Проект за италијански јазик на Институтот
„Данте Алигиери“
Долгогодишната јазична политика на ЕУ во правец на подобрување на културната размена меѓу земјите-членки доведе до систематизирање на сите дидактички искуства, создавање на квалитетни методи на јазичната настава и поставување на високи и унифицирани стандарди на вреднување на знаењата за сите европски јазици.
Институтот „Данте Алигиери“ успеа да ги сублимира европските искуства и преку проектот ПЛИДА да им обезбеди целосна дидактичка поддршка за италијанскиот јазик на своите комитети ширум светот. Од 1993 година, во договор со Министерството за надворешни работи на Р. Италија, Институтот „Данте Алигиери“ преку проектот ПЛИДА нуди сертификат за познавање на италијанскиот јазик, кој покрај Министерството за надворешни работи, е акредитиран и од Министерството за труд и социјална политика, како и од Министерството за наука и високо образование на Република Италија.
Во Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје ова тестирање е воведено на почетокот на 2009 година. Испитот, за редовните испити ПЛИДА, се одвива во две сесии во текот на годината. Покрај овие, постојат и Деловен ПЛИДА и ПЛИДА Јуниор кои се изведуваат еднаш годишно. Испитот за сертификатот ПЛИДА може да се полага на шест нивоа (А1, А2, Б1, Б2, Ц1, Ц2), според Европската референцијална рамка за јазиците.
Досега во нашиот центар изведовме редовни испити ПЛИДА за Б1 и Б2 ниво во мајската сесија, како и испити за Б2 и Ц2 ниво во ноември 2009 година. Исто така беа реализирани и испитите за Б2 и Ц1 ниво во јунската сесија за Деловниот ПЛИДА. За следните сесии наш приоритет е детално да ги информираме потенцијалните кандидати за поволностите кои ги нуди сертификатот и да им помогнеме да го пронајдат соодветното ниво според Европската референцијална рамка за јазиците.
Нашите кандидати од редовната сесија го полагаа испитот ПЛИДА за да си ги зголемат шансите за наоѓање работа во Р. Италија, или, пак, со цел да студираат на некој од италијанските универзитети. Деловниот ПЛИДА го полагаа кандидати од јавната администрација, како дел од проектот реализиран во соработка со Италијанската комора за надворешна трговија (ICE). Нашата цел е на сите оние што го учат италијанскиот јазик во нашата земја да им понудиме шанса да добијат меѓународно признание за нивните јазични познавања.
Сертификатот ПЛИДА е извонредна можност за збогатување на личното јазично портфолио, кое е една од најновите алатки на ЕУ за поддршка и развој на многујазичноста и мултикултурализмот во рамките на Унијата.
Елена Филиповска