Изграден во Гардоне Ривиера, на бреговите на езерото Гарда, Виторијале дељи италијани (храмот на италијанските воени потфати за време на Првата светска војна и воедно сведоштво за неповторливиот живот на поетот-војник) бил некогаш дом на ексцентричниот писател Габриеле Данунцио. Опкружен од широки градини со поглед кон кристалните води на езерото и околните ридови, самиот спектакуларен амбиент во кој се наоѓа го прави Виторијале достоен за посета.
Проектиран од самиот поет, помогнат од архитектот Џанкарло Марони, во времето меѓу 1921 и 1938 година, комплексот на објекти, улички, плоштади, театар на отворено, градини и фонтани, денес е фондација и музеј посетен од околу 180.000 луѓе годишно. Данунцио е роден на 12 март 1863 во Пескара во регионот Абруцо. Бил прозаист, поет, драматург, авијатичар, војник, политичар, патриот, воен херој, новинар и претставник на италијанскиот декадентизам. Славен за неговата поезија, како и за драмските дела и романите, Данунцио е сметан за еден од најзначајните италијански писатели во историјата на италијанската книжевност. Сепак ,,Официјалниот поет на нацијатаˮ или „ил Ватеˮ, како што бил нарекуван додека живеел и по неговата смрт, бил еден од најконтроверзните ликови на италијанската култура и политичка сцена поради неговата наклонетост кон фашистичкиот режим, радикалните политички ставови и дејствувања и хедонистичкиот начин на живот. Поради неговата харизма која му донела голема слава, Бенито Мусолини во 1922 ја финансирал реставрацијата на Виторијале, обидувајќи се на тој начин да го држи Данунцио подалеку од Рим и од центарот на вниманието.
Данунцио живеел во главната палата, Приорија, се’ до крајот на неговиот живот во 1938 година. Без оглед на тоа што и Данунцио и Мусолини биле патриоти, односот меѓу двајцата „лидериˮ бил многу комплексен. Данунцио напишал многу говори за диктаторот, но сепак неговата популарност претставувала закана за владеењето на „водачотˮ (дуче). Данунцио отворено ја критикувал политиката на приклонување кон нацистичка Германија и дури се вели дека Мусолини почувствувал олеснување кога слушнал за смртта на неговиот пријател и ривал. За да се доближиме кон неверојатниот лик на Данунцио доволно е да ја разгледаме неговата клучна идеја за натчовекот, која од повеќе аспекти се разликува од онаа на Ниче, или да прочитаме некоја од неговите максими како: „Светот е одраз на чувствата и идеите на неколку супериорни мажи.ˮ или пак: „Да се живее горејќи без никогаш да се изгори.ˮ. Како што може и да се претпостави кога зборуваме за таков лик како Данунцио, Виторијале е специфично и многу интересно место. Неговиот дом изобилува со над 30.000 книги и 10.000 предмети, каде секоја површина на собите, освен кујната, е исполнета со слики, мебел, фрески и чудни уметнички предмети. Со нискиот таван и предметите кои го отсликуваат синкретизмот на Данунцио – почнувајќи од кошниците за овошје од стакло од Мурано, античките римски столбови и смртните маски, па се’ до статуите на Буда и иконите со светци – куќата претставува едно светилиште на нарцизмот и егото на човекот.
Данунцио се споредувал себеси со Данте и Микеланџело и затоа секоја соба на некој начин алудира на овие уметници. Потполно е вистинита реченицата со која се дефинира самиот: „Јас скромен? Тоа е единствениот недостаток за кој ја имам честа да го немам.ˮ. Бил толку заљубен во себе што создавал митови за сопствениот лик. Таков е случајот со Собата на лепрозниот (Stanza del lebbroso) во која требало да престојува кога ќе биде во смртна постела. Поетот се поистоветува со „лепрозниотˮ кој според средновековното верување е избраниот, допрениот од Бог, значи светец, ако не и самиот Исус. Со статуата на Свети Себастијан, една античка египетска скулптура, теписи од кожа на леопард и ред траги кои водат до еден малечек кревет, направен така да личи и на лулка и на ковчег, Собата на лепрозниот изгледа како храм на обожување со алтар каде треба да биде поставено телото на Данунцио, самиот предмет на обожување.
Неговиот егоизам бил толку изразен што го поттикнал да направи ревизија на религизниот концепт на седумте смртни гревови за да ги приспоси на себе. Ги изоставил похотноста и алчноста, кои ги сметал за доблести, за да го создаде она што го нарекол петте пороци кои треба да се сметаат за гревови. Многу е позната реченицата напишана на еден ѕид во Собата на лепрозниот: „Пет се прстите, пет се и гревовитеˮ. По една несреќа за време на Првата светска војна Данунцио го загубил видот на десното око и во следните години пател од фотофобија. Неговата пречувствителност на светлина ја објаснува темната атмосфера, ниските тавани и слабата осветленост на собите. Можеби и една од причините поради кои го создал тој чуден и митски свет е токму неспособноста да излезе надвор од него, на дневната сончева светлина. Бројни се приказните на оние кои ја сонувале куќата со месеци откако ја посетиле, што и не е воопшто зачудувачки ако се земе предвид вечната мистерија на грандиозниот Виторијале и патувањето низ умот на еден извонреден и неспоредлив лик како Данунцио. Како што и самиот тој велел: „Дојдов овде да ја затворам мојата тага и мојата тишина во оваа стара куќа, не толку за да се понижам колку за да ја ставам на најтежок тест мојата сила за создавање и преобразба. Всушност се’ овде е од мене создадено или трансформирано. Се’ тука е отпечаток на мојот стил, во ликот што јас сакам да му го дадам. Мојата љубов кон Италија, мојот култ кон сеќавањето, моето тежнеење кон хероизам, моето претчувство за иднината на татковината се манифестира во секоја линија, во секое согласување или несогласување на боите. …Значи, се’ овде претставува форма извлечена од мојот ум, гледиште на мојата душа, доказ за мојата страстˮ. Невозможно е да се опише со зборови големината на монументалниот комплекс кој е еклектична комбинација на архитектура, магични градини со поглед на езерото, плоштади со величествени скулптури кои го слават минатото и прекрасни уметнички предмети.
Исто така мораме да го споменеме и големиот театар на отворено инспириран од амфитеатарот во Помпеи, Мавзолејот на хероите во кој се наоѓа гробот на поетот, Музејот Данунцио херојот посветен на неговите воени успеси во Првата светска војна и Скјафамондо, објектот во кој поетот сакал да се повлече и изолира од светот, но не бил завршен до неговата смрт. Меѓу многуте фасцинантни соби ги набројуваме: Салата на реликвии, Сината бања, Тремот на Аполон, Собата на Леда која била спална соба на писателот, Музичката соба, Собата на маските и Канцеларијата. Која и да е вистината за карактерот на мистериозниот и екстравагантен Данунцио, не можеме да ја негираме уметничката големина, длабоката фантазија и сестраноста на стариот естетичар, поет, пилот и вечен симбол на декадентизмот и на ексцентричниот уметник кој ги направил познати црните кошули. Треба да ја цениме убавината на неговите дела и да ги сфатиме подобро под клучот на немирниот и воинствен дух на авторот. Посетата на Виторијале е необично и можеби бизарно искуство, но најмногу од се’ силно и незаборавно.
АНДРИЈАНА РУСЕСКА