Во организација на ЕУНИК-Скопје одбележан Денот на Европа
Младите и студентите во ЕУ-МК инфо центарот на плоштад Македонија во Скопје на 9 мај годинава имаа можност да се запознаат со европските вредности и идејата дека културата ги надминува границите, со посебен акцент на мобилноста на младите, во рамки на настанот „Младите и мобилноста“. Настанот го организираше Европската мрежа на културни институции ЕУНИК-Скопје, во која членуваат Британскиот Совет, Италијанскиот центар „Данте Алигиери“ и Францускиот институт во Скопје, во соработка со Националната агенција за европски програми и Секретаријатот за европски прашања, како и на амбасадите на Шпанија и на Словенија во Македонија.
Претседателката на ЕУНИК и директорка на Францускиот институт Изабел Марки-Барбо на отворањето истакна дека културата е без граници и дека настанот има за цел сите млади во Македонија да ги запознае со можностите што ги нуди Европа.
– Сите ние сме дел од Европа. Настанот треба да им помогне на сите млади да се информираат за Европа без граници. На сите средношколци, студенти и млади сакаме да им покажеме дека во Европа им се отворени вратите, рече Марки-Барбо. Таа се заблагодари на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на РМ, Секретаријатот за европски прашања за како и на делегацијата на ЕУ во Македонија, поддршката во овој настан за промоцијата на европските мобилности.
Претседателката на италијанскиот културен центар Анастасија Ѓурчинова објасни дека настанот е замислен како практична работилница за млади од 16 до 25 години, кои се заинтересирани да поминат период на студирање во Европа или пракса во некоја од европските институции.
Беа реализирани неколку работилници на кои младите можеа да запознаат млади волонтери од различни европски земји, а кои им ги пренесоа своите искуства и им покажаа дека не е тешко да се оствари мобилност во Европа. Младите можеа да земат промотивни материјали и да се запознаат со тоа како да се подготват за европската мобилност, како да напишат биографија според европскиот формат или мотивациско писмо на повеќе јазици, како да го одредат своето јазично ниво и сл.
Во настанот зедоа учество околу стотина млади луѓе од средните училишта и од факултетите во Скопје.