликовен уметник. Треба да се каже дека растел со поглед кон планината каде што се градела железницата, на која, меѓу другите, работел и неговиот татко како инженер. Железницата подоцна ќе ја видиме присутна во многу негови дела.
Де Кирико започнува со изучување на сликарството во Политехничкото училиште во Атина, и околу 1909 година почнува да ја оформува поетиката на метафизиката: уметност способна да владее со емоциите и да го трансформира потсвесното. Во 1911 година оди во Париз, каде што ги запознава најзначајните уметници од тој период и почнува да слика со посигурен стил. Претрпува влијание од Гоген и оттаму ја презема идејата за неговите први претставувања на италијанските плоштади. Неговите најдобри дела датираат токму од овој период, помеѓу 1909 и 1919 година, и делата од овој период се паметат според поставеноста и односите евоцирани од јасни слики.
Начинот на кој тој го претставува плоштадот е единствен. Има некои елементи кои се неизбежни во делата на маестрото од Волос, а тие се: статуа на плоштадот, минувачи, храм, железница која едвај се гледа далеку во планината.
Во неговото дело Statues, meubles et généraux самиот Де Кирико говори за овој негов начин на претставување на предметите: „И досега, повеќепати е забележан необичниот изглед кој успеваат да го добијат креветите, шкафовите, огледалата, троседите, масите, кога ненадејно ќе ги најдеме на улица, во амбиент во кој не сме навикнати да ги гледаме: на пример при селидба, или пак во одделни квартови каде што трговците и препродавачите ги изложуваат предметите на нивната трговија надвор, пред вратата, или на пешачкиот премин. Сиот овој мебел ни се појавува под едно ново светло, поставен во една чудна осаменост. Некаква длабока интимност се раѓа меѓу овие предмети, и може да се каже дека еден вид мистериозна среќа лази во овој простор на пешачкиот премин, среде раздвижениот дел од градот и постојаното поминување на луѓето. Огромна и чудна среќа се ослободува во овој благословен и мистериозен остров против кого за
лудно би се разбеснеле огромните бранови на океанот во невреме. Мебелот, изземен од атмосферата која царува во нашите куќи и изложен на отворено, во нас предизвикува чувства поради кои и улицата ја гледаме во една нова светлина. И мебелот оставен во напуштена природа може видно да нè импресионира. Да замислиме една фотелја, кауч, неколку столчиња собрани на една рамнина во Грција, напуштена и препокриена со урнатини, или пак во некое безимено поле во далечната Америка. Како резултат на контрастот, дури и природниот амбиент наоколу добива сосема непознат изглед.”
Во 1917 година Де Кирико го запознава футуристичкиот сликар Карло Кара со кого го започнува патот кон усовршување на принципите на метафизичкото сликарство. Делата остварени во овој период се карактеризираат со повторување на есенцијалните градби, кои ги гледаме во нереалистични перспективи, нурнати во чудесен и мистериозен амбиент, и со отсуство на човечки фигури. Во овој период се јавува и археолошката тема, омаж на одново оживеаната класичност, но на еден вознемирувачки начин. Пример е делото“Хектор и Андромаха”.
Има уште толку многу нешта што можат да се кажат за овој голем уметник, но за жал просторот тоа не го дозволува. Де Кирико останува запаметен како еден од ретките Италијанци кому му е признаено централно место во целокупната историја на уметноста на 20 век.
Андријана Огњановска