Институт Данте Алигиери, Скопје

Златна Мечка на Берлинскиот Фестивал.
Победи ОГАН ВО МОРЕТО на ЏАНФРАНКО РОЗИ, според очекувањата.

Rosi

Победија бегалците.

Победија бегалците бидејќи беа протагонисти иако невидливи, на овогодинешното Берлинале. Многу филмови раскажуваа за нив и околу нив и нивните одисеи по море и копно, се создаде амбиент што му ја донесе Златната мечка на документарецот Оган во морето од Џанфранко Рози. Тој ни го покажува животот во Лампедуза, на оние што живеат таму а пред сѐ на оние кои таму пристигнуваат со бродовите. Многу најавуван триумф, нема повод да се рече дека е изненадување.
Не им се допадна на младите италијански критичари, коишто го мразеа поради спектакуларноста со која ја претставува болката, сиромаштијата, смртта, но мораше да биде така, се случи неизбежно така (кое жири, кој фестивал можат да одолеат на една толку експлозивна тема? И треба да му се признае на Џанфранко Рози, било да ти се допаѓа или не, но тој својата работа ја извршува величествено, а Оган во морето, ќе го обиколи светот, ќе видите).
Џанфранко Рози на бината ги повика сите, ама баш сите, дури и лекарот од Лампедуза кого го гледаме во филмот (се зборува дека тоа е еден од најдобрите моменти) и еден крупен господин, кому му се заблагодари бидејќи тој го повел низ островот. Ситуацијата беше многу, дури премногу италијанска, со таа атмосфера како во клан, во фамилија. Но со еден ваков филм, застрашувачки и во однос на публиката и на жирито, ништо веќе не е пречка; може уште отсега да се каже дека Оган во морето не е чудо да го видиме и во некоја од номинаците за Оскар 2017.

Превод
Анета Симовска