Институт Данте Алигиери, Скопје

“Ја познаваш ли земјата на лимони и цвеќиња каде што портокалите блескаат меѓу темните листови? Ја познаваш ли можеби?” Ј.В.Гете

expo“EКСПО 2015, светот се подготвува да живее во Милано и во Италија. Пејзажот, природните убавини, уметничките и архитектонските ремек-дела, маестралноста на занаетчиите и оригиналноста на вкусната трпеза. Скриени богатства што треба да се откријат преку маршутите на вкусот и на културата. Една единствена туристичка понуда, помеѓу музеи, паркови, археолошки локалитети со бесплатен влез секоја прва недела во месецот. Воедно и плоштадите, тесните сокаци од Север до Југ, од селата до градовите во еден постојан подем на средби, изложби, саеми и фестивали. Илјадници настани за да им дадеме вредност на типичните продукти и локалната храна, затоа што и надвор од павилјоните на EКСПО, спектаклот продолжува.” Италија и EКСПO: доверба, солидарност, напредок.

Од првото издание во Лондон, во 1851 година до она во Шангај 2010, сите изложби биле засновани на три основни вредности одредени во зависност од чувствителноста и темата одбрана од земјата домаќин: доверба, солидарност, напредок. Овие вредности биле поставени од страна на МБИ (Меѓународното биро за изложби), интервладина организација основана во 1928 година во Париз, со цел да ги регулира зачестеноста, квалитетот и изведувањето на изложбите. Врз овие вредности ќе се заснова и овој ”EКСПО“, што ќе се одржува од 1-ви мај до 1-ви октомври 2015 год. во Милано. Но, една ваква изложба не претставува новина за град како Милано. Всушност, во 1906-та, на изложбата бил формиран Саемот во Милано. И годинава повторно е ред на Милано да биде град-домаќин на најголемата светска изложба.

Овој пат, темата избрана од страна на Милано, ќе биде соочувањето со историјата на човекот и производството на храна, во своето двојно значење на вреднување на културните традиции и на потрага по нови методи за нејзино создавање. Изложбата ќе биде направена преку една отворена форма во согласност со новото значење што Светската Изложба го здобила во текот на времето: не само индустриски излог, но пред сé една етапа од културната траса, раст и промена што ја вреднуваат интеракцијата меѓу народите, при тоа почитувајќи ја планетата Земја. ЕКСПО Милано 2015 годинава ќе се обиде да ја претстави виталната енергија што храната – симболот на гостопримливоста, ја носи со себе. Со текот на времето оваа приказна сé повеќе давала централно место на човекот, сé до засновањето на изложба чијшто концепт во целост се заснова на човечката фигура.

Целта на овогодинешното издание ќе биде активно вклучен посетител, што трансформира своето искуство во свест. Миланскиот настан е врв на тој процес на трансформација на длабоката смисла и на финалните цели на изложбите. Историските, политичките и економските настани секогаш имале влијание врз одвивањето на глобалните изложби: индустрискиот развој, раѓањето на нови економски сили, историско-дипломатските односи, како и светските војни, ги одбележале, а понекогаш и условиле сите изложби. И во овој период на глобална криза, во којашто човекот сериозно се соочува со недостиг на храна (според проценките на Светската здравствена организација повеќе од 805 милиони луѓе живеат во лоши услови и се соочуваат со недостиг на храна), EКСПО 2015 Милано ќе се обиде да предложи решенија и интелигентни начини за борба против гладта што погодува голем дел од населението од Третиот свет. Тешко е да се запомнат сите изложби признаени од страна на Меѓународното биро за изложби, но од изданието во Лондон од 1851-та до она во Дубаи, што ќе се реализира по Милано и Брисел, можно е да се лоцираат, од една страна трагите што човекот ги оставил на земјата, а од друга страна, никулецот на промената во односите што секој народ ги воспоставува со својата територија, со своите плодови и следствено на тоа со храната и начинот на исхрана. Ова семе надеж созреало до тој степен што денес доведе до одржување на изданието на Изложбата во Милано 2015, насловена – “Да ја нахраниме Планетата, енергија за животот” којашто подробно ќе ја истражува важноста на исхраната за сите нас и улогата на човекот во овој процес. Учесници на изложбата во Милано ќе бидат земјите од целиот свет кои биле повикани да дадат свој придонес на темата насловена

“Да ја нахраниме Планетата, енергија за животот”: вкупно 145 земји, 3 меѓународни организации, 13 организации од граѓанското здружение, 5 корпоративни павилјони. А на сите нас, не ни останува ништо друго освен да ги броиме деновите до почетокот на овој настан од глобална важност, во кој секоја земја, повикувајќи се на сопствените традиции и искуства, ќе предложи можни решенија за соочување со предизвиците поврзани со перспективите на храната.

Даниела Здравковска