НАЦИОНАЛНИ НАГРАДИ ЗА ПРЕВОД 2015
на Анастасија Ѓурчинова една од највисоките награди
Текст преземен од рубриката Во прeден план, од Весникот на Институтот Данте Алигиери,
25 март 2016
На 18 март, во Монументалниот салон Ванвители во Библиотеката „Анџелика“ во Рим, се одржа церемонија за доделување на “Националните награди за превод“ за 2015 година. На доделувањето на признанијата наменети за италијанските и странските преведувачи и издавачи што придонеле во ширење на италијанската култура во странство и на странските култури во Италија, учествуваше Анастасија Ѓурчинова, претседател на комитетот во Скопје (Македонија), на која ѝ беше доделена една од четирите најголеми награди. Причините што ја потикнале жири комисијата – на чело со претседателот Франко Буфони, редовен професор по англиска книжевност и компаративни книжевности на Универзитетот од Касино, во која членуваат како експерти и професорите: Марија Кристина Асума, Микеле Бернардини, Рикардо Кампа, Дарија Галатерија, Матилде Мастранџело, Камила Миљо, Паола Марија Минучи и Клаудија Скандура – да ѝ ја доделат наградата на професорката Ѓурчинова, се воделе од големата сензибилност на преведувачот и храбриот избор да се одмери со најтешките текстови на италијанската јазична и културна историја.
Во образложението уште пишува: “Анастасија Ѓурчинова е професор по италијанска книжевност на Универзитетот во Скопје. Се занимавала со рецепцијата на италијанската литература во Македонија во 19 и 20 век, но нејзиното широко италијанистичко образование ѝ дозволува да покрие цел период на историјата на италијанската книжевност: од почетоците сѐ до писателите на дваесетиот век, напредувајќи сѐ до денешни дни со делата на Паоло Џордано и Николо Аманити. Во 2002 објавила еден редок превод на Бесниот Орландо од македонскиот поет Григор Прличев. Посебно значење има нејзиното истражување за Калвино и сказната (Култура, 2000) што ѝ овозможило во наредните години да понуди драгоцена форма на македонската верзија на ремек-делата како Невидливи градови и Замокот на вкрстените судбини (Магор, 2013) верзија што го одбележува големиот сензибилитет на преведувачката, во однос на самиот процес на Калвиновото писмо и рефлексијата за книжевното писмо воопшто. Поради престижноста на усвоените јазични решенија и поради комплексноста на преземената задача, се издвојуваат и други нејзини преводи на македонски јазик, оние на Владетелот од Н.Макијавели (Култура, 1993, преиздадена во 2013 заедно со Мандрагола) како и комплетниот превод на Декамерон од Бокачо (Магор, 2008, 2010, 2013).
Како круна на нејзината интензивна дејност како културен медијатор, професорката Ѓурчинова во 2006 година беше добитник на одликувањето од редот витез – ѕвезда на италијанската солидарност – од страна на претседателот на Италија. Обемот на нејзиниот преведувачки и есеистички опус, храбриот избор да се одмери со најтешките текстови на италијанската јазична и културна историја, нивната флуидност во рецептивниот јазик, имаа невообичаена заслуга да ги направат овие текстови живи и динамични во рамките на македонската култура.
Министерот Дарио Франческини ја испрати следнава порака до наградените:
„Преведувачите треба да бидат подобро вреднувани. Нивните имиња треба да се најдат на кориците. Преводот е голем посредник во дијалогот меѓу народите и културите”.
Наградите 2015 ги добија:
Четирите главни награди:
Виторио Сермонти, за посебната интерпретативна острина, и за вештото и елегантно пренесување на класичната литература, како и за соочувањето со Дантеовите текстови, предавајќи ѝ ја на современоста најдлабоката суштина на делото на големиот Поет.
Анастасија Ѓурчинова (Македонија), за големиот сензибилитет како преведувач и поради храбриот избор да се одмери со некои од најтешките текстови од италијанската јазична и културна историја.
Издаваштвото Урогало, што се издвојува во Италија како целосно посветено на распространување на автори од земјите на португалски јазик.
Издaвачката куќа Исток-Запад (Бугарија), за издавачката политика на оваа млада и храбра издавачка куќа, која посветува внимание на италијанската, француската, германската, руската, шпанската и кинеската литература.
Четирите специјални награди:
Моника Руоко, за нејзината преведувачка активност од арапски на италијански, што означува несомнена филолошка вештина и длабоко познавање не само на јазикот туку и на историјата на арапскиот свет.
Жан-Ив Масон (Франција), за обемната продукција на дела и преводи од италијански на француски и за преводот, за прв пат, заедно со Изабел Лаверњ, на целото поетско дело на Џорџо Капрони.
Лука Манини, за неговата активност како преведувач на Едмунд Спенсер, кому успева да му даде автентичен италијански глас, вреднувајќи ја мелодичноста и музикалноста на јазикот.
Издаваштвото Несун Догма, за високо квалитетното ниво на преводи од англиски, француски и германски.
Министерство за културно наследство и туризам
Главна дирекција на библиотеките и институтите за култура
НАЦИОНАЛНИ НАГРАДИ ЗА ПРЕВОД 2015
Под покровителство на Претседателот на Републиката
За повеќе информации: https://www.youtube.com/watch?v=QrMP_4ZNcRM