ДАНТЕ И ЕВРОПА
Универзалноста на Дантеовата мисла
Многу сум среќен што сум вечерва овде во Скопје, за да ја прославам со вас Неделата на италијанскиот јазик, промовирана од Италијанската амбасада, во соработка со Комитетот Данте Алигиери и други важни институции меѓу кои Инфо центарот на Делегацијата на Европската Унија, во чиешто седиште сме гости.
На сите вам ви го пренесувам поздравот од нашиот претседател на Друштвото Данте Алигиери, проф. Андреа Рикарди, којшто на последниот интернационален Конгрес во Милано, ги посочи како три централни региони во идната работа на нашата институција: Балканот, Медитеранот и Јужна Америка.
Оваа година темата е италијанскиот во музиката, но решив да се осврнам на личноста на Возвишениот Поет за да зборувам за идејата за Европа што се раѓа од неговата поетска, теолошка и политичка мисла и дозволете ми, во неговото можеби најмузикално од сите литературни ремек-дела.
Нашиот континент се соочува со период на длабоки промени, поминува низ кризата на духовните вредности, на остри судири со другите култури, со другите народи кои поради хуманистички причини мигрираат кон нашите земји. Ми изгледаше соодветно во оваа прилика да се потсетиме, особено ние самите, на смислата за потеклото на културниот идентитет, толку комплексен и далечен, како што е овој европскиот. Значи би сакал да почнам од мислата на Данте за да стигнам до целиот тој коплексен мозаик на мисли.
Данте Алигиери се родил во 1265 во Фиренца, град-држава. Тоа е време на Општините, на славата но и драмата на италијанската цивилизација. Не само што заемно се раздвојувале, туку и внатре, со граѓански борби се превратувале ситуациите менувајќи се според тоа кој успевал да ги земе уздите на командувањето, во една бескрајна битка на предавства, невозможни сојузи, игра на истребување според интервенцијата на странските сили, често повикувани во Италија од Римската Црква за комплексни цели, одмерувајќи ги силите на фронтот и внимавајќи секогаш на политичкиот интерес. Прашањето на сојузите ќе биде причина за крвави судири меѓу граѓаните, на кои дури и во Фиренца им следеа војните меѓу Гвелфите и Гибелините, првите од страна на папата, вторите на императорот, но работите се комплицираат со поделбата на Гвелфите на бели и црни, што доведува до заемно прогонство, насилно влегување во градовите, очекување на спас од некој странец што би ставил крај на граѓанските борби.
Никој овде не сака одново да минува низ драматичната биографија на Поетот, со неговите политички промашувања и неговото достоинство во одбивањето да учествува во Ластра (1304), поради што морал да застане од страната на “самиот себе“ и да се збогува со сонот да влезе во Фиренца со прогонетите. Но еден друг сон, уште поголем, тој го негуваше со години, на којшто мораме да ја надоврземе неговата визија не само за ослободувањето на Фиренца од фракциите, туку и на Италија и илузијата за Европа-Империја, каде еден возвишен монарх ќе ја смири омразата меѓу општините, во внатрешноста на градовите, како што направил, 1300 години претходно, Јулиј Цезар, кој имал интуиција дека Републиката ја исцрпела својата функција и ги потхранувала граѓанските војни. Тој ја обединил Европа под Римскиот Орел и под нејзиниот бескраен престиж: тој врз политиката ги поставил милениумските идни основи а врз Рим внатрешниот мир што ќе трае сѐ до падот на варварите и последниот император Ромул Август.
Сега, кога ништо не е нераздвојно кај Алигиери (политичка страст, теолошки притисок, совпаѓање живот-дело), треба да се додаде едно основно размислување за темата што ја третираме: неговата култура е во духот на “европската експанзија“ (под култура не мислам само на знаењето, кое секако кај него е енциклопедиско, туку на личниот и генијалниот спој на секој елемент во еден витален и дидактички организам) која низ времето, ги продлабочува корените сѐ до мит и отаде самата антика. Поради ова треба да се признае дека европската култура (со сличен термин ја подразбираме и политиката) Данте ја прочистил и пресоздал на многу личен но универзален начин преку ликовите од секоја нација што тој ги среќава во своето ремек-дело. Премногу се за да се цитираат, но не е мало значењето што Арно Даниел (26 песна од Чистилиштето), возвишен поддржувач на “trobar clus“, претходникот на херметиците, иноваторот на “сестината“ што Данте ја вовел во нашата лирика, старопровансалски поет, зборува на сопствениот јазик, провансалски.
Мислата на Данте е европска. Неговиот политички диктат, неразделив од моралот, води до рамнотежа на погледите поради кои човекот сам за себе е пред граѓанинот (да се види средбата со Фарината Уберти, глава 20 од Пеколот) и татковината треба да биде над личните интереси. Оваа рамнотежа во времето на памфлетите меѓу крајно сиромашните (Убертино да Казале) и толерантните на црковното богатство (Матео д’Акваспарта) го делеа на фракции народот и политичкото влијание, го водеа Данте кон посочување на средниот пат. Неговиот став понекогаш креира своја сопствена теологија и низ вековите напредува неговата политичка визија за единство на светот со цел за мир и прогрес.
Мораме да го земеме предвид и аспектот на дантеовската универзалност, затоа што поединци од секоја нација – и не само од нашиот континент – се наоѓаат во универзалната реалност опишана од Данте. Со само неколку стихови укажав на ова. Може ли да се негира прифаќањето на обединета Европа како империја формулирана во “Монархија“, онаа Европа од Костантинопол до Столбовите на Херкул (што Улис ги злоупотребил во својот луд прелет), поплавена во Медитеранот но раширена, географски и културно (како и претходно) сѐ до крајните северни граници на цивилизацијата што ги создаде Светците и Генијалците, за кои Данте зборува и меѓу кои тој сега суверено се наоѓа?
Заклучувам со едно вонвременско размислување: врвот на Дантеовата поезија, 33 пеење од Рајот, поседува една терцина, симптоматска или со повеќестрано значење:
„Длабоко во Неа, догледав, бликна сè она врзано в обем и јако сегде во Свемирот.“ (прев. Г.Сталев)
Тоа е визијата на Бога сведена кај луѓето на поетичка метафора, метафизиологија, каде што бескрајната слика на создавањето, разгледувана кај секоја нација, на секој континент, и затоа и во сечие срце, во ова “големо море на постоењето“, е споена во единствената книга во умот на Господ. А всушност примарната задача на секој човек е притисокот на Единката, на единството дури и во “дијалектичкото совпаѓање на бескрајната книга на создавањето“. Единството што се раѓа од мирот и кон него претендира преку својот внатрешен статус. А Европа дава, во таа смисла, жив и конкретен пример во денешниот свет и –посакува – таква иднина.
Рим, 12 септември 2015
Алесандро Мази
Генерален Секретар на Друштвото Данте Алигиери