ПОСЕТА НА Д-Р МАЗИ НА НАШИОТ ЈАЗИЧЕН ЦЕНТАР
Посета на Д-р Мази
На 19 октомври во 9.30 часот Д-р Алесандро Мази го посети Јазичниот центар на Комитетот Данте Алигиери во Скопје, сместен во центарот на градот, на Плоштад Македонија, пришто оствари работна средба со членовите и соработниците на Комитетот.
Во рамките на Неделата на италијанскиот јазик, Институтот ДА во Скопје имаше чест да биде домаќин на генералниот секретар на Друштвото Данте Алигиери од Рим – Д-р Алесандро Мази. За време на средбата, со особен интерес се зборуваше за проблемите поврзани со изучувањето на италијанскиот јазик во нашата земја. Особено се обрна внимание на статусот на италијанскиот јазик во македонскиот образовен систем, како во основните така и во средните училишта.
Секако, гостинот најмногу се интересираше за активностите што се одвиваат во рамките на нашиот Институт, пришто со особено внимание го следеше извештајот за организираноста на курсевите, запишувањето на македонските и странските слушатели како и за општиот интерес што ги поттикнува курсистите да учат италијански јазик. Респектирајќи го сѐ поголемиот интерес на запишаните слушатели во нашиот јазичен центар, Д-р Мази несомнено се заложи да интервенира со низа конкретни предлози насочени кон подобрување на различните наставно-организациски аспекти на дејноста на нашиот центар.
Меѓу различните предлози, со голем и заемно искажан ентузијазам, стана збор за идна поддршка од страна на Седиштето ДА во Рим за обука во Италија на нашите професори по италијански јазик.
На крај, позитивно беше оценета соработката на Институтот Данте Алигиери од Скопје со Централата во Рим, со конкретни предлози и со надеж за понатамошно продлабочување на оваа професионална, културна и пред сѐ духовна релација, што ги обединува сите големи вљубеници во “нежниот јазик на Данте“ низ целиот свет.
Анета Симовска & Магдалена Поповска