Институтот Данте Алигиери од Скопје ја имаше единствената можност и чест оваа година да биде избран заедно со комитетите од Малага и Тунис за да учествува во проектот “La Dante al premio Strega” (Данте на наградата Стрега).
Проектот предвидуваше гласовите во име на Асоцијацијата Данте Алигиери да бидат засновани на гласовите изнесени од горенавдените комитети. Според правилникот, секој од овие комитети требаше да ги произнесе гласовите на комисија од најмногу 20тина учесници. Институтот со огромно задоволство и ентузијазам ја прифати оваа можност за чија цел формираше жири-комисија од 14 учесници предводена од претседателот на Институтот Данте Алигиери од Скопје, проф.д-р Анастасија Ѓурчнова. Учесниците во комисијата во краток период ги прочитаа 12те романи номинирани за наградата Стрега.
На 2 јуни се одржа средба во просториите на Институтот на која жири-комисијата Стрега од Скопје меѓусебно ги размени впечатоците и оцените за секој од номинираните романи со цел критички да се пристапи кон секое од делата. Гласот за најдобриот роман потоа, секој член од комисијата анонимно го изнесе преку соодветна електронска процедура. Инаку, наградата Стрега е книжевна награда која годишно се доделува на автор или авторка на прозно дело објавено во Италија во периодот меѓу 1 април од претходната и 31 март од тековната година. Од 1986 год. овој избор е во организација на Фондацијата Белончи чии основачи се Марија и Гофредо Белончи. Енио Флајано, Елза Моранте, Умберто Еко, Алберто Моравија, Примо Леви, Николо Аманити, Тицијано Скарпа се само дел од добитниците на оваа престижна награда.Доделувањето на наградата Стрега се заснова на гласовите од гласачкото тело составено од 400 културни работници наречено Amici di domenica. Секое од номинираните дела го промовираат двајца членови на Amici di domenica. Изборот на најдоброто прозно дело се состои од две гласања: на првото гласање кое се одржува на средина од месец јуни во куќата на семејството Белончи се избираат 5те најдобри дела, додека пак, на второто гласање кое се одржува во првиот четврток од месец јули во вилата Џулија во Рим се прогласува победникот.
Годинава одлучувачките гласови ги сочинуваа: 385 гласови на Amici di domenica, 15 колективни гласови од училишта, универзитети, институти за култура во странство (меѓу кои и нашиот Институт) и 60 гласови на т.н посветени читатели кои ги одредија петмината финалисти: – Фабио Џеновези – Chi manda le onde – Mауро Ковачич – La sposa – Никола Лаџоја – La ferocia – Maрко Сантагата – Come donna inamorata – Елена Феранте – Storia della bambina perduta Делото La ferocia на авторот Никола Лаџоја на 2 јули свечено беше прогласен за победник во изборот на најдобар италијански роман за 2014/2015 година. Претходно, на 8 јуни Фабио Џеновези ги освои симпатиите на младата читателска публика и ја освои наградата Стрега-Џовани (Стрега на младите).
Koмитетите на “Данте“ пак, својот глас го дадоа на Виничо Капосела (Il paese dei coppoloni) кој не влезе во големото финале, иако ја освои читателската публика на Асоцијацијата Данте Алигиери. Инаку, од минатата година, фондацијата Белончи започна со организација и на избор на најдобро прозно дело на ниво на Европа, во соработка со Претставништвото на Европската комисија во Италија и Домот на литературата на Рим, така што европската Стрега за 2015 година ѝ припадна на украинската писателка Катја Петровскаја со романот напишан на германски јазик Forse Esther. Наградата Стрега, како што раскажува Алесандро Пиперно, ја раскажува Италија, го документира италијанскиот јазик, промените, традицијата. Изминативе години наградата Стрега ги охрабри Италијанците да се читаат, да го читаат своето минато и сегашност огледани во современата проза.
www.premiostrega.it
Драгана Казанџиовска